(на Алексеј Навални)

Минатата недела заминав на богослужба патем со мисла да запалам свеќа за починатиот Алексеј Навални, трет ден од неговата смрт. Кога застанав пред распетието Христово низ глава ми помина мисла – па човекот Алексеј Навални „со смртта, смртта ја победи“ и замина во БЕЗСМРТНИТЕ. Навални со смртта му го зададе најголемиот пораз на неговиот џелат, автократот (еуфемизам за Диктатор) Владимир Владимирович Путин.

Негативните реакции на светското јавно мнение, понекогаш и со отворена омраза, кон Путин посочувајќи го како директен егзекутор на Навални, целосно ја препокрија проруската пропаганда создадена со т.н Милениумско интервју на Такер Карлсон и Путин. Според руската пропаганда интервјуто било видено од над милијарда луѓе, каква небулоза. Според мене не станува збор за интервју туку за „Политичка пародија“ на двајца искомплексирани егоцентрици потребни само на царскиот руски двор. Но за интервјуто толку… и ова беше многу.

Немав намера да пишувам за овие глабални настани и така светските медиуми од различни идеолошки провиниенции изнапишаа страници и страници. Но бев длабоко повреден и иритиран од хипокризијата која се појави кај многу медиуми и социјални мрежи па решив да го кажам и мојот став.

Имено најмногу ме погоди видео пораката на Људмила Навални, мајката на Алексеј, како директно стоејќи пред злокобниот затвор, со солзи во очите кои непрекинато течат, му се обраќа на „Претседателот“ Путин да и дозволи да го види телото на сина си и и’ дозволи да го погребе човечки. Но милостивиот Диктатор одлучил дека не треба да се вознемирува мајката на Навални па поради тоа нема да и го даде телото две недели, додека не се смири. Коментарите на руските социјални мрежи, верувам најголем број на путинови ботови, беа грозоморни, нечовечки, вулгарни (заради менталната хигиена на читателите не можам да ги цитирам) и затоа не верувам дека се коментари на рускиот граѓанин, Православен Христијанин.  На оваа хипокризија на „Претседателот“ Путин се надоврза и најголемиот борец за човекови права, најбогатиот во светот, филантроп, хуманист и сопственик на „X“ социјалната мрежа Илон Маск. Кога ја купи мрежата Илон Маск изјави дека нема да дозволи цензура на јавниот збор. Како доказ прво што направи го ослободи налогот на Доналд Трамп. Но кога станува збор за барање од Кремљ тогаш веднаш се забораваат ветувањата, така оваа видео порака на Људмила Навални беше тргната од „X“мрежата.

Но односот на социјалните мрежи и проруските медиуми кон Јулија Навалани беше врв на цинизам и лицемерие. Во моментот на најголема тага, кога сите сочуствуваат со роднините на најблиските, на социјалните мрежи таа беше буквално растргната. Прво се започна со „анализа“ на нејзиното видео обраќање. Поставеноста на камерите, светлото кое било користено, гримасите на нејзиното лице, мејкапот, зборовите кои ги користи за да се дојде до заклучок дека станува збор за повеќемесечна подготовка во режија на Холивуд, да не е жалосно навистина би било смешно. Потоа се појавија коментари за тоа дека било наместено нејзиното присуство на Минхенската конференција за безбедност токму поради најавената смрт на Навални!? Ботовите ја нападна со измислени приказни за нејзината аморалност и брачни неверства, за тоа дека татко и бил агент на КГБ до тоа дека ја користи смртта на сопругот заради себе промоција…небулози без крај. И секако овде на сцена настапува нашиот херој Илон Маск, кој на барање на „Росокомнадзор“ ја цензурираше објавата и го тргна видео обраќањето од „X“ мрежата. Толку од борецот за слобода на говорот! Толку од рускиот свет на Путин и моралниот кредибилитет на руската православна душа, нешто поради што нашите мали Руси паѓаа во несвест.

Не би сакал да правам анализа за причините за смртта на Навални но низ посредни докази, јавно познати, можеме прилично да допреме до вистинските причини за неговата смрт. Гари Каспаров, познатиот свтски шаховски шампион, близок пријател и ментор на Навални во колумната за „Волстрит журнал“ насловена „Како Русија и Западот го изневерија Навални“ ќе напише: „Кога политички затвореник ќе умре, нема потреба од семантички игри на обвинувања. Ова е убиство на диктатурата, страшно како самиот Путин да го повлекол чкрапалото…Путин го уби Навални но одговорноста е и на Нас Русите кои не можевме да парираме на храброста на Навални и завршиме со Путиновата диктатура, не можеме да ја избегнеме нашата одговорност…Алексеј беше човек со оптимизам и дејство, во држава на нихилизам и бездејствие…Западните политичари се криви бидејќи труењето на Навални во 2020 година како и затварањето следната година, го третираа само како една точка во преговорите со Путин. Многу зборови без акција.“

Освен овие искажувања на Каспаров како посредни докази кои будат алузија за тоа што му се случи на Навални се одлуките на руските власти да не се изврши обдукција на телото. Далеку било со присуство на меѓународни специјалисти. Потоа не е јасна причината зошто телото ќе биде дадено по две недели, каква трансформација треба да се случи во тие две недели. Над Навални веќе беше извршен акт на убиство со неговото труење во 2020 година, на летот Томск – Москва кога во кома, по преќинување на летот беше примен во болницата во Омск. Подоцна, кога диктаторот се смилува на барањата на Јулија Навални беше префрлен во Германија каде се утврди дека е отруен со отровот „Новичок“. Големите „гревови“ на Навални се што не беше со поданички дух и директно се спротивстави на Големиот Диктатор.

Прво, во 2013 година се појави на изборите за градоначалник на Москва и освои 700 илјади гласови околу 30% од гласачите, секако победи миленикот на Путин Сергеј Собјанин кој и денес сеуште е градоначалник на Москва. Потоа, во 2016 година најави кандидатура за претседателските избори во 2018 год. Во 2017 година во јуни организираше протести во 150 града низ Русија, според руските власти биле присутни околу 150 илјади луѓе, реално толкава бројка на протестанти имаше само во Москва. Но во есента, Навални, многу го навреди „царот“ бидејќи на 7-ми 10-ти организираше масовни протести во 79 града, замислете тоа го стори на роденденот на „царот“. Така што веќе почна „да му гази по нервите на Путин“.

Секако, како и она што му се случи на Борис Надеждин, собра 200 илјади потписи од потребните 100 илјади, ЦИК (Централната изборна комисија) по прегледаните 60 илјади потписи констатираше 60% на нерегуларни, претежно податоци на мртви луѓе и голем број фалсификат и … кандидатурата на Надеждин, за претседателските избори во 2024 год., беше отфрлена. Така и во 2018 година поради наводно судско дело од ЦИК беше отфрлена кандидатурата на Навални.

Но дефинитивно Навални ги помина „црвените линии“ поставени од Путин кога го снимаше документарецот „Вилата на Путин“ и мораше да бидат преземени едукативни мерки за да се дисциплинира Навални. На 17.01.2021 год. Навални се врати од лекување од Германија и веднаш на Шеремјетево беше уапсен за прекршување на условна пресуда и пратен на одслужување на казна затвор од две и пол години. Но за жал на Путин на 19.01.2021 г. светот го виде филмот на Навални и целосно беше демаскирана јавниот лик на Путин. Во филмот, кој секако има повеќе прегледи одколку „интервјуто на векот“, можете да ја запознаете вистинска личност на грамзливиот, лукративниот, осветољубивиот, неморалниот Владимир Владимирович Путин. По ова веќе започна патот кон смртта на Навални!

До 2018 година, според „Билд“, Навални од 2011-2018 год. поминал 485 дена во затвор. По затворањето на 17.01.2021 година, повторно во март 2022 година беше осуден на 9 години затвор, поради присвојување на туѓи средства. Станува збор за средства од неговиот „Антикорупциски фонд“, кој разоткри стотици корупциски недела на Путин и неговата камарила. Посебно беше потенцирана злоупотребата на странски финансиери на фондот, од која причина и „Антикорупцискиот фонд“ беше затворен. Да напоменам странската помош е од три лица и заедно е во висина од 80 евра!? Но и со ова „царот“ не беше задоволен па во август 2023 год. за дело екстремизам го осуди Навални на 19 години строг затвор во „самица“. За да се случи ресоцијализација „царот“ нареди да се испрати во најсеверниот од сите северни затвори, поранешниот „гулаг“ на Сталин, Јамало – Ненец… да не починеше Навални од руските казамати ќе излезеше во 2051 година.

Марк Галеоти колумнист за Спектар – „Како запад може навистина да ја освети смрта на Навални“; Вилијам Хејг за Тајмс „Време е Путин да се казни“; Џерард Бејкер за Волстрит журнал „Морално слепило на десничарските Путинови апологети“; Џон Кирби за Гардијан „САД подготвуваат голем број на санкции кон Русија“…..итн, итн. Како би рекол Каспаров „Многу зборови без акција“. Во меѓувреме во Шпанија беше пронајдено „изрешетано“ телото на Максим Кузминов уште еден неистомисленик на Путин.

Едно е сигурно Алексеј Навални „со смртта смртта ја победи“ и замина во друштвото на БЕЗСМРТНИТЕ!

Оливер Андонов

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *