Многу работи во нашиот живот ни се важни. Секој може да ги подреди според своите потреби или перцепции за важност. Можеби и според сопствената мака во животот, што би се рекло „секоја планина со своја тежина“. Или пак според приоритетите кои ни ги диктира животот. Но доколку се водиме според бихеивористичките потреби, тогаш единственото што му е потребно на човек е водата, храната и…

По ова –

„и“ доаѓа она што во здрав памет ни го прават, а не е важно за нас, напротив навредливо ѐ. Важно е, но за нив. Важно им е затоа што единствено истакнувањето на хипокризичната загриженост дека нешто друго освен нивниот хедонизам им е важно, им дава простор да ни зборуваат за важноста и нивната загриженост за Македонија. Односно, божемна загриженост за сите нас поединечно, поради што нели не прашуваат „Што нам ни е важно“? Како тоа воопшто и да ги интересира.

Кога овие неспособните и криминализирани од СДС се обидоа да шетаат низ жална Македонија со портокалови елеци, беше траги-комично. Сега пак Мицкоски се обидува да ни каже што му е важно нему и божем нас да не праша што ни е важно. Патем не прави ништо повеќе освен што ги собира неговите клиентелисти кои глумат народ. И тоа во паузите помеѓу две средби со менторот му и финансиерот Анѓушев, чие име е забрането да се споменува во нашата партија во негативен контекст. Инаку е пожелно Мицкоски и другарите му да одат на прослави организирани од Анѓушев и нашите градоначалници да купуваат струја од негови фирми. Тоа е особено важно, за Мицкоски. Очигледно е дека воопшто не му е важно тоа што токму Анѓушев е ставен на црната листа на САД. Важно за Мицкоски е да води дипломатско-политичка војна со О’Брајан и не му е важно какви последици од таа негова авантура ќе има нашата партија ВМРО-ДПМНЕ и Македонија.

Пред да му кажеме што нам како на внатрепартиска фракција за демократизација и ревитализација на ВМРО-ДПМНЕ и на мнозинството членови на партијата ни е важно, ќе фрлиме еден поглед на хипокризија која ни се претставува како доблест. Нема да разгледуваме детали, само некои фрагменти кои „бодат очи“ што за нас Е ВАЖНО. При тоа, да напоменеме, дека овие од СДС не се различни, туку на една ваква будалаштина на Мицкоски „мудро“ молчат и чекаат кога да возвратат со сопствена хипокризија и глупост на јавна сцена, во зависност од тоа дали ќе ја фатат страната на Ковачевски или на Заев.

Гледајќи низ призмата на хипокризија која ни се става на увид превентивно реагираме за да укажеме на тоа дека не сите исто мислат и дејствуваат во ВМРО-ДПМНЕ. Не се сите клиентелисти кои за малку „љубов“ од прецеднико и ветено место во јавни и политички функции, потврдено со „сертификат“, ќе ги повторуваат невешто (глупаво и смотано) неговите „големи мисли“. При тоа, самите ќе се стават на јавен потсмев. Дотолку што не знаат ниту што рекле, а не пак тоа да има некаква политичка смисла или да е во интерес на нашата партија или Македонија.

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и актуелен градоначелник на општината Аеродром, Муцунски, вели дека „важно е да имаме функционална држава“. Да Тимчо тоа е многу важно, но ние во името на граѓаните, а посебно истакнувам, во името на членовите на ВМРО-ДПМНЕ кои гласавме и работевме да бидеш градоначалник, ќе те прашаме: „дали имаме функционална општина Аеродром“? Доколку сакаше да делуваш на државно ниво (а нели беше на средбата во амбасадата на САД) од која мака отиде да бидеш градоначалник на општина Аеродром? Колку плаќаш за пливањето на децата во базенот на Иван Анастасовски и колку дечиња реално пливаат за сумата која од општинската каса ја плаќаш? Колку должат основните училишта од општината за греење? Зошто сеуште не се решени барањата за трансформација и откуп на земјиштето во општината, посебно на онаа под колективните објекти за домување? Зошто не е донесен деталниот урбанистички план со промена на парцелите согласно поставеноста на објектите за колективно домување? Важно е Тимчо општината да биде чиста и не е приоритет помпезно да отвораш детски игралишта. И тука ќе застанеме, да не ја шириме многу, доволно е за умен човек како што е Тимчо нели, да се повлече од глупавата кампања „важно е“. Пред се важно е да се обиде да расчисти со криминалните структури околу него или можеби да расчисти најпрво со самиот себеси, што сака да му биде важно во животот.

Многу е важно за Македонија, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Из Нот Гут (алијас Николоски) да престане да не раскарува со сите соседи како нација и како партија, и да не става во позиција на анти ЕУ политичка структура. Како што е исклучително важно да престане да лаже покрај другото и за улогата на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во носењето на измените на Кривичниот Закон, Деловникот за работа на Собранието на Македонија, зголемуваљето на функционерските плати за 78% и други акти.

Важно е да нема наместени тендери, но секако дека е многу важно нашиот пратеник Бране Петрушевски да ни каже колку од градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ наместија тендери? За почеток еве нека биде тоа за набавка на струја за јавно осветлување која ја набавија од Кочо Анѓушев. Многу е важно Бране, покрај тоа што Анѓушев е пациент од црна листа на САД, особено заради хипокризијата која со мака ја искажуваш во надеж дека ќе те награди Мицкоски со уште еден пратенички мандат. И секако Бране, кога не си хипокризичен како она со јавниот настап во Собранието за кој противправно те осудија од Кумановскиот суд, ние од фракцијата јавно ќе проговориме  поддржувајќи те. Тоа е важно за сите нас во Македонија кои ги споделуваме и поддржуваме принципите на демократија, правда и законитост. На Мицкоски не му е важно, затоа и уста не отвори, бидејќи му е важно да не добиеш на публицитет кој тој нема да го контролира, затоа што не му е важен секој граѓанин на Македонија, не му е важен секој член на ВМРО-ДПМНЕ. Важно му е да поттикнува глупав и секако неупотреблив клиентелизам. Затоа што му е важно тој да биде „лидерот“, „најпаметниот“.

Важно е да нема непотизам, но Јанушев, токму твојот клиентелизам (нема да ти го споменувам непотизмот, би било многу невкусно од моја страна)  ти помогна да падне твоето обвинение за ЈСП преку измени во Кривичниот Закон во членот 353. Ете тоа е конкретниот ефект од кворумот кој го направија пратениците од ВМРО-ДПМНЕ за измени на Кривичниот Закон.

Важно е законите да важат подеднакво за сите, но ете на пример не важат за случајот „делчевски ниви“. Што да се прави кога некои се поважни од други и ним секако треба да им се исполнат нивните важни работи.

Точно е Љупчо, важно е да има чесна распределеност на земјоделското земјиште, но многу е важно токму ти да објасниш каде исчезнаа 669.000 евра од европски фондови кога ти беше министер. Само патем а важно е да те потсетам дека токму за вакви примери зборуваше холандскиот амбасадор.

Важно е колегата Трајко Славевски да објасни како ќе обезбеди една милијарда евра во буџетот на Македонија за локален развој. Со оглед на минатото искуство кое го имаме со него, знам дека тоа нема да се случи. Така што на Трајко му е важно само да биде некаде на власт, инаку зошто би прифатил да биде претседавач на Совет на град Скопје.

На Маја Кадиевска-Војновиќ и е важно да има куќна помошничка. Чесно, па неможе жената да се грижи за својот дом и истовремено да размислува што е важно за Македонија. Можеби затоа се организираат курсеви, семинари, обуки, незнам како да ги наречам тие „активности“ на кои им се издава „сертификат“ на нашите сопартијки дека се оспособени за извршување на јавни и политички функции. Верувам дека тоа ним (на учесничките) им е многу важно, бидејќи убеден сум дека таа обука ја разбрале како лиценца за директорско, раководно, управувачко место. Незнаев дека Мицкоски е квалификуван за издавање на вакви „сертификати“ – лиценци. Но, доколку тоа му е важно, нека му ѐ, нека се радува. Иако, мора да кажам и предупредам, дека тоа уште од сега праќа исклучително лоша порака за тоа кој и со какви „квалификации“ ќе може да дојде на врвна позиција, а тоа не е на избрана политичка функција.  За избраните позиции од редовите на нашата ВМРО-ДПМНЕ важна е само квалификацијата за лојалност кон Мицкоски, за да биде некој предложен.

На нас во внатрепартиската фракција, а верувам и на членството во ВМРО-ДПМНЕ, но најповеќе на граѓаните на Македонија исклучително им е важно да функционира мериторен систем заснован на образование, знаење, резултати, чесност, интегритет, искуство.

Покрај тоа што знаеме што ни е важно, а за што дури не ни треба ниту кампања, колку и таа да ја смислил некојси „генијалец“ заради „мобилизација“ на гласачите, недостасува понуда на реални решенија.

Спречувањето на корупцијата и криминалот, оној организираниот, е само флоскула, бидејќи се гледа колку тоа им е важно и на нашите пратеници и раководство, особено кога се во прашање нивните интереси. Впрочем, дали некој искажа барем морално несогласување со зголемувањето на функционерските плати (и пратеничките плати се тука) од 78%. Секако не, па да имаше морална димензија и здраворазумско размислување немаше да се држат до Мицкоски за да добијат  (изгребат) уште еден мандат пратенички, туку ќе им беше важно да се спротивстават на неговиот шовинизам, и јавно да ги поддржат и промовираат европските вредности и членство на Македонија во ЕУ и тоа на дело во Собранието. Но тоа, како и се друго што не е за нив лично и лукративно е важно, важно е само за пред јавноста. Затоа ќе го парафразираат и цитираат Мицкоски, влегувајќи во сопствени замки на неговите неартикулирани политички искази кои подоцна важно е да ги бранат и по цена на сопствено понижување. Тоа што ќе се понижат и омаловажат и ќе потврдат дека немаат интегритет не им е важно, важно е да се добие уште еден мандат пратенички или функција.

Тоа што е најсмешно и што неможат да го видат, а е многу важно е, дека Мицкоски нема да биде премиер, така што и нивниот многу важен клиентелизам е исклучително неважен и самопонижувачки. Најмногу е на штета на ВМРО-ДПМНЕ и Македонија.

Е сега, што нам како на внатрепартиска фракција за демократизација и ревитализација на ВМРО-ДПМНЕ ни е важно? Важно ни е ВМРО-ДПМНЕ да биде демократска проевропска партија. Важно ни е да биде ослободена од хипокризијата, лагите и криминалот со што ќе биде подготвена да ја води Македонија!

Тоа нема да се случи доколку навистина нам на членовите на партијата тоа искрено не ни е важно. Таквата не важност ќе значи дека партијата уште долго ќе остане во опозиција претворена во инструмент за поткусурување на Мицкоски и клиентелистите околу него заради лични интереси, вообичаено и секогаш лукративни.

Има лек, само треба да ни биде важно да го употребиме заради здравјето (политичко секако) на ВМРО-ДПМНЕ, наместо плацебо лекарствата (политиките) кои му се важни на Мицкоски. Нему веројатно му е важно да се натпреварува со национал-социјалистот и троцкистот Апасиев. Кога поради сопствената неинвентивност и политичка кусогледост ќе помисли дека Апапсиев му ги зема гласовите и може да биде божем фактор, Мицкоски најавува можни коалиции со него, во моментот мислејќи дека тоа му е важно за ловење некои дневно-политички поен.

Христијан, важно е ВМРО-ДПМНЕ да дојде на власт, но не по цена партијата да биде во коалиција со Апасиев и да биде анти ЕУ. Важно е да се обидеш да ги обединиш во партијата сите оние кои поради тебе и твојата клиентелистичка политика се пасивни или стојат наспроти твоето политикантство. Важно е да разбереш дека времето на едноумие кое ти го нарекуваш партиска „монолитност“ одамна заврши. Важно е да без твоите лични лукративни интереси оставиш простор за демократизација на ВМРО-ДПМНЕ и во таа различност да победат про ЕУ структурите во партијата. Важно е на крајот од се, да си заминеш чесно од партијата која толку долго ја остави во опозиција (важно е да се угледаш на Карамарко од нашата сестринска ХДЗ). Најповеќе, важно е да не ја турнеш нашата партија во политичка маргинализација кое нешто веќе успешно го правиш на меѓународен план, како што тоа го правиш внатре во партијата со сите кои не се твои клиентелисти и не мислат како тебе.

 

Оливер Андонов

 

 

 

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *