Одамна немам пишувано за без временски теми како што се прашањата за културата, Македонија, македонскиот национален идентитет и воопшто за идентитетот. Низ призмата на секојдневните случувања, токму безвремената тема за националниот идентитет, особено за македонскиот национален идентитет, е доведена до нивото на апсурдност. Апсурд од неразбирање на значењето на поимот идентитет (и тоа од страна на највисоки државни функционери), потоа диференцијацијата на тој идентитет како личен идентитет, религиски, културен, јазичен, па се до македонски идентитет и национален идентитет. Сите овие видови идентитет се одделни и не се толкуваат еднакво, не се сублимираат иако некаде се допираат, и немаат еднакво значење како во општествениот дискурс, уште повеќе во индивидуалниот пристап. Оттука, да се пишува слово за идентитетот бара пред се научен пристап, но во една колумна може да стане збор исклучиво за диференцијација на поимите во контекстот на македонскиот национален идентитет и националниот идентитет без научна претензија. При тоа ќе се обидеме да ги избегнеме замките на дневната политика и оние силни бранители на националниот идентитет, односно на македонскиот национален идентитет, историја, јазик и не знам што уште што бранат, а не знам ниту од кого. Тоа е всушност вториот аспект на гледањето на националниот идентитет, односно македонскиот национален идентитет. Всушност, негова материјализација во насока, повторно на детерминирање на предметот на загрозување, односно што тоа субјектот кој не загрозува сака да ни одземе. Поточно објаснето, што ќе ни биде земено за да ни се одземе нашиот македонски национален идентитет или во обратен дискурс, што тоа бранителите наши бранат (кој објект на загрозување го бранат) и како тоа го прават. Доколку уште веднаш на почетокот на колумната кажам дека ниту тие нешто суштински бранат, ниту знаат што треба да бранат за да го одбранат македонскиот национален идентитет, ниту пак знаат да направат диференцијација помеѓу македонскиот национален идентитет и националниот идентитет, а најкарактеристично е тоа што служејќи се со политички флоскули всушност и тие што ги бранат (македонскиот народ) не ги бранат, бидејќи и не знаат ниту што, ниту како да одбранат, а не пак од кого.

Свесен сум за тоа дека некој нема да имаат трпение да ја прочитаат до крај колумната, едноставно затоа што нема во неа дневна политика, но за да се разбере истата потребни се некој предзнаења од политика, социологија, религија, култура, историја и едноставно ќе биде тешко да се поврзат искажувањата. Особено затоа што за многу од вас драги читатели поимите македонски национален идентитет и национален идентитет во современ контекст се едно те исто, а не се. Токму затоа и предупредив на различните видови – појави на идентитет. Токму овие појави во Македонија се силно вкоренети низ историјата која е преполна со митови и фалсификати, а дури на крајот е определен македонскиот национален идентитет за чија „одбрана“ е неопходно да се определи што се брани всушност.

За да имаме чист и објективен пристап кон македонскиот национален идентитет потребно е трезвено да погледнеме и да го антиципираме светското јавно мнение во контекст на тоа како тие нас не гледаат и по што не препознаваат. Ова е исклучително значаен аспект на гледање преку кој ние самите си го определуваме нашето место во светот. Едноставно е, запрашајте се по што луѓето кој не се Македонци по народност и државјанство ја препознаваат Македонија, односно кога ќе се каже Македонија на што ги асоцира.

Но најпрво треба ние самите да го откриеме тоа, а при тоа да не робуваме на идеолошки приказни (партизани-комунисти) или пак на митови (Александар Македонски). Токму ова се две историско-општествени крајности на една иста отсечка наречена македонски идентитет. Проблемот е во тоа што на средината, оваа отсечка се претвора во хермафродит, бидејќи краевите се непомирливи – словенство и антички Македонци (антички – термин кој ништо суштински не определува). Но не помалку е фантазмагорија и приказната за Словените од зад Карпатите кој го препливале – препешачиле Дунав одејќи по дното со цевчиња во устите за да дишат.

Тоа што всушност нам како современи Македонци, како на современа нација ни недостасува е здраворазумската мисла, Словото (Логосот) за да не веруваме во се што ќе ни се пласира на социјалните мрежи и медиуми а посебно во врска со нашиот идентитет и историска ретроспектива. Верувам дека малкумина, дури и кога го слушаат Евангелието на Велигден (Евангелие според Јован, глава 1: „Во почетокот беше Словото и Словото беше во Бога и Словото беше Бог“) дури и не знаат за што станува збор, а подоцна и го забораваат како неважно, а токму тој дел од Евангелието е есенцијата на почетокот на идентитетот. Во време на античките филозофи и во раното христијанство токму Логосот е определен како креативната мисла која го материјализира универзумот. А токму за тоа ни зборува и Евангелието, бидејќи „Се стана преку Него и без Него ништо не стана, од она што постана“ (Јован 1-3), а тоа е Словото, светлината која секој од нас ја носи во себе, светлината дадена од Логосот кој е нашето спознание – нашиот основен, почетен и краен идентитет. Токму едно вакво индивидуално спознание за нашето битие – идентитет ќе не воведе во трезвена размисла за националниот идентитет, македонскиот национален идентитет, нивната структура, различност и поврзаност. Но неминовно е, а тоа е задача на државата, пред се на образованието, на научните институции, на верските заедници во македонското општество да се започне со едно препрочитување на „познатото“. Затоа што трчаме кон нови теории а го забораваме порано утврденото знаење оставено низ милениумите од генерации пред нас. Тоа се нарекува заборавено знаење или нешто што сме го прочитале со „затворени очи“ или како „знаење“ врамено во прозорецот на „догмата“. Токму низ еден ваков прозорец со безброј филтри денес ни се наметнува „одбрана“ на македонскиот национален идентитет објаснувајќи ни дека истиот ни е загрозен и некој сака да ни го одземе.

За да можеме да навлеземе во еден ваков пристап на холистичко навраќање на тоа кој сме и што сме, тоа од нас како општество ќе бара длабока промисленост и потполна интелектуална и духовна револуција. Историски гледано, токму навраќањето кон изворите (а тоа може да се и реалните извори на создавањето, созревањето и афирмацијата на еден народ или нација) и чистење на знаењето од вековниот талог на фалсификати може да доведе до големи пресврти во зачувувањето на идентитетот, особено националниот. Затоа не станува збор за некаква си „одбрана“, бидејќи тривијално кажано, за да се браниш, треба некој да те напаѓа и да има цел-објект на тој напад. Се работи едноставно за зачувување и тоа на македонскиот национален идентитет, но не од некого, туку зачувувањето се однесува на изградба на идентитетот во современи услови и негово пред се културолошко аплицирање во светското мнение како уникатно и препознатливо и тоа од самите нас. И оваа зачувување мора да дојде преку индивидуалното будење, созревање во кое ќе се бара знаење и целосна не парцијална вистина, но за ова е потребно учење и многу повеќе – пред се подготвеност секој од нас да се соочи со вистината, колку и да ни изгледа трауматична како лична, уште повеќе колективна. Но ова учење и знаење претставува и хуманистичка употреба на современите технолошки алатки кој токму ќе ни овозможат глобално зближување со современиот свет и без страв за нашиот идентитет (доколку сме сигурни во него) вклучување во современите процеси и заживување како современа европска нација – нераскинлив дел од нешто поголемо и со голем потенцијал за цивилизациски напредок. Само така нема да мора да се браниме, туку ќе се зачуваме и тоа преку себе промоција и поврзување со останатите во иднината со која мора да се соочиме, но секако дека е многу полезно за нас како нација да се соочиме со иднината со отворени очи и буден ум. Не да живееме во митови и фалсификати кои постојано ќе ни создаваат нови а всушност стари конфликти – најпрво самите со себе дури и на индивидуално идентитетско ниво. Тоа е лична одговорност на секого од нас, нешто како внатрешна лустрација или сопирање на она што дозволуваме да навлезе во нашата свест и да ни го обликува а јас би рекол ре-обликува нашиот идентитет. Тоа значи прекинување на инертноста, дефетизмот и апатијата, изложеноста на страв и несигурност најпрво за сопственото јас а потоа да се претвориме во активни трагачи по вистината.

А таа, вистината, е тука пред нас, таа е дел од нашиот идентитет, од идентитетот на секој од нас. Таа е дел од тоа што сме го заборавиле и затоа се прашуваме или тој НИКОЈ кој не брани ни наметнува да се прашуваме кој сме и што сме? И уште згора на се бараме некој или поточно тој НИКОЈ да ни го „одбрани“ повторно од никој, нашиот идентитет. Каков апсурд на самозалажување, изгубеност и заблуденост и тоа колективно. Интересно е да се запрашаме секој себеси: „Колку семејни генерации паметиме наназад од нашата, и дали воопшто им ги знаеме имињата на нашите предци, а не пак со што се занимавале, каде живееле и слично. Но затоа пак, за антиката и митот за Александар Македонски знаеме многу. Но што знаеме – митови?

Но затоа пак, ретко кој ќе ја препознае таа античка матрица (во контекст на универзалното на кое и нашиот македонски идентитет припаѓа и има свој удел) кај нашите врвни современи автори како Горан Стефановски и Венко Андоновски со исклучително естетско и интелектуално задоволство. Токму ниво на кое се определува – детерминира нашиот македонски идентитет во современа смисла, не во античка. И тоа е цивилизациско наследство вградено во идентитетот на еден народ, бидејќи Платон не е непознат за Достоевски, Чехов, ниту за Ниче, Кафка, Хјум, Хесе, па ниту Маркс и никој не го присвојува Платон и не се занимава со неговиот идентитет како ниту со својот. Ние како нација сме парализирани во својата инертност во која не внесе НИКОЈ кој ќе ни го брани нашиот идентитет. Таа наша инертност со која го чекаме Годо – ех да беше Годо, ние го чекаме оној НИКОЈ кој не брани, е всушност тоа е она што одамна пред децении ни го кажа Горан Стефановски во „Диво месо“. Токму тоа е нашето „диво месо“ кое го блокира нашиот национален организам (а всушност и индивидуален) кога НИКОЈ ни кажува дека ќе ни го брани идентитетот. Ќе го брани токму со чекање, токму повторно со инертност. Наместо да го преораме сопствениот двор, (ментален и физички), да си ја уредиме сопствената куќа Македонија, и да го зачуваме идентитетот повторно како светски препознатливи и исчистени од лагите и заблудите, ние чекаме и чекаме под сугестија на НИКОЈ, некој бирократски да ни го одземе идентитетот и куќата. Но барем да постои тој некој кој сака да ни го одземе идентитетот.

Индивидуалниот идентитет доколку е втемелен на вистина и знаење поседува биолошка и духовна сила која не може да биде уништена од ниту еден систем. Да се потсетиме на „Пиреј“ на Петре М Андреевски, на кој Пиреј треба да му се посвети внимание во современието, не во ликовите од Првата Светска војна, бидејќи Петре преку троскотот ни го дава фундаментот на животната сила и свеста која не може да се искорени доколку ние тоа не го дозволиме. И токму тука е поентата и на Венко Андоновски кој зборува за Логосот, центарот на светлината во човекот – папокот, а веќе рековме дека Евангелието јасно не учи дека секој човек што доаѓа на светот ја носи светлината на Словото, само треба да ја отпретаме, да го исчистиме дворот и куќата и да се осознаеме, а Петре ни ја дава таа пирејска генетика за опстанок, но не гол и не осознаен опстанок, туку продуховен, осознаен опстанок, опстанок на нација која не го чека НИКОЈ да не тестира во издржливост, туку која е динамична и самата се зафаќа со современите предизвици.

Ете го драги мој и основот на македонскиот идентитет (овој современиот во кој има само духовни призвуци на минатото како интелектуални достигнувања вклучително и на Светите браќа Кирил и Методиј), бардовите на современата македонска литература и интелектуална мисла: Горан Стефановски, Венко Андоновски, Петре М Андреевски и секако неизоставниот Гане Тодоровски. Ова е изворот на македонскиот национален идентитет кој не поврзува од минатото кон современието и иднината како современа македонска нација, Делото на Гане, „За и против Беда Словена“ е всушност нашата внатрешна лустрација – храбро соочување со фантазмагориите и чистење на историско-политичките фалсификати и уште повеќе лаги. Преку „Претходниците на Мисирков“, Гане научно докажува дека нашата самоидентификација во 19-тиот век не никаков инцидент или заговор, туку токму природен, холистички дел од паневропскиот процес на будење на народите. Да процес на будење, развој и созревање на народите како процес на создавање на самоидентификација во еден никогаш децидно определен или завршен временски историски период кој секогаш ќе трае, но несомнено како неизбежно даден историско-општествен момент. Но кога ќе се осврнеме повторно на Петре М Андреевски и неговите „Последните селани“ не можеме да се оттргнеме од чувството на спротивност од пирејот кој искорнат од својата природна средина ја губи автентичноста. А ние сме ние само доколку сме автентични и низ таа автентичност преку личниот идентитет го градиме нашиот колективен идентитет. Ништо ново нема да кажам доколку зборувам за нераскинливоста на македонскиот национален идентитет со нашиот личен а оттука и со националниот идентитет на македонската држава. Таа поврзаност не ги поништува различните лични или национални идентитети, бидејќи тие се втемелени на културните, религиските и образовните основи. А токму образованието и културата ни се слабата алка. Потребно е само разбирање на слободата на умот на интелектот и знаењето, а избегнување на митоманијата и историските лаги. Токму Горан Стефановски во својата пристапна беседа во МАНУ позната под насловот „Идентитетот како приказна“ или „Помеѓу митот и реалноста“, погодува токму во центарот. Токму овој текст треба да го спознае секој Македонец, кој е и најголемата вистина за нашето постоење. Горан ја кажа најголемата вистина за нас, дека нашиот идентитет не се таписерии, камени споменици и коски, туку жива приказна што самите си ја раскажуваме. Ја раскажуваме секојдневно со живост не чекајќи го НИКОЈ. Доколку нашата приказна е полна со дефетизам, кукање, инертност и чекањето на НИКОЈ кој ни порачува дека може да чекаме со децении, тогаш ние ќе бидеме историски губитници кој секојдневно ќе губат дел од својот идентитет. Доколку пак нашата приказна ја изградиме со филантропија, меѓусебно уважување, емпатија и учење, со широко отворени очи и ум, тогаш нашата приказна ќе допре до светското јавно мнение.

Ете го драги мој клучот. Тој е во спојувањето на овие два идентитета (позитивен и негативен, не друг определен исклучиво народносно или индивидуално), преку алатките на иднината. Да го одбраниме и издигнеме вечниот духовен код оставен од Петре, Венко, Горан и Гане и да ја раскажаме нашата приказна во овој глобален и дигитален свет, а таа да не биде патетична, туку интелектуално супериорна за Европа.

Разликата помеѓу националниот идентитет (државата – нацијата) и македонскиот идентитет е граница помеѓу два компатибилни но различни концепти. Македонскиот национален идентитет е граѓански и социјален поглед втемелен пред се во образованието и уметноста а аплициран кај младите генерации насочен кон развој на имунолошки систем отпорен на партиските митови. Македонскиот идентитет е духовен и јазичен код кој е дефиниран од четирите бардови на нашата книжевна мисла, Гане Тодоровски кој преку „За и против Беда Словена“ го демистифицира античкиот занес, а преку „Претходниците на Мисирков“ точно го лоцираше нашето природно самопрепознавање во 19-тиот век, па се до Горан Стефановски кој ни укажува на тоа дека нашиот идентитет е во тоа каква приказна сакаме да раскажеме пред светот за себе – успешна или дефетистичка. Во овој македонски духовен и јазичен код нема место за одбрана на идентитетот од некој, а нема простор

Кога веќе ја направивме деконструкцијата на двете крајности – измислениот антички занес на Александар, наспроти романтичарскиот мит за Задкарпатските Словени кој идентитетот во средината ни го претвораат во збунет хермафродит, наместо во моќна, холиситчка синтеза од индивидуално до колективно ниво, да си го поставиме прашањето оое сите индивидуално треба да си го одговориме за да изградиме современ општествен и идентитетски конструкт.

На масата ни се сите нишки поставени, но драги мој, во кој правец сакате да продолжиме да се движиме? Во правецот на „Последните селани“ чекајќи го НИКОЈ да ни го одбрани идентитетот или да се фокусираме кон тоа како практично треба да се втемели модерниот национален идентитет?

На крајот да се запрашаме: „Дали некој сака и може да ни го одземе Македонскиот идентитет во пракса, да ни ги одземе Петре, Гане, Горан, Венко и многу други кои тука не ги споменавме во разните области на општеството, да ни ја одземе современата МПЦ-ОА (ете затоа пред шест години започнавме а пред четири години ја завршивме битката за афтокефалност на МПЦ), да ни го одземе духовниот и јазичниот код“? Тешко дека некој го сака тоа, и тешко дека го може. Таа „опасност“ која НИКОЈ ја промовира како одбрана не е надвор од нас, таа е тука во нас, но не како одбрана од опасност туку индивидуална и колективна динамика за зачувување на македонскиот национален идентитет во современ контекст.

 

Оливер Андонов

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *