Кога човек вака од страна ќе го погледне Мицкоски како „храбро“ дава изјави дека ако треба ќе чекаме со децении за да влеземе во ЕУ (со неговиот вокабулар – да ги стави Бугарите во Устав), може слободно да заклучи дека всушност Мицкоски не е силен, туку дека се плаши или галиба, друго нешто ќе да е. Тоа е оној страв што го носи во себе (како кога човек сам се движи в темница низ гора) и во јавноста мора да го искаже со демонстрација на божем сила, самоувереност и храброст (односно да си потпевнува и потсвирнува) за да граѓаните не видат и не се сетат дека е нешто друго од кое е уплашен.

Ами Христијан, да ми те потсетам чедо, бидејќи ти тогаш само што си почнал да стануваш тинејџер. Имаше во Југославија во 1991 година еден чичко, се викаше Бранко Костиќ кој беше член на претседателството на СФРЈ. Е тој чичко, велик Србин родум од Црна Гора, им порача на Србите во таа 1991 година дека „ако треба корења ќе јадат, но нема да попуштат“, а „попуштањето“ се однесуваше на божем губењето на суверенитетот и правата на Србите во цела Југославија а посебно во Хрватска да живеат во една држава – „сите Срби во една држава“. Така, денес им се оствари желбата на корењарите и Србите од Хрватска во најголем дел живеат во една држава – Србија, а целата Србија (СРЈ) поради таквите „патриоти“ цела деценија јадеше корења (да не употребам друг термин) и за жал Србите и сите граѓани на Србија и триесет години подоцна се уште не можат да се ослободат од политичките и други последици на таквите свои национални заштитници кои со таквата божем горда-достоинствен политика го изгубија и Косово. Патем сметката за „корењата“ кој ги јадеа ја плаќаат и денес со силни внатрешни антагонизми, поделеност, пад на граѓанскиот и политички капацитет и заостанување во однос на сите соседни држави пред кои пред 1990 година беа многу понапред. И се уште веќе четврта деценија чекаат, но не чекаат повеќе да го заштитат српскиот идентитет и српското вековно присуство и „слава“ туку чекаат да си ја платат сметката. А таа пустата голема, и во себе содржи скоро 40 години – четириесет генерации уништени, озлобени, заостанати, раселени, пострадани души. Но, Костиќ не јадеше корења овие 35 години (до 2020 година кога почина), туку беше на високи државни функции и додека српскиот народ страдаше во војни, „Олуи“ и „Блесоци“, и на Косово беше втурнат во конфликт со тогаш своите сограѓани – Албанците, тој глумеше професор по економија на сите факултети во Црна Гора и ги спроведуваше политиките на Милошевиќ. Силен еден и жилав корењар со силни желудочни киселини за да ги свари корењата на туѓа сметка.

Ете така Христијан, ти во твоите политики во однос на македонскиот идентитет и македонската држава личиш на Костиќ чувствувајќи се комотен во твојата професура за која на крајот од оваа колумна ќе ти кажам некој збор. Може македонскиот народ и македонските граѓани да јадат корења, но ти идентитетот не го даваш, бидејќи некој сака да ни го земе идентитетот. А на кој начин тој некој (во случајов „клетите Бугари“) сака да ни го земе нашиот македонски идентитет не кажуваш. Зборуваш низ излитени флоскули, а јас од Бугарија не сум слушнал (барем не од сериозни политички претставници – за оние про Руските не зборувам) дека некој од нив сака ние Македонците да бидеме Бугари, а пак дури и про-Русите (Костадинов и рубља друштвото му) дека сакаат да бидат Македонци. Впрочем за тоа колку ти се грижиш за идентитетот на Македонците во Бугарија (Пиринска Македонија) ќе ти кажам со факти, но друг пат и тоа низ нај очигледни пример за кој не е ни место ни време сега да зборувам, но сакам јасно да знаеш дека добро ги познаваме состојбите таму и имаме многу факти за твојата „жилава“ ем „епска“ борба за нашите сонародници Македонци во Бугарија. Пред некоја колумна јасно ти кажав колку тоа за македонскиот јазик очигледно страшно многу си загрижен, а ќе дојде време кога ќе ти кажам и за тоа колку си загрижен за нашите во Бугарија. Поточно колку ги злоупотребуваш за туѓи – не македонски интереси со цел да се поттикне конфликтот со Бугарија, односно најточно, да се добие квази оправдување за претставување на Бугарија пред македонската јавност како наш најголем непријател и кочничар на нашиот, под твое раководство, светол и брз пат кон ЕУ. Бидејќи ние нели сме и пред Црна Гора како што објаснуваше во Будимпешта неделава кога беше на не знам каква и не знам зошто посета, од која бенефитите ќе ги видиме подоцна – на куково лето.

Немам намера по којзнае кој пат да ти ја објаснувам Европската преговарачка рамка. Едноставно е човек, раскини го договорот за добро соседство со Бугарија и влези во нови преговори од почетокот. Така ќе видиме две работи: Прво, дали си навистина силен, храбар и умешен дипломат да испреговараш со Бугарија подобар договор. Второ, дали смееш тоа да го направиш и да се појавиш во Брисел со приказната дека си за ЕУ и дека работиш на реформи. Всушност ти и не одиш во Брисел или некаде во ЕУ на билатерални средби, туку само во Будимпешта, и тоа за уште малку, па и таму повеќе нема да те примаат.

За да бидеш сигурен дека си на вистинскиот пат, не се криј зад нашата ВМРО-ДПМНЕ, туку распиши референдум со прашањето: „Дали сте за внесување на петте малцинства во Уставот на Македонија, вклучително и Бугарското“? Потоа делувај политички доколку знаеш што е тоа креирање на политики или замини од политичката сцена.

Едноставно, неразбирливо е да ја држиш Македонија како заложник на твоите неуспешни политики и при тоа да ни продаваш сила и божем храброст на јавна сцена. И за да го сокриеш тоа другото, не убедуваш дека треба корења да јадеме, додека ти божем ни го браниш идентитетот. При тоа, сите нас кој не се согласуваме со твојот политикантски став да не нарекуваш мекотели и на тој начин да не прогласуваш за непријатели на нашата татковина Македонија.

Черчил јасно посочува дека мудроста и успешноста на политичарите на малите нации е да овозможат на своите нации да преживеат и напредуваат. Ајде да се запрашаме дали ти овозможуваш на македонската нација да преживее (да не се распадне) и да напредува? Последиците кои ќе ги трпи пред се македонскиот народ од твоето неодговорно однесување ќе бидат страотни. Страотни ќе бидат на секое поле, и економски и демографски (нели се враќаат луѓето во Македонија) и образовно и секако. Но најмногу ќе има психолошки последици, бидејќи ќе страдаат генерации кои ќе бидат изгубени, кои ќе си заминат од Македонија, нивните родители кои ќе страдаат по своите поколенија. А само да знаеш дека не останува ненаселена земја. Тоа е вистината која ни се случува пред очи а не твоите утрински раскази како работите (без резултат) за враќање на нашите од странство. Патем во таа работа ниту видовме ниту чувме некаква програма, план, бенефити и слично за оние кои ќе се вратат.

За волја на вистината, доколку некој работи против македонскиот идентитет тоа си ТИ, затоа што со твојот ригиден политички став, поради другото нели, ќе принудиш уште стотина илјади Македонци да земаат туѓи државјанства – најлогично бугарски. Моето мислење е дека тоа го правиш намерно, како најдобар агент од влијание токму на Софија, и тоа онаа Живковистичка за која што постојано љубиш да зборуваш, а всушност тоа е актуелен Кремљ. И толку од моето објаснување и обраќање до тебе, во моментот не вреди било што повеќе да ти се кажува. ТИ го кажа твоето, сега е на ред да кажат што мислат нашите сопартијци од ВМРО-ДПМНЕ. Доколку и тие не кажат или не се храбри да ти се спротивстават на разорното ти политикантство, тогаш ќе треба да кажат македонските граѓани. А погледни го СДС умрено и би требало да разбереш што значи зборот на македонските граѓани и какви се неговите последици.

Ќе видиме како ќе помине Април во Будимпешта и потоа ќе го видиме твојот страв како се претвора во „не мислев така – лошо ме разбрале“. Но токму тогаш е времето за референдум на кој македонските граѓани демократски и мирно ќе го кажат својот став во однос на твоите анти ЕУ и секако и анти НАТО политики. НАТО, затоа што и таму ја претставуваш Македонија како нелојален партнер. Нели требаше да дадеш помош на Украина а две години не даваш и лажеш, дури и на јавната порака од европските амбасадори и амбасадорот на Обединетото Кралство испратена до тебе не реагираш, туку напротив, смислуваш евтини лаги кои ги пласираш низ партија како поговарање дека неодамна украински воен авион слетал на аеродромот Петровец за да преземе помош од Македонија за Украина. Види, тие приказни може да ти поминат кај неинформираното членство и клиентелистичкото ти опкружување, но нема да поминат кај информираните про НАТО и про ЕУ кругови во Македонија, а особено не во НАТО и ЕУ. Нема да помине ниту прошетката на шест министерската делегација со целата свита во Вашингтон на божем стратешки дијалог, бидејќи и ти самиот знаеш дека секој од делегацијата оди во Вашингтон со свои надежи и цели, но и со инструкции од некого, а тој некој најчесто не си ти. Ти имаш друга надеж – дека ќе бидеш претседател на државата, односно да бидеш мали Вучиќ. Но тоа се само желби. Македонија не е Србија иако со сите сили се обидуваш да ја претвориш во мала Србија, односно да го пренесеш менталниот склоп на потпросечниот граѓанин на Србија тука во Македонија како препорачливо општествено однесување. Сепак главните прашања за министерската посета на Вашингтон не е тоа што твојот ПР ќе го пласира во јавноста во облик на сликички од средби со едикојси. Главните прашања се: „За кој теми и стратешки прашања ќе се разговара и дали за такви стратешки разговори Собранието ти има дадено овластување“, „Дали овие стратешки разговори ќе донесат некој бенефит за Македонија (економски, финансиски, безбедносен и др.) и за колку време ќе го видиме-почувствуваме тој бенефит“ и „Колку пари – наши пари ќе се потрошат за оваа екскурзија“? Поминаа скоро две години од твоето неколку кратно шетање низ САД при што по секое од нив не убедуваше дека си остварил големи придобивки за Македонија, но еве се уште не можеме да ги видиме.

Затоа обраќањето е до македонскиот народ, до македонските граѓани. Повикот е до нивната свест и самосвест или до нивниот страв и молчење. Драги мој сонародници, сограѓани, само вие молчете си и аплаудирајте (или лајкнувајте) на празните зборови на Мицкоски, но да си знаете дека сметката вие – ние, нашите идни генерации ќе си ја платиме. Ќе ја платиме на најтешкиот и најлош начин. Со поделби, конфликти, сиромаштија, заостанување во развојот и квалитетот на живот и со иселување на младите македонски поколенија. Другите соседни држави, вклучително и Бугарија и Албанија на кои им се потсмевавме (и поради нашиот ментален склоп се уште им се потсмеваме) брзо ќе напредуваат во рамките на ЕУ и ќе си го зацврстуваат суверенитетот и националниот идентитет преку ЕУ. А со поддршка на европските фондови и економија нивните граѓани ќе бидат богати и задоволни. Лесно му е на Мицкоски да ни продава евтин патриотизам кога е што би рекле „полн како брод“. Кога негови непосредно блиски имаат токму бугарско државјанство. Кога тој си работи други негови блиски да добијат исто така државјанство на држава од ЕУ. Лесно е да бидеш горе а народот да биде долу и во мизерија а ти да им објаснуваш како не е проблем да се чека со децении. Но неразбирливо е народот-граѓаните тоа да го прифатат со молчење и уште поедини ликови да лајкуваат и поддржуваат вакви ставови. Таа апатија и додворување се загрижувачки. И како што еднаш ми кажа еден човек: „може еден ден да се разбудиме во друга држава“ лесно може да не стигне. Народот – граѓаните како суверени на државата истата ја бранат не само со оружје туку и со својот глас, својот разум, својата свесност за македонска државност и совесност кон татковината и македонската нација.

Уште поголема трагедија е што нашите сопартијци не реагираат на ваквата будалаштина од Мицкоски. Подобар показател за умрената демократија во нашата партија ВМРО-ДПМНЕ не можеше да ни даде никој друг. Мицкоски ни вели дека така ќе настапува тој и по него тие што ќе го наследат и по нив и тие другите. Тоа значи дека наследниците на Мицкоски (доколку ги има) ќе бидат поставувани од него со што ќе продолжи и истата политичка мантра и така во недоглед. На ова не реагира никој друг во партијата освен Внатрепартиската фракција. Дали тоа значи мој драги сопартијци дека се согласувате со оваа политика на ВМРО-ДПМНЕ? Или се согласувате со приватна партија во која вие сте само бројка за статистика и гласање?

Замислете, ВМРО-ДПМНЕ кое беше носител на про западните, демократски и Европски национални политики на Македонија во деведесеттите години од минатиот век, се претвори во апсолутистичка (приватна) партија која под маската дека го брани македонскиот идентитет всушност истиот го уништува на нај безобразен начин, дејствувајќи сосема спротивно од основните начела и идеологија на изворната ВМРО-ДПМНЕ. Спротивно од идејата за членство во ЕУ.

Тоа и е задачата на Мицкоски, да не задржи надвор од ЕУ, за да бидеме сиромашна земја со сиромашен и страден народ кој ќе се бори за гола егзистенција и поради тоа ќе биде подложен на најпримитивни манипулации и злоупотреба во најширок спектар на злоупотреба. Тоа е злосторство против сопствениот народ, нација и држава, против македонскиот национален идентитет, против македонската култура, традиција и државност.

Таа друга задача која Мицкоски ја крие преку демонстрацијата на божем сила всушност и го поттикнува неговиот страв. Страв од неизвршување на задачата од наредбодателите и како последица од тоа реперкусиите врз него и неговите бизниси. Затоа всушност Мицкоски е исплашен и бара начин како низ флоскули да се заштити и да ги избегне реперкусиите врз него и неговото. Затоа и ни објаснува колку го брани македонскиот идентитет. А идентитетот е како заб, додека не те заболи и не мислиш на него. Мицкоски прави се за да нас постојано не боли идентитетот затоа што преку таа вештачк создадена болка го држи во бунило македонскиот народ но и целата македонска нација. Но кога телото отрпнува на болка, (тоа е како кога селаните отрпнале на повиците на овчарчето за опасноста од волк), тогаш при вистинска болка одбранбениот механизам нема да реагира. Едно затоа што е отрпнат, а второ затоа што е разграден идентитетот преку заминување на младите и земање на други државјанства.

Ете затоа Мицкоски нема сила во неговите флоскули, има страв од тоа другото и за да може да купи ден па да го продаде се обидува нацијата да ја занимава со непоколебливата одбрана на идентитетот. Едноставно ја исполнува својата обврска додека да побегне некаде и да има оправдание пред другото, дека се сторил за да си ја изврши задачата за која е платен.

Но и со сила и со страв или со нешто друго, процесите не се сопираат, може само да се одложат. За некои народи тие ќе чинат многу генерации, за некои пак кои се поумни ќе чинат многу малку. Во која група ќе бидеме ние македонскиот народ и македонската нација е прашање на кое ние самите го имаме одговорот. Одговор кој треба да биде без страв и не за интерес на другиот туку со силата за опстанок на Македонија, македонскиот народ и македонската нација како дел од современите европски нации во ЕУ.

 

Оливер Андонов

 

П.С. Да, реков дека ќе кажам нешто за професурата на Мицкоски и високото образование. Навистина не знам што сакаше да каже Мицкоски на МТВ во утринска емисија кога покрај другите небулози и јавното прикажување дека не го разбира поимот „нихилизам“, зборуваше за критериумите за избор во наставно-научни и соработнички звања и бројот на часови – предавања. Очигледно е дека иако има наставно-научно звање „редовен професор“ во подрачјето на техничките науки нема претстава за тоа каква е основата на македонското високо образование и во тој контекст што значи да се има повеќе од 8 часа неделно предавања. Во исто време, очигледно дека нема претстава за процесот на објавување на оригинален научен труд во списание со импакт фактор и тоа на нивото на Skopusа не пак на Veb of Sciences. Како и за тоа дека рангирањето на универзитетите на шангајската листа не зависи исклучиво од објавени научни трудови, туку и од други елементи на развој и услови за студирање и научно-истражувачка работа, социјални прашања на универзитетите кои исто така се оценуваат.

Македонското високо образование е базирано врз комбиниран принцип. Универзитетите и нивните единици не се наставно-образовни установи на кои се изведува исклучиво и само високообразовна дејност. Тие се само делумно поврзани со наставните и образовни активности, а вториот дел е научно-истражувачката работа. Е сега Мицкоски да се запрашаш: „Колку проценти од буџетот на Македонија твојата влада издвои за научно-истражувачка дејност, како и за научни проекти, во кој области, со какви цели, за какви потреби за развој на општеството, здравството, технологијата, економијата, земјоделието и слично“?

Не е точна констатацијата дека професорите за 4-8 часа неделно примаат 120 илјади денари плата. Прво, тоа е плата на минимум ниво на достоинство за еден универзитетски професор во актуелните домашни и светски економски состојби (патем, колку плата и за што – за која извршена работа земаат твоите министри и пратеници?). Второ, универзитетските професори не се само предавачи (затоа и имаат наставно-НАУЧНИ звања), тие покрај консултациите (кои исто така ги потцени како начин на работа со студентите) прегледуваат семинарски трудови, есеји, проектни задачи и други активности на студентите. Каде се тука колоквиумите и испитите кои на некој високообразовни институции се практични или пак нивната – професорската работа со студентите или индивидуално на терен или во лабораторија. Трето, очигледно дека не си запознаен или се правиш дека не знаеш како на Воената академијата платите на наставно-научниот, соработничкиот и административно-техничкиот персонал се драстично (дупло) помали од платите на другите државни – јавни високообразовни установи финансирани од буџет. Патем, тоа е спротивно на важечкиот закон за високо образование, но очигледно дека никому не му е грижа и во новиот закон за оваа дискриминација, што е пак спротивно на Уставот на Македонија. А да не зборуваме за наставно-научниот кадар на приватните високообразовни установи и нивните примања, дел во кој се оставени на милост и немилост на „газдите“ кои им даваат минимална плата и уште нешто во коверт – доколку им се смилуваат. Тоа е веќе дел од грижата на Мицкоски за даноците во државата, еднаквата распределба на добрата и грижата за социјално-пензискиот фонд. Ете му препораки и можност да покаже сила – сила на државата.

Немам намера јавно да барам, Мицкоски да ги изложи сите негови трудови во кариерата професорска, а посебно да видиме дали и колку трудови има во последните години откако е избран за редовен професор. Посебно да видиме со кого во ко-авторство ги има напишано трудовите и дали има некој оригинален научен труд кој сам го напишал и кој е вреднуван во Web of Science. Тоа би било академски етично доколку самиот ги приложи на увид на македонската јавност и при тоа да ги исклучи трудовите и иновациите – патентите кои ги има со неговиот родител или со менторот Анѓушев. Така ќе ја докаже сопствената – лична и самостојно квалитетна професура и научно-истражувачки опус. Едноставно е нели? Многу по едноставно отколку да се зборуваат фрази и употребуваат поими во контекст каде ништо не значат или погрешно толкуваат, во едно празно интервју по принципот „сакам кажам – не знам речам“.

Дури потоа ќе има право да ни држи празни моралистички говори за тоа како се создава наука и како 4-8 часа неделно настава е премалку за платата која се зема во високото образовани. Ете му можност на Мицкоски да биде на страната на своите колеги во високото образование и да покаже дека барем од нешто не му е страв.

 

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *