(или за нарачаната врева и молк по потреба, за да се биде „комотен“)

 

Да се чувствувате комотно во животот, значи дека се ви е по тамам. Е па драги мој, очигледно дека на премиерот и лидериште на нашата партија ВМРО-ДПМНЕ, се му е по тамам во животот. Тоа што како претседател на владеачката коалиција и шеф на извршната власт во Македонија му е се по тамам може да значи само две работи: Прво, дека во Македонија како држава и општество е се дотерано до перфекција благодарение на неговото владеење, па така нема за што да се вознемирува и може да биде комотен и самозадоволен. Второ, дека го „боли уво“ или нешто друго, за тоа како е во Македонија и во каква состојба се наоѓаат граѓаните и целото општество, важно тој си е на власт и во таа негова милина и убаина се му е по таман.

Се останато што прави, вклучително и личниот ПР дека божем работи нешто, е само една обична балканска УКА-БУКА.

А што е во прашање, еве проценете сами, да не биде дека професорот Андонов е тенденциозен и ве наведува на погрешни, грешни и еретички мисли. Ова посебно се однесува кон нашите сопартијци од ВМРО-ДПМНЕ кој доколку утре нема да можат да се потпрат на ука-буката која ја прави денес Мицкоски. Овде сметајте и на ука-буката околу божем новиот ИК а посебно за тенденциите и целите на истиот за што ќе ви објаснам во следната колумна.

Е зошто Мицкоски прави ука-бука, или одвлекува внимание на балкански начин?

Затоа што како докажано лидериште, со недофатлив за ЕУ стандардите демократски капацитет, политичко разбирање за потребите на македонските граѓани и ценета величина во Европските Народни партии (ЕПП), заедно со неговиот ментор Вучиќ (исто така ценета демократска и политичка величина), наместо на состанок на лидерите на ЕПП на чело си Урсула и Вебер во Загреб, тој е тука со градоначалникот на Скопје. И токму од тоа што се случува во Скопје треба да се направи што поголема ука-бука за да не се свртат граѓаните кон европските прашања.

Ука-бука е и затоа што Мицкоски е опкружен со своите (подлизурковци), затоа што се обидува да им глуми паметен, начитан, елоквентен математичар, а тие тоа му го дозволуваат. Дури му дозволуваат да им ја зема и работата, па наместо Орце како градоначалник на Скопје да се грижи за градот и промовира реконструкции и изградба на локална инфраструктура, тоа како врховен градоначелник го прави Мицкоски. Типично локален менталитет на балканска ука-бука од која на крајот нема да има ништо.

Ука-бука прави Мицкоски и затоа што преку истата тој треба да е најпаметен. Најголем математичар кого не смееме да го предизвикаме во равенката со три непознати. Тоа што тој е изгубен во координатниот систем (X, Y, Z) и што не знае во кои координати се наоѓа Македонија, е за тоа нека му мислат граѓаните.

Правеше Мицкоски ука-бука и околу инвестициите во здравството, од Државниот клинички центар, па преку стратешките инвестиции од Франција се сведовме на реконструкција на Општата болница 8-ми Септември со што настана поголем проблем со операционите сали.

Е сега, нема некоја ука-бука кога новинарите треба на Мицкоски да му поставуваат некакви нормални, логични прашања а не пак провокативни со што во само едно прашање би побарале одговори и одговорност од него за неспособноста во владеењето.

Нема ука-бука и за тоа што Мицкоски не оди никаде надвор низ ЕУ на билатерални состаноци. Едноставно никој не го ни повикува, освен кога се во прашање формални групни средби во рамките на некои иницијативи на ЕУ или на меѓународни конференции на кои додека не стана премиер не се појавуваше, но сега со полна уста се фали и крева ука-бука како ќе оди на Минхенската безбедносна конференција. Му препорачувам на Мицкоски да си земе некој навежбан и брз фотограф за да го фати делот од секундата кога погледот ќе му се сретне со некој светски или европски лидер. Многу е важно за понатамошната ука-бика во ПР-от.

За волја на вистината, Мицкоски не крева ука-бука околу тоа што не разговара ниту со амбасадорите на земјите членки на ЕУ во Македонија, нив едноставно ги игнорира како што ги игнорира и сите критичари кои со многу факти ја критикуваат неговата неспособност, а наскоро ќе дојде на ред и неговиот демократски капацитет. Но затоа имавме молскавична ука-бука за средбата со кинеската амбасадорка, што одеднаш стивна, а знам и зошто. Интересно, не се дигна ука-бука ниту во врска со одбележувањето на 154 години од раѓањето на македонскиот великан Гоце Делчев. Изминативе години имавме нарачана масовност и паѓање во несвест, бранејќи го гробот на Гоце од „клетите Бугари“. По се изгледа, употребната вредност на Гоце за популистичките потреби на Мицкоски помина, па сега нема за што да му ги потресуваме коските, ќе се врати Мицкоски на Гоце кога пак ќе му затреба да прави божем патриотска ука-бука.

Се дигна ука-бука дека веќе минатата година Алказар енерџи ќе инвестира во ветерен парк кај Штип и Радовиш, како што Мицкоски направи ука-бука во врска со хидроцентралите и „стратешките“ енергетски разговори во Давос, за да неговата министерка за енергетика ни соопшти дека буџетот ни е во лоша состојба и немаме капацитет за изградба на енергетска инфраструктура, што би се рекло, е токму буџетот е прашање за кое Мицкоски не сака да прави ука-бука. Се издиша и ука-буката околу шестте милјарди кредит-гаранција од Обединетото Кралство, а тоа ни го кажа министерката за финансии правејќи ука-бука во внатре владините лични односи.

Комотен е Мицкоски и нема потреба да прави ука-бука единствено во партија, затоа што освен Внатрепартиската фракција за ДЕМОКРАТИЗАЦИЈА и РЕВИТАЛИЗАЦИЈА на ВМРО-ДПМНЕ (ова ревитализација добро запомнете го, бидејќи наскоро ќе треба токму тоа да го спроведуваме во партија откако најпрво ќе ја демократизираме), полтроните и клиентелистите го фалат секоја секунда како да е божество. Токму таа фалба и ќе им се скрши од глава на клиентелата и тоа токму од самиот Мицкоски, само почекајте уште малку и ќе се уверите. А тој си е до толку комотен што дури му е успорен и дегистивниот тракт, па еве по два месеци некако ги свари, пардон, дигестира и исфрли од дигестивниот тракт дел од новите функционери во партија на чело со Извршниот комитет. За рекла – казала муабети по партија и за да направи ука-бука во владата за да ги занимава неговите министри а овие да се борат за неговата љубов, си пушта приказни дека ќе ја реконструира владата. А ќе прави Мицкоски ука-бука во партија допрва преку избор на ново-стари (што би рекол) претседатели на ОК, потоа на нови претседатели на Униите, па се до занимацијата за членство, наречена ажурирање. Да се запрашате драги мој сопартијци зошто вие не си ги избирате претседателите на ОК, туку Мицкоски ќе ви ги наложи, како и тоа кого се ќе наложи за претседатели на Униите. Може ќе се запрашате но уста нема да отворите, посебно не јавно. Ова околу ажурирањето е секогаш добра алатка за неколку месечна занимација и е операција надвор од Статутот која би требало да се нарече по онаа старата: „Кога попот немал што да работи, крстел јариња“. Едноставно е, кога стануваш член на ВМРО-ДПМНЕ остануваш се додека самиот според Статут не побараш да ти престане членството или исто според Статут не те исклучат од партија под одредени услови. Така што ажурирањето е само уште еден момент на ука-бука за внатрепартиски потреби. Главната ука-бука за внатрепартиска забава ќе биде не именувањето на потпретседатели со што онака затскриено-фино власта ќе ја концентрира кај себе, а генералниот секретар Ковачки ќе има улога на плашило за сите, вклучително и министрите. Само да ви кажам дека тешко е да живееш исплашен, под притисок и постојан стрес, нема пари кои тој напор може да го платат, а посебно кога го знаеш крајот кој се гледа, и така…

Прави Мицкоски ука-бука и околу владата. Нема да му падне се додека оние од ВЛЕН ја спроведуваат европската агенда за уставни измени која требаше да заврши за три месеци, а потоа за девет и сега веќе не се ни споменува. Значи, Мицкоски може да си ужива и по прашање на Меџити. Но ние сите во Македонија нема да можеме да бидеме толку мирни, посебно откако Албанија ќе влезе во ЕУ и ќе ни испорача дополнителни услови (веројатно со јазикот 20% во Устав, како за почеток), а за што се свесни овие од ВЛЕН, но така им е кажано да играат. Но за ова Мицкоски не прави ука-бука, туку трае и дефокусира.

Најмалку Мицкоски направи ука-бука кога за директорот на Агенцијата за стокови резерви го стави Кока, роднината на Меџити. Нема врева, дури и спротивно на Шекспировското, има потреба за врева и тоа не за ништо. Е сега за овие со кратко паметење. Тоа ли е оној Кока што божем му правеше атентат на Мицкоски кога овој божем протестираше за тоа дека не го дава Гоцета Делчев? Дошло време да се плати долгот за театарската претстава за која уште тогаш ви кажав кој е режисерот а кој се лошите актери. Но како што и секогаш бива, драги мој сограѓани и драги мој сопартијци вие подоцна се сеќавате дека ве лажеле непрокопсаниците. И не е проблем тоа што ве лажеле и што ве излажале, се случува, туку што продолжувате да им верувате. За волја на вистината, вие (ние) му простивте на Бранко, па на Црпко-Заев, па сега на Мицкоски, како и на мнозина други кои ве излажаа и ве искрадоа. Проблем, и тоа голем е што не знаете да кажете „дотука“, ајде оди си затоа што не покажа никаков квалитет и способност и не урниса како општество, држава и луѓе.

Мицкоски не е комотен само во еден сегмент, иако се обидува и во тој контекст да направи ука-бука. Тоа се Синдикатите. Тие го вадат од кожа, бидејќи не може сите да ги поткупи, не му успеа да направи паралелни синдикати секаде. Не му успеа ПР стратегијата да ги закачи Синдикатите на политикантството на СДС, а не му оди ниту со веселата математика па сега се обидува да прави ука-бука со поедини гранкови синдикати правејќи по два репрезентативни. И прв на удар е УПОЗ односно администрацијата. Знае Мицкоски дека доколку администрацијата се крене на генерален штрајк, готов е. Како што преку весела математика се обидува да ги зачува платите на избраните и именувани функционери, бидејќи ако нивните плати тргнат надолу, знае дека е готов и ќе му откажат љубов. А тогаш веќе не вреди правењето ука-бука, Си ги знае тој, како што и тие него си го знаат кога се во прашање паричките. Лукративноста над се и пред се.

Токму затоа што е видливо дека Мицкоски нема простор да прави ука-бука во социјалната сфера, за очекување е дека нема да има шарени револуции и слични глупости, Сороси, божем намерни уривања на владата и друго, преку кои ќе се обиде да ги дезавуира и оцрни Синдикатите. Ќе има социјални протести во Македонија и токму тоа ќе го урне Мицкоски и неговата влада. Но тоа уривање ќе биде проследено со тресок во кој тресок ќе тресне и нашата партија. А во тој тресок Мицкоски ќе тресне така што ќе се крие и ќе бега, бидејќи кога човекот е гладен, нема сила некој да го сопре. Е дури тоа нема да биде ука-бука за зафрканција, туку сериозна бучава и УАА.

Токму за оваа полтронско однесување на наши божем сопартијци, зборуваше и Трендафилов претседателот на Синдикатите. Но на Мицкоски не му се слуша и се обидува да направи сопствен политички синдикат. Посебно кога тој синдикат поддржува зголемување на плати на функционерите, но не и на работниците.

Е па Мицкоски, очигледно дека на граѓаните им е преку глава од твојот ПР. Оние јадници, клиентелисти и полтрони во партија самите избрале да бидат на јавен потсмев, бранејќи ги твоите асоцијални, глупави политики. Но ти сакаш такви, клиентела, полтрони кои немаат сопствен идентитет, углед, интегритет и се подготвени да ти се упикуваат јавно и да тресат глупости. И сега, со такви полжави ти онака „храбро“ ќе ни го браниш идентитетот. А гледам дека ќе не браниш и од протестот на Ромите кој во основа е социјално прашање забошотувано и не третирано повеќе децении. Но наместо да се бара решение ти од тоа правиш ука-бука.

 

Додека е Мицкоски премиер

 

Ова е јавно искажана будалаштина на квази патриотизам. Ами Христијане, ти не си премиер, ти си само врховен градоначалник или поточно координатор на градоначалниците. Дотука си стигнат, иако најавуваш реформска година за да направиш ука-бука.

И од оваа божем цврста политичка изјава правиш ука-бука во надеж дека некој ќе се фати на мамката. Всушност мифките се познаваат во немањето храброст да ја водат својата држава во иднина, предвидлива, економски сигурна и развојна, во ЕУ. Туку напротив со правење ука-бука се кријат зад божем патриотизам и божем големи зборови кој треба да го запалат народот кој пак живее во сиромаштија. Еднаш ти напишав за тоа околу „големиот лаф“, ама тебе изгледа тешко ти влегува в глава. А да, повеќе си во врска со дигестивниот тракт. Впрочем тоа го покажуваш и на дело, како селски кмет по слави каде на чело на софра седиш и ти играат пред тебе додека си опкружен со полтрони и клиентелисти.

Водејќи се од логиката дека со изјави не се води политика, па дури не поминува ниту ефтино политикантство, очигледно е дека за твојата изјава од собраниска говорница со цел да направиш ука-бука и да ќариш малку време и краткорочна поддршка кај оние кој не разбираат што всушност им кажуваш, еве јасна порака до тебе и до сите како тебе и оние кои ги лажеш. Всушност ти ни порача дека додека си ти божем премиер, ние сите и нашата татковина Македонија нема шанса да бидеме дел од ЕУ. Ова драги мој читатели треба да ви биде јасно. За да не ве заглушува Мицкоски со ука-бука на празни фалби и зборови.

Предлогот до тебе Христијане е: „Повели организирај референдум со едноставно референдумско прашање – ДАЛИ СТЕ ЗА ПРОМЕНА НА УСТАВОТ НА МАКЕДОНИЈА СО ЦЕЛ ВНЕСУВАЊЕ ВО НЕГО НА ПЕТ ЕТНИЧКИ МАЛЦИНСТВА, ВКЛУЧИТЕЛНО И БУГАРСКОТО?“

Води јавна кампања против, користи твои медиуми, лажи, мами и измислувај, но спроведи референдум, чист референдум под мониторинг на ЕУ и ОБСЕ-ОДИХР.

Кога ќе ги видиме резултатите од референдумот, тогаш ќе престане оваа ука-бука што ја правиш. Доколку референдумот помине и македонските граѓани се согласни да се внесат петте други етнички малцинства во Уставот на Македонија, тогаш ти да се повлечеш од местото премиер и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, да се отвори уставот и да се заврши обврската со Уставот за три месеци и веднаш потоа да се оди на брзи предвремени избори.

Ете тоа е решение и за нашите маки и проблеми. Ти немаш такви проблеми, тебе те мачи само како да смислиш нова ука-бука која ќе ти го продолжи политичкиот живот за да се добереш до местото Претседател на Републиката. Што би се рекло ајде не биди мифка охрабри се и покажи кичма па соочи се со проверка на твоите клучни политики преку референдум.

Во спротивно политиката на Мицкоски ќе ни биде ука-бука, а резултатот минус. Ќе заврши и стагнацијата како не назадување, а тоа најдобро ќе го покаже Синдикатот и работниците.

Не, Христијане не си ти крив за ука-буката што ја правиш. Ти друго и не знаеш! Криви сме ние. Ние, членовите на ВМРО-ДПМНЕ! Криви сме што молчевме кога твоите ментори, оридинарни криминалци, те востоличуваа на престолот. Криви сме што се потргнувавме давајќи простор на твојата неспособност. Криви сме што ги затваравме очите пред твоите фрустрации, неморал, разно-разни зависности, оксиморонски мисловни способности… КРИВИ СМЕ НИЕ!

 

Оливер Андонов

 

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *