По завршување на вториот круг локални избори кај нас во ВМРО-ДПМНЕ силно свети алармот. Свети, писка, вреска и алармира. Тоа е аларм дека се движиме кон амбисот како политичка партија, но и држава, бидејќи сме власт и одговорни за Македонија.

Дали сега драги мој сопартијци по вториот круг локални избори ви стана јасно какво е значењето на идеолошката борба? Колку таа борба има долгорочна перспектива и дека во исто време земањето на власта врз идеолошка основа значи нејзино долготрајно зачувување.

Кога ќе се врати Мицкоски од Брисел со еден негативен и поразителен извештај на ЕК во кој повторно ќе му биде нему, но и на сите нас јасно кажано дека без промени на Уставот нема ништо од ЕУ и кога ќе му бидат (ни бидат) предочени сите негативности и стагнацијата и назадувањето на државата, реториката ќе биде дека еве сега по локалните избори ќе почнеме да работиме. А што работеше изминатите 16 месеци владата на Мицкоски? Чекаше локални избори и негуваше анти ЕУ, анти НАТО, анти Бугарска и про Српска (читај про Вучиќ) и про Руска нарација и практично однесување. Затоа на мислење сум дека Мицкоски нема да се движи во правец на целосни реформи на ВМРО-ДПМНЕ (демократизација на партијата и ревитализација), ниту на било какви промени во државната администрација или донесувањето и имплементацијата на законски одредби кои ќе ја придвижат Македонија, а за уставни измени и да не зборуваме. Тоа што ќе се случува според сегашните состојби е можно да се движи во комплементарни два правци:

Прво, во подготовка за предвремени парламентарни избори на пролет, а со цел да се купат уште четири години мандат додека сеуште се има некаква предност при умрениот СДС и ДУИ во опаѓање. При тоа, како забава за народ ќе се понуди „одговорност“ на Данела во град Скопје, „одговорност“ на Стевче Јакимовски за „бетонизацијата“ во Карпош и глумење некаква работа.

Второ, ќе се моли кај нашите стратешки партнери – Обединетото Кралство, како гарантори да влијаат врз комерцијалните банки за да се добие дел од шесте милјарди кредит за да се прикаже дека нешто се инвестира, односно да се свртат барем пола милјарда евра во социјалните пакети и да не се банкротира. Крајната цел е секако добивање на предвремени парламентарни избори.

Математиката е едноставна. Пред Европа повторно ќе има оправдување, ни треба време, избори се, да завршат па ќе работиме на наоѓање на решение (или жими мајка ќе сменам устав по избори). А на ЕУ токму ќе и биде грижа за нас и за нашите балкански измами. Пред напатениот народ и тоа што ќе остане тука да преживува, ќе се делат спротивно на законот зголемувања на пензиите како лижавче, ќе се глуми дека се гони криминалот а ќе имаме насоченост само кон неколкумина кои јасно се спротивставија на Мицкоски и го натераа да потроши време и ресурси но без видлив резултат барем во бројот на гласови. Пред партнерите од ВЛЕН и со нив заедно да се овозможи формирање на влада со сигурно заедничко мнозинство. Математиката е едноставна и за про руските сили во Македонија. Да се остави Мицкоски и нашата ВМРО-ДПМНЕ во темнината на без идеолошкото делување и организацијата како бизнис компанија во која ќе има 50 илјади клиентелисти – бизнисмени и 250 илјади слепци кои ќе чекаат да им падне некоја трошка. Да се засилува постепено Левица, најпрво на сметка на СДС при што оваа фаза е скоро завршена и за кратко време СДС ќе исчезне од политикантската сцена на Македонија, така што токму на тие предвремени избори Левица и во пракса на терен но и во Собрание ќе покаже и номинална и идеолошка и политичка сила како единствена опозиција. Веќе потоа што не би се изненадил многу брзо бидејќи со една таква пред се идеолошка сила Апасиев ќе може да придвижува протести (а за Македонија и 20 илјади луѓе на протест се многу) и како резултат на нив да предизвика пад на владата на Мицкоски и тоа веќе кон крајот на идната година.

Токму анализата на резултатите од вториот круг на локални избори и тоа низ призмата на апсолутните бројки а нели Мицкоски е математички прецизен, ни дава јасна слика за тоа во кој правец се движи општеството. Но уште повеќе ни дава информации за тоа во каква криза сме ние како ВМРО-ДПМНЕ. Тоа е пред се и на прво место, идеолошко-политичка криза, или народски кажано немање компас каде сме, каде припаѓаме и каде се движиме. Токму оваа идеолошко-политичка дезориентираност ќе не доведе до потполн колапс. И колку и да свети и писка алармот дека се движиме кон амбис, доколку ние како членови на ВМРО-ДПМНЕ не се освестиме нашиот политички пад ќе биде страотен тресок и тоа по директен и груб од оној на СДС умрено кое тивко згаснува. Што ни покажуваат броевите?

Едноставно драги мој сопартијци, нема простор за еуфорија и радост. Одамна ви реков дека градоначалник се добива и со еден глас повеќе од противникот, едноставно таков е моделот, мнозински. Токму тоа ви го најави и Апасиев уште сношти, дека прво нешто што ќе бара тоа е промена на изборниот модел. Тоа што е исклучително опасно за нас како држава и како партија е трендот. И за тоа ви пишував, опасни се трендовите особено доколку не се превенираат и сопираат, пренасочуваат. А трендот се покажа во 95 илјади гласови за нашиот кандидат Орце наспроти 61 илјада за кандидатот на Левица, Амар. Да номинално победивме со малку под 34 илјади гласови разлика. Но на 167 илјади излезени избирачи имаме над 10 илјади неважечки ливчиња или околу 7% на излезеност од 35%. Погледнете ги резултатите од гласањето во општина Карпош. Од 28.724 излезени граѓани на гласање, имаме 2.834 неважечки ливчиња. Прашањето е: „Дали овие граѓани се неуки и згрешиле при гласањето, не сакале да изберат ниту еден од предложените кандидати или можеби во процесот на броење намерно се направени да бидат неважечки“? Секако, за да докажеме дека имало манипулација потребни се конкретни докази. Но самото тоа што во една сензибилна општина како што е Карпош и следејќи ги изборите премногу е симптоматично да имате 10,5% неважечки ливчиња. Особено кога разликата за победа изнесува 1.134 гласа или малку над 1/3 од вкупниот број на неважечки ливчиња. И во општина Аеродром бројот на неважечки ливчиња е голем, околу 9%, но таму нашиот кандидат нема тесна победа, туку победи скоро дупло пред кандидатот на СДС умрено. Но и во општина Центар за гласање за градоначалник на Скопје имаме 11% неважечки ливчиња. Впрочем тие што не сакаа да гласаат и не излегоа, поради што не се баш јасни причините за големиот процент неважечки ливчиња во градот Скопје. Ова е видливо на примерот на општина Тетово каде процентот на неважечки ливчиња е малку над 5%, во Кичево со 4% и Куманово со 4% неважечки ливчиња. Иако и во Куманово бројот на неважечки ливчиња е поголем од разликата со која Димитриевски победи.

Во трката за град Скопје, Орце успеа да мобилизира помеѓу двата круга уште едвај 4 илјади гласови, додека Амар врза за себе уште 31 илјада. Дека како што ви напишав пред некоја недела во коалицијата на Мицкоски или неговото политикантско семејство врие од инцестност и не се знае кој кого, но најмногу ВЛЕН него, бидејќи излезноста во Чаир и Сарај е минимална. Тоа ќе значи дека за мнозинство во Советот на град Скопје ќе мораме многу да испорачуваме на ВЛЕН, иако тие јасно не не поддржаа во Скопје за нашиот кандидат за градоначалник. Додека во Тетово нашите сопартијци му ја донесоа победата на Касами. Ова е јасна тенденција дека при 65% не излезеност на Скопјани, и состојбата во Куманово, иницијативата во ИЕ 1 и ИЕ 2 на евентуални парламентарни избори нема да биде на наша страна, туку на страна на Левица, посебно доколку СДС умрено и буквално падне во клиничка смрт, а левичарите од ЗНАМ преминат кон Левица. Зошто ИЕ 2? Па затоа што Куманово како носител на гласови во ИЕ 2 не е во рацете на ЗНАМ. Димитриевски победи со едвај 1.301 глас разлика од Диро и тоа благодарение на нашите членови кои ги излажаа дека „Максо ќе иде за амбасадора па наш прецедавач на совет ќе стане градоначалник“, или „Не умри магаре до зелена трева“. Бидејќи во СДС умрено ќе се засили започнатата борба на кланови, нема да ме изненади Диро со неговите поддржувачи онака случајно да премине кон Левица, па дури и дел од ЗНАМ да преминат кон Левица. Ете така во ИЕ 1 и ИЕ 2, посебно во урбаните делови нашите проблеми ќе се мултиплицираат и тоа во корист на Левица. Интересно е тоа што Левица силно влијае во урбаните средини и тоа ќе се засилува, затоа што нуди видлива левичарска идеологија. Обидите да се навредува Амар на социјалните мрежи и во првичните изјави на Орце се контрапродуктивни и покажуваат ароганција уште пред да се преземе функцијата во градот Скопје. Кога вака започна, кој знае како ќе заврши, а допрва ни доаѓаат проблемите за кои нема да можеме по навика преку ПР да се повикуваме „на оние претходните“.

Сепак, тенденциите во однос на раст на Левица низ политичко-идеолошката призма и политички фактор на македонската политикантска сцена нема да бидат без последици врз целото општество. Како што ви реков, Апасиев гради систем заснован врз политичка идеологија и принципи. Може да не ни се допаѓа, посебно идеолошки на нас десничарите, но при една анализа која мора да е сериозна, неопходно е да се каже вистината. Системот на Апасиев во себе содржи морални основи на левичарство кои јасно се промовираат, особено во непомирливата политичко-идеолошка борба. Тој нас од ВМРО-ДПМНЕ не гледа како идеолошко-политички противници со сосема спротивни идеолошки цели, а пред македонската јавност не слика како криминално здружение. И не само тоа, ние самите на себе си штетиме со тоа што нашата партија ја претворивме во бизнис-клиентелистичка корпорација по урнекот на мафија, без политичка идеологија, односно со основна идеологија ПАРИ. Тоа му дава простор на Апасиев да низ левичарски идеолошки наратив гради политики достапни, разбирливи и прифатливи за широките маси и како што ви кажав засновани на сентиментот кон СФРЈугославија и бунтот кон власта која 35 години го потиснува обичниот човек. Во таа власт сега главна персонификација ќе бидеме ние како ВМРО-ДПМНЕ. СДС умрено веќе никој не го смета за релевантен политички субјект. Во овој миг по вториот круг локални избори, бројот на пратеници од СДС е сосема нерелевантен и ништо не значи. Тоа ќе го видиме и на дело во дебатите кој во Собранието ќе следуваат а што и го најави Амар. Токму еден таков наратив со јасен левичарски идеолошко-политички правец ќе му даде политичка моќ на Апасиев во иднина. Особено доколку успее да ги разбуди оние 65% заспани кои не излегоа а кои доколку и за само 25% се зголемат во излезноста, тешко дека ќе гласаат за нас при една ваква очебијна наша политичко-идеолошка празност и потполна стратешка државна дезориентираност.

При тоа, да не заборавиме дека семејните политикантски партнери на Мицкоски од ВЛЕН, но и оние од ДУИ ја покажаа својата нелојалност во секој поглед и како што ви напишав непостоењето на нивна политичка идеологија туку исклучиво воспоставената нациоанлистичко-шовинистичка игра. Тие во овој втор круг локални избори потполно покажаа дека не ги интересира што се случува кај нивниот семеен, коалиционен и владин партнер Мицкоски и јавно ги поразија неговите божем политики. Ова е уште еден сериозен индикатор а се однесува на потребата од итно отворање на нашата партија врз идеолошко-политичка основа. Всушност тоа е основата на демократизацијата и ревитализацијата како принцип на Внатрепартиската фракција.

И за крај, да не заборавиме зошто уште свети и писка алармот. Затоа што со освоени 301 илјада гласови на советнички листи во моментот, ние како ВМРО-ДПМНЕ владееме со Македонија со под 17% поддршка. И тоа е поддршка воглавно од Македонци. Замислете доколку Апасиев успее врз идеолошки основ да ги обедини и извади на избори останатите барем 35%, како ќе треснеме и нема повеќе да станеме. Особено сум уверен дека и на голем дел од нашите сограѓани, македонските Албанци, посебно во урбаните средини им е примамлива идејата за политичко-идеолошко а не национал-шовинистичко обединување кое е единствено од интерес на политикантските племенски лидери и семејни партнери. Токму ова е идејата на Апасиев и се движи во таа насока, по СДС умрено да го умре и нашето ВМРО-ДПМНЕ а потоа какви што сме си како народ, ќе ни требаат децении да се разбудиме за да ја поправиме штетата. А Македонија нема време во месеци а не пак во децении. Посебно доколку руската „братска прегратка“ не стисне, тешко дека ќе не пушти а да не не искрши. Да се сетиме на руската братска прегратка кон Унгарија 1956 година која Унгарците ја заборавија, или кон Чехословачка 1968 година која и Чесите и Словаците ја заборавија. Ние не сме ниту Унгарци ниту Чеси и Словаци и во оваа опкружување и геополитика тешко дека ќе преживееме како народ, нација и држава Македонија во „братската прегратка“ на Путин кон која не носи Апасиев со поддршка на Мицкоски.

Верувам дека овие тенденции ќе ги разбудат оние кои досега не излегуваа да гласаат од разни причини, особено дека „не ги интересира политика“, но посебно се надевам дека ќе не разбудат сите нас во ВМРО-ДПМНЕ. Последен миг е да се опаметиме и да ја демократизираме партијата, со што ќе ја ревитализираме и ќе се вратиме на јасните десни идеолошки основи, ослободувајќи се од 50 илјади клиентелисти кој ни носат само штета.

Алармот ќе свети и ќе писка, но на крај ќе прегори, а потоа ќе биде доцна и не еуфорично.

 

Оливер Андонов

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *