Да се пишува за овие три психо-соматски карактеристики значи да се конципира слово за само една состојба која се нарекува „унуние“ (според црковно-словенскиот термин). Овие три поими се меѓусебно несомнено поврзани и толку многу испреплетени што претставуваат причинско-последична појава на секојдневно однесување. Однесување кое не се карактеризира исклучиво како индивидуално однесување, туку дури и општествено-социјално однесување на цел еден народ па и нација.
Е токму тука сме сместени ние Македонците. Во нашиот случај како народ, а преку нас, бидејќи сме носечкиот народ, најбројниот во Македонија, со директно влијание врз поведението на целата македонска нација.
Ова слово треба да го започнеме со поимот „омраза“. Нема да пишувам за значењето, затоа што тоа и самите можете да си го протолкувате без посебни научно-стручни консултации. Зборот ми е за омразата како наш национален спорт. А кој мрази? Најчесто тој што е исфрустриран. Фрустрацијата пак е резултат на неостварени сопствени замисли, желби и цели. Епа сега каде сме ние како народ и нација тука?
Според тоа што го прикажуваме на дело ќе кажам дека сме исполнети со фрустрации. Фрустрации кон сите, но всушност најмногу кон, односно од, самите себеси. Ту бре, како не бевме како некои други соседни народи. Како ние не се држевме сплотено како тие. Како ние не ги воздигнуваме нашите национални и народни дејци, како ние не создадовме држава во 19-от век или барем на самиот почеток на 20-от, па Македонија да беше цела.
Многу интересна е таа психолошка состојба на еден народ која силно се одразува врз социјално-општествениот дискурс и општо поведение на масата.
Имено, за да човек-поединец (а народот е составен од индивидуи) не биде фрустриран и за да се ослободи од омразата, неопходно е да има пораснато врз здрави основи. Да се изградил – оформил како личност во здрава општествена и социјална средина, да има формирано чист и здрав светоглед и етички и социјални норми кои ќе ги пренесе на своите поколение. И секако неминовно е да се стекнал со нормално и квалитетно општо образование. Тоа е патот за создавање на здрави поколенија, корисни граѓани за државата и за својот народ. На тој начин се создава една нормална граѓанска свест која не е полтронска, клиентелистичка и конформистичка и која е подготвена да се бори за граѓанските, човекови, социјални, општествени, економски и пред се национални права, а не за своите лични удобства.
Денес активно и насекаде ги мразиме албанците и бугарите (дел од овие народи се наши сограѓани). Претходно ги мразевме грците, но одевме на летување в Грција, а денес сме рамнодушни до степен што заборавивме на нивната византиска итроштина и упорност поради што по 30 години успеаа да најдат еден црпнат кој ни го смени името на државата и нацијата. За оваа ние не се лутиме на црпнатиот или на самите себеси, туку во нашата лутина ги мразиме САД и ЕУ, сосема без причина и во креиран дискурс на јавно мислење од политичката олигархија поврзана со други центри на моќ. Едно време ги мразевме и србите, но денес сме ептен заљубени во нив. Сите овие љубови и омрази не се резултат на изградена наша, сопствена граѓанска свест или историско паметење и искуство. Тие се само резултат на моментално и периодично креираната социјално-психолошка состојба врз македонскиот народ од страна на медиумско-олигархиско-политичката структура која владее со нашите животи, особено последните триесет и нешто години. Подготвени сме да имаме омраза кон секого и се, нагласено помеѓу себе. Особено квалитетно ги мразиме оние кои покажуваат различна општествена, политичка, граѓанска мисла за националните или други општествено-политички прашања, а кои не се во согласност со потребите на политичката олигархија, како да мисли народот. При тоа, изразена е неграмотноста, заблуденоста, послушноста и секако нѐ подготвеноста за дискусија со аргументи. Токму доколку и дојде до таква дискусија и аргументите се на страната на соговорникот, истиот станува омразен противник како и самите аргументи. Затоа ни е тешко да направиме историска ретроспектива за многу настани од македонската историја и да ги погледнеме реалистично од оваа временска дистанца, но и да ги разбереме, а не пак да ги отвориме „спорните“ делови на историјата. Затоа ни е тешко да ги разбереме нашите македонски дејци, членовите на Македонската Божествена Академија и нивната борба за Македонија во нивното време на живеење.
Омразата како поведение не окупира толку многу што во пракса стануваме неактивни. Неактивни сме во општествениот и политичкиот живот, дури и во сопствениот живот. Чекаме некој друг да ни каже што да направиме или уште полошо, тој друг да ја сработи нашата домашна задача. Тоа е во пракса „варената жаба на македонски начин“. Доколку погледнеме наназад кон нашите преродбеници ќе видиме дека во состојба кога немале своја држава, дури немале ниту свое образование и црква, тие имале бодар дух и воделе непомирлива црковно-народна борба против духовното ропство наметнато од Фанар. Никако да се угледаме на активноста и дејноста на Св.Јоаким Крчоски, на Св.Кирил Пејчиновиќ кои дури биле под животна закана од фанариотите, но не престанувале со дејноста и биле поддржани од народот.
Денес имаме автокефална Македонска Православна Црква-Охридска Архиепископија, но никако да дојдеме во состојба да бидеме активни и да ја реорганизираме Црквата како вистинска автокефална црква еднаква на сите други. Црква која како македонски народ достојно и стабилно ќе не претставува пред сите останати во Православната Екумена. Тоа е една незапаметена неактивност кај Синодот (чест на исклучоци) надополнета со хедонизам, кој постојано чека иницијатива за активност од надвор или од друг. Зарем е толку тешко Синодот на МПЦ-ОА да започне директни разговори и соработка со Бугарската Православна Црква и со Албанската Православна Црква. И уште како имаме потреба за една ваква соработка во овој момент на многу полиња. Но, најпрво треба да се изврши реорганизација на одделите и начинот на општествено-социјална и образовна дејност на МПЦ-ОА.
Граѓанската неактивност во областа на образованието и чекањето „министерството“ да ги уреди работите за нас без да имаме свој став за тоа како треба да се образуваат нашите деца, нашата иднина, е еклатантен пример на неактивност која скапо не чини, бидејќи ги запоставуваме нашите идни генерации.
Без идејност како резултат на неактивност го сопира развојот на македонскиот народ, на нацијата и државата. Во тој застој постојано очекуваме политичките партии да не повикаат на некаква си активност, а тие секако дека ќе не повикаат само тогаш кога ним ќе им треба да покажат некаква политичка сила и тоа од само нивен, на божемните лидери интерес. Народецот пак не од промисла, туку од личен интерес, како закоравени индивидуалисти (саможивно), но и од омраза кон некого или нешто, не за пошироки општествени или национални интереси, ќе излезе да се прошета и провикне. Потоа повторно ќе биде уште повеќе неактивен и сега ќе го мрази дури и тој на чии повик излегол, затоа што нема брз резултат каков што посакувал. И ете повторно, уште поголема фрустрација и омраза. Повторно сме во лонецот во кој се вари жабата на македонски начин и повторно медиумско-олигархиско-политичката булумента ќе го засили огнот.
Резултатот е влегување во апатија. Ништо не може да се смени, друг треба да направи, зошто јас, газдите на партиите, газдите на државата, сега се виновни САД и ЕУ и така до недоглед. Никако да се запрашаме кој е газда на државата, кој е суверен, кој е газда на партијата, од кои членови е составена таа партија, кој издвојува за локалната самоуправа и за државата и од кого треба да побараме отчет. Таа апатија и неактивност не може да ја издржи духот на младите кои сакаат да бидат во текот со современието, со нивните врсници во САД и Европа и затоа си заминуваат. Проблемот е што немаат намера да се вратат, бидејќи во земјите во кои заминуваат доминира граѓанската свесност или изразено со современа европска терминологија, тоа се уредени и стабилни демократии. Сликата за Македонија за нивната родна земја, за нивната и нашата Македонија останува како слика за мрачен балкански сокак во кој има само омраза, неактивност и апатија.
Животот на човекот, а преку него и на народот треба да биде осмислен, продуховен и целисходен. Под целисходност не се мисли на остварување на лични лукративни цели, бидејќи ние сме дел од нашиот македонски народ, а не просто индивидуи кои само јадат и произведуваат …
Омразата која не трансформира во неактивни и на крајот ја раѓа апатијата, не претставува смислен – уреден поредок на животот (личниот и општествениот) преку што би ја уредиле државата. Не постои уредена држава без осмисленост и јасна цел како национален проект на долг период.
На крајот, се доаѓа до еден суштински заклучок за македонскиот народ за сите нас пред се: „Дека омразата, неактивноста и апатијата се една голема бесмисла во која живееме“. Впрочем ние во таа бесмисла не живееме, тоа е еден полусвет во кој талкаме не само како народ, туку секој поединечно, „водени“ од политички слепци, лицемерни и лукративни лица под илјада маски.
Резултат на животот во бесмисленост е стравот. Постојниот страв од бесмисленоста на животот, на иднината која ја нема и која веќе завршила. Тој страв може да биде посилен од смртта. Секако за оние кој ја знаат суштината и плодовите на бесмисленоста. За другите тоа е незабележливо минување на времето во таквиот полусвет во кој не чувствуваат никаква тежина, а не пак загриженост. Затоа резултатот е неактивност и апатија. Впрочем, за што да се грижи човек доколку се е бесмислено.
Верувајте дека во нашата Македонија сеуште има доволно македонци кои во потполност се свесни за бесмисленоста во која како народ битисуваме. Или, исполнети со омраза и апатија, парализирани за било каква активност, со гнев кон самите себеси и силни фрустрации, итаме кон нашата национална погибел. Погибел во бесмисленоста од тоа што во омраза го правиме, не само себеси, туку уште повеќе на нашите идни генерации. Злостор од омраза без и најмалку совест.
Само едно бескрајно униние, една бескрајна бесмисленост, а со униние нема спасение. Нема спасение ниту за нас ниту пак за идните генерации македонци.
Зошто ли во македонскиот дел од пеколот нема чувари?
Оливер Андонов