Како што ви најавив во претходната колумна, драги мој сопартијци, еве да ви објаснам што тоа Мицкоски прави со нашата партија. Секако не сум убеден, дека дел од вас гледаат и знаат што се прави и како се носи ВМРО-ДПМНЕ во пропаст. Тоа што се прави засилен – вулгарен ПР нема да ја поправи состојбата во пракса, а и во иднина.
Гледам откако Мицкоски ги издегистира, новите членови на Извршниот комитет, овие нозе искршија на социјалните мрежи да му се заблагодаруваат за укажаната доверба. Да не знае човек дали да плаче или да се смее над сопствената судбина што како луѓе и уште згора и членови на ВМРО-ДПМНЕ заглавивме со една проста маса безр’бетници, ами парамециуми.
И уште мотото на првиот состанок на ИК е „Го слушаме гласот на членството“. Ами Мицкоски, членството да не ти ги избра членовите на ИК или можеби членството тебе те избра за претседател на нашата партија ВМРО-ДПМНЕ? Откаде ти токава храброст да се мајтапиш со членовите на нашата партија дека го слушаш гласот на членството. Доколку го слушаше нашиот глас голем дел од тие кои седат во ИК немаше да можат да влезат во партија, како што впрочем и не може да влезат во скоро ниту еден ОК а да не зборуваме за МК. Нешто чудно ти се случува со перцепциите или до марихуната ќе да е?
Како самите ви кажуваат се
Се намонтирал прв Мисајловски на ФБ и му се заблагодарува на лидериштето Мицкоски за тоа што го издегестирал во новиот ИК, а потоа се изредија сите по него. Ова исто како за Данела Арсовска кога Кендо прв се истопори да ја поддржи за градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ, само не знам дали потоа прв се одрече три пати од неа. Ами нели претходно беше потпретседател, а сега е само еден од триесетината во ИК. Знае Кендо дека сега е времето да му се упика на Мицкоски, пардон, претседателот, професор, доктор, негова екселенција итн. до све и свја Мицкоски, пред овој да реши да го реконструира од владата. А има и зошто да го реконструира со оглед на скандалите во одбраната во неговиот мандат, од труење во единиците, преку професионалните војници, тужбите против министерството, немањето наменска – воена индустрија, недостигот од лична и колективна опрема, „чудните“ обиди за набавка на не соодветно вооружување и опрема, ревизорскиот извештај за недостиг – зијан од 12,5 милиони евра од буџетот за изгубени спорови, неоснованите награди во кабинетот на министерот и уште многу, многу работи за кои не сакам да зборувам од разбирливи причини. А по се изгледа Кендо го фати онаа народната клетва „Да ти даде Господ краста и орлови нокти да се чешаш“ (во случајот на Кендо е ШУГА). Во таква ситуација во каква што се наоѓа Кендо, не да ќе му заблагодарува на Мицкоски, туку ќе му се поклонува по пет пати на ден. Со оглед на хвалоспевите и благодарноста кон кралот Сонце во иста ситуација се и сите останати членови на ИК. Ќе биде интересно кога ќе започнат клановските поделби, византиски игри и кодошења – дури тогаш ќе видите драги мој сопартијци како ќе го слушаат гласот на членството.
Доколку до пред една недела Николоски (како Големиот Везир – Изногут) ни рече да се радуваме – ги решил проблемите на транспортерите. Кога види, ништо од тоа (а не дека не знаевме, и не ни е прв пат, да се радуваме де), но нема ништо ниту од пругата кон Бугарија, ниту од автопатот кон Охрид, ниту од било какви инфраструктурни објекти во Македонија, освен од легализацијата на хотели во Охрид – а Охрид е убав. Па како тогаш Николоски да не биде среќен што барем остана во ИК заедно со Пецакот. Тоа што Топлина го изгуби ангажманот во РЕК Битола е само почеток, ќе следува уште, работите се дојдени до коска.
Како што ни е буџетот во „одлична“ состојба и како што платите и стандардот во државава раснат, и се задолжуваме многу успешно, Кочовска треба да е пресреќна што како другарка на Мицкоски е во ИК.
И Тимчо-статива е пресреќен, бидејќи не што немаме никаква ефективна дипломатија посебно онаа во периметарот на Трамп, пардон САД (доколку го исклучиме периметарот на ДЕА), а за ЕУ не станува прашање, туку имаме скапи екскурзии во Дубаи и Вашингтон, како и сега во Минхен, туку нема ниту развој на надворешна трговија (ако не го сметаме виното во Париз во нашата амбасада за успешна трговија). Онаа изненадувањето са царините од САД е посебна забава за народ. Оттука, уште како, Тимчо-статива претставува додадена вредност за нашата партија, посебно за ИК на Мицкоски.
И може тоа така, да му се поклонуваат на Мицкоски во една недвосмислено јасна и видлива надеж дека преживуваат заради неговата милост, а не заради сопствената способност или постигнати резултати.
Го знае тоа и Мицкоски и затоа и ги стави во ИК, да ги држи до себе и уште да ги компромитира во однос на нивниот недостиг на интегритет и интелектуален капацитет. Кога ќе ги исцеди до последната капка на минимум човечко достоинство ќе се ослободи од нив така што ќе биде сигурен дека овие нема да можат уста да отворат против него и неговиот апсолутизам во ВМРО-ДПМНЕ и погрешни државни политики. Едноставно и самите тие во се учествувале со него. Па дури и му се заблагодарувале за довербата, покрај тоа што и нешто друго правеле а за тоа знае Мицкоски, а и Ковачки. Така Мицкоски партијата си ја зема како наследена од татко му поради што тој е претседател а овие функционери кога тој ќе сака.
А никој да се сети да го праша Мицкоски: „Кој е одговорен за контрола на работата, количината на производство и постапката со вишок произведената марихуана во лиценцираните фабрики за производство на канабисово масло“?А и зошто да го прашуваат? Одговорот е многу јасен – ДРЖАВАТА, а тоа е владата на Мицкоски во последниве повеќе од година и половина. Посебно прашање е: „Има ли обвинети лица за кривични дела неовластено производство и пуштање во промет на опојни дроги и кои се тие лица?“
А што всушност ќе се случува в партија? Едноставна е математиката на Мицкоски и тоа само со X и Y. Токму во таа математика X е Ковачки како Генерален секретар. Сите „забораваат“ како во политиката дојде Ковачки и од која групација во ВМРО-ДПМНЕ (што би рекол еден наш познат новинар „Завиша филм продукција“), патем од таа групација Мицкоски се откажа пред амбасадата на САД, во 2024, за да дојде на власт. Тука е само прашање на една божем дилема. Тоа е Y – дали налогодавецот ќе го инсталира Ковачки како следен божем претседател на ВМРО-ДПМНЕ, што е помалку неверојатно, или Мицкоски во следните фази ќе го смени повторно Статутот на партијата што е по веројатно, или ќе влезе Z во игра?
Но да се вратиме на веќе втората фаза кон која ќе се движи Мицкоски. Во следните два месеци, партијата ќе се занимава самата со себе и со внатрешните клиентелистички битки, и подметнувања, улагувања и полтронизам во насока на позиционирање во Централен комитет, комисии, избор за претседатели на Општински комитет, како и претседатели на Униите. Тоа нема да заврши до крајот на Мај. Всушност тоа значи дека финализацијата и динамиката на овој процес ќе се одвива во Мај, односно по изборите во Унгарија. Токму од резултатот од овие избори ќе зависи и поведението на Мицкоски кон четирите погоре споменати ликови.
Сигурен сум дека и тие тоа добро го знаат, но уста нема да отворат и да кажат нешто, токму спротивно, ќе му се умилкуваат и упикуваат на Мицкоски до последно. Всушност состојбата е следна: Прв на листата за отстрел е Николоски (некои од амбасадите во Македонија го нарекуваат по името на еден лик од цртан филм) на кого не му успеа да биде Султан и си остана Голем Везир – до кога, ќе видиме. Патем, токму Големите Везири завршувале со свилен гајтан, што е секако правило и за Султаните, па сега нека му ја мислат кој како плете или везе. Така е тоа во апсолутизам и тоталитаризам, ако не игра јатаганот ќе се плете свилен гајтан. Но за ова во политички контекст секако, подоцна. Така, Големиот Везир по падот на Орбан (оној чичкото што на Зеленски му кажа кој ги утврдува правилата за членство во ЕУ, а нас не с’ска против самите себеси) ќе биде првиот кој ќе замине и тоа најпрво од позицијата Министер (знам и кој ќе го замени), а потоа и од позицијата во ИК. Со оглед на тоа дека Мицкоски многу добро знае колку Изнотгут не е омилен кај членството чии глас нели го слуша, тоа и нема да му биде воопшто тешко, уште кога на тоа ќе се додадат и други компромитирачки елементи. Единствен спас за Николоски може да биде чудо – односно да победи Орбан па Мицкоски да мора да продолжи да ја игра играта и тогаш ќе оди на втората варијанта, но пак Z може да се врати.
Следниот кој ќе биде реконструиран е Тимчо-статива. Не поради друго, туку затоа што Мицкоски и нему не му верува бидејќи одамна во очи му кажа: „Тимчо ти сакаш да ме смениш“. На што овој се маваше од земја тврдејќи дека тоа не е така „ПРЕТСЕДАТЕЛЕ“. Во реконструкцијата на владата која си ја најави Мицкоски и Тимчо-статива ќе биде реконструиран (а знам и кој ќе го замени во министерството). На Муцунски нема да му помогне ниту доколку остане Орбан на власт. Орбан е карта за политички живот само на Николоски.
Токму Мисајловски и покрај упорното упикување и тоа на јавна сцена (дури и меѓународна Минхенска), е оној кој ќе биде реконструиран и тоа како колатерала – другарче на Николоски. За волја на вистината има и други фактори надвор од Македонија кај кој Мисајловски одамна нема углед на позицијата на која е, но тоа не му е важно на Мицкоски. Мисајлоски ќе преживее само доколку Николоски мисли дека треба да преживее и да му е од полза. Тука главно прашање е нивниот заеднички ангажман во Унгарија од Декември 2025 година за кој никако во јавноста да кажат, посебно затоа што и двајцата чекаат што ќе донесе Април во Будимпешта.
Гордана Кочовска-Димитриевска е посебна приказна. Со сета нејзина неспособност, ароганција и лош глас во партијата и посебно во јавноста таа ќе преживее барем како член на ИК. Не поради друго туку поради поврзаноста со Мицкоски во поранешните и сегашни „бизнис“ активности. Не случајни беа нејзините изјави со кои внесе кавга во кабинетот на Мицкоски и тоа во насока кон Големиот Везир.
Е сега за првата и втората варијанта на Мицкоски. Првата варијанта ви ја кажав и таа би била идеална за Мицкоски по што со божем нови лица ќе се обиде да преживее на власт, доколку обезбеди уште некој кредит. При тоа ќе следува измена на Статутот на партијата која ќе ја води Ковачки. Патем, улогата на Ковачки во целиот овој процес ќе биде улога на лошиот, додека Мицкоски ќе биде во улога на добриот. Но Ковачки ќе треба да го подготви членството (не е проблем да се подготви Централниот, тие и така ќе гласаат по автоматизам) за измени на Статутот во кој ќе нема ограничување на мандатите за претседател на партијата. На овој начин Мицкоски ќе си продолжи да си има приватна партија.
Доколку во Унгарија се случи чудо и Орбан остане на власт, тогаш оди варијанта два. Нема ништо од промена во владата и ИК, односно тогаш ќе се оди на заземање на функцијата на Силјановска. Тоа е поговарањето во партија кое го лансира Мицкоски, за да се помести на местото претседател на Републиката од каде мирно ќе ги гледа хаосот и агонијата на ВМРО-ДПМНЕ и државата. Едноставно ќе ги остави Николоски и Мисајлоски (овој вториот може лесно да се приклони било каде во последен миг), Муцунски и Ковачки да водат битка за тронот. При тоа главната битка ќе биде помеѓу групацијата „Завиша филм“ и „Делчевски ниви“ на една страна, против групацијата на Големиот Везир.
Има и трета варијанта, а тоа е да успее операцијата за враќање на Никола Груевски која е во тек. На ова искрено се радуваат дел од членството, гледајќи спас преку компарацијата со онаа што беше ВМРО-ДПМНЕ од пред 20 години. Но времето не е исто, а и геополитичките односи и надворешните влијанија не се исти. Секако, не сум сигурен дека Груевски сака да се врати за премиер на Македонија и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, туку повеќе сака да докаже дека бил жртва и тоа како негова лична сатисфакција. Но најмногу сум сигурен дека Мицкоски не сака да се врати Груевски и затоа се ќе стори да ја има под контрола состојбата која ја нема под контрола. Но се надева и да му се посреќи по којзнае кој пат, па Април во Будимпешта да не донесе ништо добро за Орбан. Не дека Мицкоски е стратег па ги води овие процеси и варијанти, туку дека се потпира на среќа како и досега и дека си ги знае оние околу него, апаратчиците.
Кога сме кај апаратчиците и политичко-идеолошкиот ментален склоп на раководството на нашата партија ВМРО-ДПМНЕ може да кажам многу јасно дека во основа овие луѓе кои се претставуваат за десничари и демократи, во својот мозок, во своите најдлабоки чувства и перцепции за политиката, идеологијата и владеењето, се тврди КОМУЊАРИ, тоталитаристи. Затоа и проигруваат вакви божем игри и варијанти, а се со цел да преживеат по принципот „купи ден-продај“. Што би рекол еден мој драг пријател и поранешен наш министер: „Овие луѓе да не се во политиката нема да имаат за леб, бидејќи се не вработливи, а такви се затоа што ништо не знаат и немаат никакви вештини“. Драг мој пријателе, тие имаат една голема вештина која ние не ја поседуваме, а тоа е да манипулираат со јавноста а посебно со нашето членство и безочно да лажат, без срам и перде.
Тоа е нивна способност, но за да таа способност ја користат, како што реков и во минатата колумна НИЕ СМЕ КРИВИ! Но кога на чело на државата имате апаратчик, тогаш сигурно одите во провалија и таму ќе останете долго време. Сетете се впрочем на Милошевиќ како од апаратчик КОМУЊАР стана фактор во Србија и погледнете каде е денес Србија, се уште заплеткана во своите политичко-општествени небулози во кои не влече и нас и дел од регионот.
Сепак, варијантите на Мицкоски се едно а тоа што во реалноста се случува е друго, како што реков, социјалните немири не се партиски контролирани, а посебно во актуелните геополитички услови, така што прашање на време е кога ќе има силен тресок на политикантската сцена во Македонија. Безполени се демнењата и обидите за дискредитација на првиот синдикалец.
На крајот, можам да заклучам за сите протагонисти во оваа колумна, дека бесполезно им е трчањето. А бесполезно е затоа што во било кој случај поголеми сили ќе влијаат врз собитијата во Македонија а тие може само да се занимаваат со внатрепартиските византски игри со кои всушност и единствено се занимаваат и ќе се занимаваат – бура во чашка за ракија.
Тоа е така затоа што партијата не ја демократизирате, туку уште повеќе ја автократизирате, а општеството тоталитаризирате и затоа ќе се борите за тронот на сите не демократски начини. Затоа што знаете дека доколку седнете на него, полтроните и клиентелата ќе дојдат да клекнат пред вас со восклици „Царот е мртов-да живее Царот“! Но тоа несомнено ќе ги одвлече повеќемината членови надвор од ВМРО-ДПМНЕ, и не само од партијата, туку уште повеќе надвор од Македонија во потрага по мирен, европски, демократски, сигурен, предвидлив живот. Живот во кој нема да чекаш во надеж дека за две години ќе ти се покачи платата за 40%, а месечно те јаде инфлација од 6%. Живот во кој нема да мораат да коленичат за нешто што им припаѓа по Устав и Закон. Држава во која нема директорот на Фондот за здравство по партиска насока да се занимава со весела математика и економија на ФБ, објаснувајќи како 400 евра во Македонија вредат повеќе отколку 3000 евра во Германија. При тоа забораваат дека живееме во време на интернет и лесна комуникација и допир до информации, при што брзо се утврдува дека цените на храната во Германија и кај нас во маркетите не се драстично различни.
Како Внатрепартиска фракција за демократизација и ревитализација на ВМРО-ДПМНЕ, јасно ви кажавме и постојано ви укажуваме дека силата на партијата е во членовите, а не во клановите кои се борат за превласт за да ве владеат. Што ќе владеат доколку вие не одите во Месните и Општински комитети, односно не им барате минимална плата за преживување, туку им барате демократизација на партијата и покажете човечки интегритет.
Но, тоа е една друга тема за која очигледно ќе мора поединечно во Месните комитети да ви се објаснува, засега да ја проследиме бесполезната трка на нашите натпреварувачи за да не биде дека не знаевте и дека дури сега ви текнало, а потоа…, Ех потоа, пак НИЕ СМЕ КРИВИ.
Оливер Андонов
П.С. Само една напомена. Во Минхен се одржува Меѓународна Безбедносна конференција која е концентрирана на прашањето на уривање на постојниот меѓународен поредок и изградба на нов во современите услови. Одтука, не верувајте на ПР-от на Мицкоски дека е таму да донесе нови економски инвестиции во Македонија. Таму е за да се прошета и да има сликички за ПР-от со сопственикот на Лидл и можеби уште со некого, доколку го сретне на разминување, а фотографот е доволно брз да направи кадро. Траги-комична е оваа божем политика.