Внучко знаеш за мојата мисија, поврзување на минатото со сегашноста и антиципирање на иднината за да може Македонија благовремено да се вклучи во процесите. Поради ова постојано сум во движење. Бев во Лондон, Неј, Јоханезбург и Њу Делхи, попатно поминувајќи низ сулудата војна помеѓу Русија и Украина.
Остави ја опскурната личност Мицкоски и неговата „лебедова песна“, тој никому веќе нит му е потребен нит пак му е важен освен на телевизија „Алфа“. Од времето на Другарот Тито, можеби и другарот Милошевиќ, не се памти во едни „Вести“ да се дадат пет прилози за еден политичар како што тоа го прави пропагандната машинерија на „Алфа“ со ступидните изјави на Мицкоски. Очекувам наскоро вестите на „Алфа“ да започнуваат со – Добровечер Господине Мицкоски!
Ова, за што Ти пишувам, од Ташманудиште не се гледа!
Во Лондон бев пред започнување на балканските војни, разговарав и ги убедив лордовите да ја попречат балканската војна. Па така ги повикаа Турција и Бугарија и им предложија на Македонија „јаболко на раздорот“ според нив а „касус бели“(причина за војната) според Бугарија, да и се даде автономија на која дотогаш инсистираше Бугарија. Предлогот на Англија беше прифатен од Турција но, види чудо, одбиен од Бугарија. Па тие всушност сакале територијално да ја освојат Македонија а не да добие автономија. И би војна!
Дали сега, Внучко, ти се јасни „глобтротерите“ на Бугарија во Македонија кои го попречуваат влегувањето на бугарскиот етнос во Уставот на Македонија. Доколку тоа се случи ќе се направи јасна дистинкција меѓу македонскиот и бугарскиот народ, за жал по големобугарските аспирации на мала, мала група националисти и шовинисти од бугарскиот народ предводени од Радев и Јотова.
Нејсе, по „Големата војна“, која се разбира Бугарија ја изгуби, побрзав во Неј на Сена во Франција каде ја судеа Бугарија по поразот во балканските војни и Првата светска војна, кои самата ги предизвика. Благодарение на мојата умешност успеав во „Нејскиот договор“ да го вметнам чл.126 со што ја задолжив Бугарија да врати се што опљачкала за време на балканските војни и „Големата војна“. Како и секогаш Бугарија застанува на погрешната страна од историјата.
Но она најважното, поради што Ти го пишувам мејлов, се случи на средбата на Г-20 во Индија. Секако предходно бев во Јоханесбург на средбата на БРИКС, но за тоа потоа. Основниот документ – Декларација, кој произлезе од средбата Г-20, беше во „духот“ на филантропските и пацифистички заложби на ООН. Ништо битно, освен за Претседателот на Украина, Володомир Зеленски кој ќе треба добро да се подзамисли околу модалитетите за прекинување на војната која му ја наметна Русија. Некако се чуствуваше, Внучко, како војната на сите да им е дојдена „преку глава“. Најважното беше она што се случи, на овој состанок, со групата „I2U2“(ај ту ју ту).
Што е, не си слушнал за нив? Тоа е и проблемот со Вас македонските политичари „од носот подалеку не гледате“, заглавени во „евтините“ корупциски пари у уште поевтините љубовници на државен или партиски трошок.
„I2U2“ е група која официјално се создаде пред една година, а неофицијално во 2021 година. Групата се создаде под влијание на тинк-тенк организацијата „Институт за блискиот исток“ од Вашингтон. Всушност, оваа група треба да го прошири „Индо-абрахамскиот сојуз“. Акронимот на групата „I2U2“ значи, две „И“ се Индија и Израел додека две „У“ се САД и ОАЕ, причини за нивното постоење се „заеднички инвестиции и нови иницијативи за водата, енергијата, транспортот, вселената, здравјето и безбедноста на храната“. Ова „друштво“, Внучко, си постави за цел проектирање на нов економски пат, од Индија до САД и ЕУ преку Арабискиот полуостров, кој јас би го нарекол „Индиски пат на свилата“. Кон оваа група, на средбата Г-20, се приклучија Франција, Германија, Италија и ЕУ, се подпиша Претседателката Урсула Фон Дер Лајн, како и Саудиска Арабија. Овде, нема простор, нема да ја допирам темата за присуство во исто друштво на Саудиска Арабија и Израел досега непомирливи непријатели. Ако ова не се тектонски геополитички изместувања незнам што друго би било! Многу моќно, нели! Друштво на најбогатата држава – Саудиска Арабија, најмногубројната нација – Индија со најмоќната економија – САД. Без коментар!
Дали сега Ти се јасни внатрешните проблеми кои ги има Кина во својот економски развој но и на геополитички план. Нејзиниот, кинескиот, „еден појас еден пат“ популарно наречен „кинескиот пат на свилата“ има сериозни проблеми со голем прашалник дали ќе успее да се реализира. Секако ова значи и големи проблеми во БРИКС, кои ги видов кога бев на средбата во Јоханесбург. Овој концепт Внучко, наспроти големата пропаганда, не може да опстане. Во БРИКС државите не стојат рамноправно „рамо до рамо“ според она што го видов тие стојат „грб со грб“, демек така подобро ќе се штитат. Но ова не е решение, при прва можност некој се одделува, „некоја ластовичка одлетува“, како што впрочем се случува со Индија и нејзиното членство во „I2U2“, економска стратегија која директно е во спротивност со стратегијата на Кина, основен столб на БРИКС.
Дали сега гледаш Внучко зошто е потребно итно започнување на преговори за членство на Македонија во ЕУ! Среќа, да му благодариме на Бога, што „играта“ за влез во ЕУ „Фракцијата за …“ ја одзеде од рацете на опскурната личност Мицкоски. Па сега олигарсите нема да можат да го попречуваат влезот во ЕУ преку корумпираниот Мицкоски.
Патем, по средбата на БРИКС во Јоханесбург, Моди, Претседателот на Индија, замина во Грција. Не сум знаел дека на патот од Јоханесбург до Њу Делхи попатна станица била Атина. Мудриот Кирјакос Мицотакис, Претседателот на Грција, гледа сѐ и не дозволува нештата да му побегнат од раце. На средбата со Моди, Мицотакис едноставно му рече на Моди „повелете нека Грција биде Вашата врата кон Европа за пласирање на Вашите стоки“. Во овој контекст е и реалполитиката која ја промовира Реџеп Таип Ердоган, на последната средба со Владимир Путин не прифаќајки ги уцените на Путин во врска со продолжувањето на т.н.„зрнеста зделка“(извозот на руско жито).
Мудрите државници, Внучко, се грижат за економскиот развој на државите, а со тоа и благосостојба на нејзините граѓани. Да се опкладиме дека Орбан бргу-бргу ќе го видиме на средба со Моди, основната максима, запишана на влезот во англискиот парламент, на Орбан многу добро му е позната – „Не постојат вечни пријателства постојат вечни интереси“! Љубовта помеѓу Унгарија и Русија сепак се темели на интереси.
Зарем треба уште да објаснувам за Македонија и нејзиното приклучување кон ЕУ?
За судирот помеѓу „трите кули“ во Кремљ и корупцијата која го деструира руското општество. Проблемите во империјалната руска армија. За проблемите на Министерот за одбрана Шојгу, најсаканиот министер на Елцин, со корупцијата во неговото најблиско опкружување и проблемите со мртвиот Пригожин. Моќта на руската „пета колона“ но посебно, според Дугин, „шестата колона“. Како и за претседателските избори во Русија и круцијалното прашање – Дали Путин ќе се кандидатира? Кој е и зошто дојде на местото Министер за одбрана на Украина, кримскиот татарин Рустем Омеров? Зошто беше сменет предходниот министер Резников? За овие како и многу други нешта кои ги премолчуваат оние „што говорат она што други го премолчуваат“ славниот „Спутник“, основна литература на македонските аналитичари и т.н. политичари, во друга прилика!
За средбата и договорот за соработка на Путин, претседателот на Русија, со Ким Џонг Ун, севернокорејскиот диктатор, слушнав дека многу се израдувал „Че Гевара“ од нашата улица. Почнал да зборува дека се реализира неговиот сон за „светска револуција на пролетеријатот“, дури и телефонот му звонел по музиката на „неговата“ химна „Америка и Енглеска ќе бидат земји пролетерски“. Што да каже човек а да не прозвучи смешно!
П.С.
Извини за моето телеграфско информирање кога ќе дојдам во Македонија на широко ќе те информирам. Немој да бидеш суетен, не се нервирај што ова мое писание, за една недела, ќе го слушнеш како експертска анализа на некој од нашите сериозно неграмотни аналитичари со уште понесериозни титули политички аналитичар, професор, доктор на науки. Тоа тебе постојано ти се случува, време е да се навикнеш, па и не е некоја штета, нека научат нешто луѓето од овој „Краток геополитички приказ“!

Дедо Герасим

Запишал и превел од старословенски
Оливер Андонов

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *