(или за тоа дали има некој нормален на македонската политикантска сцена)

 

Една стара поговорка вели дека на глувиот не треба да му се зборува, бидејќи едноставно не по своја вина човекот неможе да ве слушне.

Но во наша Македонија и власта и опозицијата добро слушаат, ама не сакаат да слушнат, да разберат и постапат согласно законите на државата и најважно да ја прилагодат државната (и партиската) политика барем кон регионалните процеси. Како и вообичаено сите се прават на недоветни, а можеби и се недоветни штом постапуваат така, мислејќи дека нема никогаш за ништо да одговараат.

По овој краток вовед, да кажам што всушност ме испровоцира да ја напишам оваа колумна, односно преку истата да се осврнам на некои конкретни појави кои укажуваат на потполен политички аутизам кој резултира со безааконие во Македонија.

Пред само две недели ви ја претставив колумната со наслов „На оџа пезевенк не се вика“ и еве две недели подоцна многу јасно ги гледаме постапките на Европскиот парламент во однос на Србија и тамошните избори, но и во врска со некои претходни политичко-безбедносни случувања во регионот. Оваа бурна состојба која се случува во срамното црево на Белград кон што свој материјал додава и самиот Путин (интервјуто кај Карлсон) ќе произведе енормна количина фекалии која на крајот ќе се излие во нашиот организам, поточно најмногу директна штета и загадување, дури и задушување ќе претрпи ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски лично. Впрочем тоа можеме да го видиме на дело преку многу видливиот обид Белград и Приштина да заиграат  во Скопје, секој преку своите играчи. И повторно: „Има ли копиљот во авионот“?, за што исто така неодамна пишував.

Иако многу работи изнесовме на виделина, и јас лично и Фракцијата за демократизација и ревитализација на ВМРО-ДПМНЕ и сѐ ставивме на јавен увид пред неговото величество граѓанинот – суверенот и во крајна инстанца членот на ВМРО-ДПМНЕ, останува едно видливо однесување карактеристично изразено преку апатија и глувост кај сите нас. Како да сме немоќни или да немаме сила, желба, енергија што би се рекло ниту во општеството, ниту во институциите на државата, а најмалку во политичките партии вклучително и во нашата ВМРО-ДПМНЕ да смениме нешто. За почеток, да ги натераме власта и опозицијата, менаџментот на политичките партии барем да ги почитуваат законите на Македонија, правните акти во институциите на државата и секако актите во политичките партии. Акти кои самите ги донеле, иако по правило секогаш според нивните потреби и желби, но и такви октроирани не ги почитуваат. Тоа е првиот чекор за јасна желба и конкретна борба против корупцијата и криминалот, а во тој контекст и нормално управување со авионот што ќе овозможи јасно гледање на регионалните процеси и политички збиднувања.

Една светла точка која деновиве ми привлече внимание. Тоа е изјавата на Зијадин Села како Претседавач на Централниот совет на Алијанса на Албанците. Имено, на изјавата на Арбен Таравари за напуштање на утврдениот партиски став за изборно дејствување и изнесување на негов став дека треба да се оди во коалиција со други политички субјекти, господинот Села искажа демократски став дека претседателот на партијата не е над партијата и дека најпрво за такво нешто треба да се изјасни партијата, а не самиот Таравари да излегува со констатација како да се наоѓаме пред свршен чин со што покажал самоволие во раководењето со партијата. Замислете, неговото политичко делување без консултација со партиските тела и органи и надвор од утврдената политика, иако е претседател на Алијанса, јасно и пред македонската јавност е оценето како самоволие. Односно Села јасно кажа дека ниту претседател на партијата неможе и несмее да донесува одлуки надвор од партиските тела и органи. Впрочем за што друго и би служеле партиските тела и органи доколку тоа не е за донесување политички одлуки со претходна дискусија за политика на сите нивоа. Напоменувам, партиска дискусија за политики, не за вработувања и функции.

Кога сме веќе кај збиднувањата во Алијансата на Албанците имам едно прашање до Мицкоски кои нели во стилот на баба Ванѓа предвиде дека ќе дојде до расцеп во редовите на Алијанса и тоа поттикнато од неговиот добар пријател Таравари. Имено дали ти Христијане таа информација ја доби на лице место со проток преку папочната врвца за која погоре пишував?

Села ни одржа краток курс по внатрепартиска демократија и почитување на партиските правни акти. Тоа што во продолжение имаме насилство помеѓу двете крила во Алијансата на Албанците е веќе виден фолклор. Некаде во партиите има директно насилство, а некаде маргинализација и медиумско насилство и омаловажување на оние кои не се согласуваат со постапките и политикантството или самовластието на божемниот лидер.

За наша жал и во државата е иста состојбата, па нели државата ја водат политичките партии. А државата ја води СДС (барем официјално, а неофицијално? Не е ДУИ, но и за тоа пишував). Сите ние јавно коментираме дека СДС се неспособни. Дали се? Или само се прават такви? Правејќи се недоветни ни протнуваат разни прекршувања на законите и подзаконските акти заради свои интереси. Покрај нас поминуваат безброј беззаконија на кои ние како граѓани не реагираме. Не реагираме, едно поради тоа што не можеме да знаеме се што прават, но второ и уште поважно затоа што сме незаинтересирани, исплашени, со главата во песок, некој друг за нас да каже, придвижи и заврши ако може. Од друга страна на ваквите видливи беззаконија на власта, опозицијата излегува со бледи соопштенија, ФБ написи и непримерни закани кон поединци дека кога тие (опозицијата) ќе дошле на власт, ќе ревидирале и ќе барале одговорност (некои мислат и да стрелаат). Впрочем сериозна политичка партија за каква што Мицкоски и неговите клиентелисти се обидуваат да ја претстават ВМРО-ДПМНЕ под нивен демократски јарем, не се обраќа со флоскули во стилот: „аа, ќе видиш ти…“, туку презема конкретни законски чекори. А за што служи правната комисија? Или сега Панче Тошкоски (личниот пријател на Мицкоски) е зафатен со преговори со Грција за промена на меѓународниот договор (познат како Преспански) или делење налепници со акронимот НМК (тоа се оние истите патриоти кои не го признаваа Преспанскиот). И бидејќи е технички министер за Внатрешни работи во владата кај Талат – непризнатиот нели, воедно е незаменлив на функцијата претседател на правна комисија, поради што истата не работи, како впрочем и другите партиски комисии што не работат.

Но, да се вратам на основниот проблем кој сакав да ви го елаборирам и на тој начин преку оваа колумна да укажам на само еден од многуте, безброј примери на беззаконие кој за пошироката јавност поминува незабележливо, но во пракса ќе предизвика состојба на преседан, а преседаните и беззаконието ги уриваат институциите и создаваат правна несигурност со длабоки последици.

Во својот наплив на партиски вработувања со цел да се подмират партиските заложници (членови) пред избори, СДС е во временски теснец за потполна реализација на оваа партиска активност, но во исто време по се поголем притисок од оние кои чекаат да се вдомат во институциите. Тоа што ќе вработи СДС до 14 февруари кога треба да се распишат изборите тоа ќе им биде сигурно за гласање, останатите ќе треба да ги лажат и манипулираат до следните избори за да ги задржат како свое гласачко тело. Така, поради временскиот теснец и веројатно силен притисок се востанови институцијата наречена „Саботен конкурс“ во траење од три дена. По тој принцип се случуваат вработувања дури и на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ во Скопје. И се би било во ред доколку се работи за не наставен кадар, односно техничко-административен персонал и процедурата би одела според Законот за работни односи и Законот за вработени во одбраната. Но, се работи за наставно-научен кадар и тука процедурата е малку посложена и за отпочнување и завршување на процесот се потребни повеќе формални постапки регулирани во неколку закони и подзаконски акти како и со Статутот на Воената академија (што е пак посебно прашање за кое ќе се отвори расправа – некогаш).

Петровска, министер за одбрана, незнам по чија сугестија се решила да изготви Решение за распишување на јавен оглас за вработување на персонал на Воената академија и Министерството за одбрана да објави Конкурс за вработување во траење од цели 3 (три) дена со општи и посебни услови давајќи предност за одредени кандидати. При тоа, во дел од обврските за спроведување на огласот ја задолжува Воената академија, а Наставно-научниот совет или барем деканската управа за оваа намера на министерот и добиена обврска ништо не знаат, ниту имаат донесено некаков акт. Видливо е дека кандидатите ќе треба со светлосна брзина во овој административен хаос кој владее во државата да ги извадат сите потребни документи (околу 5-6 на број) и да конкурираат. Или не ќе да е баш така и веќе се имаат убаво договорено. Очигледна е тенденцијата да и оваа беззаконие помине под радарот на јавноста, а во исто време од ВМРО-ДПМНЕ да се огласат со познатата реторика „не умри магаре до зелена трева“.

И повторно за наша жал, токму „за да не умре магарето до зелена трева“ и во ВМРО-ДПМНЕ не се почитува законитоста, односно не се почитуваат партиските правни акти на прво место Статутот. Ние како внатрепартиска фракција веќе подолг период инсистираме на статутарни промени во партијата со единствена цел, нејзина демократизација. Очигледно е дека глувоста на Мицкоски и по оваа прашање, за да го зачува октроираниот Статут кој е ремек дело на Панче Тошевски, е со цел да може да манипулира со членството и да си ја држи ВМРО-ДПМНЕ под своја апсолутна власт. Како од тате да му останала партијата. Што да правиме, навика и стил на живеење е тоа од тате да останува и да се добива сѐ.

Сепак, Мицкоски не застанува тука, на октроираниот Статут, тој дури и таквиот никаков недемократски Статут (кој колешката Силјановска јавно го прогласи за најдемократски, од лични причини секако) го прекршуваше и продолжува да го крши.

Мицкоски го здроби Статутот кога требаше да се самоизбере како единствен кандидат на нелегалниот конгрес во 2021 година. Последиците од таквото партиско однесување на Мицкоски, но и на членството може да ги видиме денес во полна сила. Едноставно Мицкоски си продолжи со прекршување на Статутот на партијата, а за тоа полна поддршка доби од Централниот комитет кој безпоговор му ги предава во надлежност сите свои и така нарушени ингеренции. И повторно се во надеж дека ќе се здобијат со малку љубов и внимание на „лидерот“.

По старата добра практика за манипулација со членството и веќе отворено бесрамно прекршување на статутарните одредби (а нели Статутот на партијата е Уставот за државата), Мицкоски ќе си фаворизира свој кандидат за претседател на државата. Повторно ќе ја кандидира Гордана Силјановска-Давкова и како што веќе еднаш ви напишав драги мои сопартијци ние сите ќе треба да гласаме за нашиот или за нивниот комуњар. И толку од внатрепартиската демократија и почитување на партиските правни акти од страна на Мицкоски. Допрва ќе биде интересно во партија кога ќе се одлучува за пратеничките листи и редоследот на истите. Тогаш како членови на партијата ќе се прашуваме што се случува и од каде сега овие се појавија на листа. И да не ви биде мака за тоа што ќе ви го прави Мицкоски, затоа што сами си го дозволувате, кога не го почитува Статутот на партијата кој е по негова мерка, зарем ќе почитува Устав и закони. Па овие некадарните од СДС кои глумат колку толку внатрепартиска демократија не почитуваат закони, а не пак Мицкоски кој јасно во нашата партија ни става до знаење и ни покажува во пракса како го разбира управувањето со партијата, односно аналогно на тоа и со државата.

Затоа и се појавивме ние како внатрепартиска фракција за да ви ги предочиме сите беззаконија, неетичност и манипулантство од страна на Мицкоски кон вас и вашите животи во очекување некој друг да Ви помогне, да ја исправи неправдата, да се избори за законитост, чесност, некоруптивност.

Е па, тој друг кој треба нешто да каже, да заврши, да придвижи, да се избори за нашите права, за почитување на законите во државата и во ВМРО-ДПМНЕ како наша партија, очигледно е внатрепартиската Фракција за демократизација и ревитализација на ВМРО-ДПМНЕ во чие име пишувам и јавно настапувам.

Како што повеќе пати повторивме. Наша цел не е да го уништиме ВМРО-ДПМНЕ (тоа веќе го прави многу успешно Мицкоски заедно со неговите клиентелисти и со поддршка на политичката олигархија), наша цел е да ја преобразиме ВМРО-ДПМНЕ во демократска, про европска десна национална политичка партија. Така демократизирана и со полн демократски капацитет, нашата ВМРО-ДПМНЕ ќе биде подготвена да го преземе водењето на Македонија во која ќе се почитуваат законите, а законите го штитат општеството и сите нас поединечно.

Впрочем спроведувањето на законите на државата Македонија ќе ни овозможи конечно да ја скинеме папочната врвца споена за срамното црево на Белград и да спречиме потполно загадување. Потоа ќе има нормален пилот и копилот во авионот.

 

Оливер Андонов

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *