Појавувањето на новата политичка партија „ЗНАМ“ на македонската политичка сцена Ние – „Фракција за демократизација и ревитализација на ВМРО-ДПМНЕ“ силно го поздравуваме. Секое појавување на нови политички субјекти значи освежување  и збогатување на политичкиот корпус на идеи. Македонската политичка сцена е со потрошени кадри кои освен демагогии ништо друго немаат што да понудат. Државата ја доведоа во слепа улица „угоре високо, удоле длабоко“. Зголемената „понуда“ на идеи и можни решенија е оној квалитет кој е во фундаментот на плурализмот и демократијата. Борбата преку внатрепартиско фракционерско делување за промена на политичката парадигма и  партиските стереотипи е тешка и макотрпна работа. Поради ова и дел од членовите на СДС, кои не се согласуваат со глупавите и штетни политики на раководството на СДС, се решија да го искористат полесниот пат со формирање на нов политички субјект. Фракцијата им посакува успех! Нека им е со среќа!

Но она што ме разжалости е појавувањето на Венко Андоновски, „Златоустиот Македонец“ од „Припитомувањето на кучката“, како член на оваа партија. Првата асоцијација што ми дојде на ум беа едни искажувања на Пејо Јаворов.

Во 1911 г. Националниот театар во Софија распишал конкурс за одкуп на драма, претседател на комисијата за избор на театарско дело бил поетот Пејо Јаворов близок пријател на Тодор Александров. На конкурсот со свое дело конкурирал и Тодор Александров со драмата „Божик“. Комисијата, на инсистирање на Јаворов , решила да бидат одкупени три дела, „Божик“ на Тодор Александров била рангирана на четврто место. Така „Божик“ замина во заборав но останаа запаметени зборовите на Јаворов – „Делото на Александров беше убедливо најдобро што ме доведе во голема недоумица. Морав да бирам, што значеше дека секако ќе направам грев, дали на светската цивилизација да и дадам еден нов Шекспир и да го одземам на македонското револуционерно движење бескомпромисниот и храбар водач. Решив дека помалку ќе недостига на светската цивилизација новиот Шекспир одколку безкомпромисен и храбар лидер на ВМРО“.

Во контекст на ова не се сомневам дека „Златоустиот Македонец“ ќе биде најдобриот писател меѓу политичарите како и најголемиот политичар помеѓу писателите. Но кому му е тоа потребно? Нам, на македонскиот народ, на македонската култура ни е потребен „бардот“ на современата македонска литература „Златоустиот Македонец“ Венко Андоновски. Некако чувствувам грутка во грлото која не можам да ја голтнам, како она „Диво месо“ на Горан Стефановски. Сето ова ми заличува на „Предавството на интелектуалците“ како ќе рече Жилиен Бенда. Не за џабе го спомнувам Жилиен Бенда неговиот творечки пат многу наликува на Венко Андоновски. Постојано најдобар, со четири номинации за Нобелова награда за литература како и номинација за награда на Француската академија и ниту една не добил. Така и Венко „Златоустиот Македонец“ за своите велелепни писанија никогаш не доби општествена благодарност. Изборот во „Дописен член“ на „Друштвото на мртвите поети“ и „лажните пријатели“, повеќе ми наликува на сатира од неговите „Кич митологии“. Се сеќавате на неговата „Претпразнична телеграма до татковината на лажните пријатели“ („Нова Македонија“ 27.07.2021г.) по кој повод и ја напишав колумната „Искушенија на идентитетот“. Верувам, се надевам, дека „Златоустиот Македонец“ нема да влезе во „Предавството на интелектуалците“. Не за друго туку затоа што интелектуалци во Македонија скоро и да нема а држава без интелектуалци тоа е исто како тело без дух. Просторов е тесен за да дадам поширока елаборација – Што е интелектуалец? Само на кратко да појаснам интелектуалец не е личност со завршени факултети, магистрати и докторати. Најголемиот признат интелектуалец на Хрватска, Мирослав Крлежа никогаш не се здоби со универзитетска диплома, Никола Тесла никогаш не го заврши започнатиот факултет. Интелектуалецот не го ужива конформизмот на обичните смртници, она што за останатите значи макотрпен мисловен процес, кој најчесто гледаме да го одбегнеме, за интелектуалецот е „нормална работа“. Вистинскиот интелектуалец е совеста на една нација, мислител кој јавно делува како морална и хумана сила во општеството. Сетете се само на влијанието врз општествените случувања во Франција на Емил Зола и неговото „Обвинувам“. Она што е од суштествено значење за државата е моќта на интелектуалците. Да, колку и тоа да звучи фантазмагорично, но интелектуалците се Тие што можат, со нивната трпеливост и интелектуалната широчина на нивните ставови, да се спротивстават на фанатизмот и прогонот, политички или религиозен. Единствен лек за лудилото во оваа држава е нивната, на интелектуалците, љубов кон вистината, справедливоста и благородноста. Нивната преданост на својот ум, совеста, срцето и душата без искушение да го направи на другиот она што  не би сакал да му го сторат нему, божји атрибути кои како дожд на сува земја се потребни на македонската држава.

Дали „Златоустиот Македонец“ ни најави дека го пронајде одговорот на онтолошкото прашање – Да се има или да се биде! Жалам што така ќе се изразам, знам дека ќе прозвучи егоистички, но нему, на „Златоустиот Македонец“, не му е дадено „да има“ тој мора „да биде“.

Ние, македонскиот народ мораме да го „ИМАМЕ“ него, без него многу повеќе губи македонската култура одколку што добива македонската политичка „сцена“. Што би била француската, германската или руската култура доколку не ги „имаше“ Сартр, Зола, Ниче, Шопенхауер, Толстој или Достоевски? Впрочем „Папокот на светлината“ е ремек дело кое секоја „нормална“ држава ќе го промовираше на сите светски јазици. Ова дело на Венко „Златоустиот Македонец“ ни дозволува и Ние Македонците да ставиме нешто во „ќупот на мудроста“ на светската цивилизација. Нема да претерам доколку, ова дело, го ставам рамо до рамо со „Така зборуваше Заратустра“ на Ниче и „Браќата Карамазови“ на Достоевски. Во македонската литература пак, според мое скромно мислење, е на исто ниво со „Пиреј“ на Петре М. Андреевски. Не можам ниту да замислам што би била македонската литература без Јан Лудвиг кој после „Папокот на светот“ и „Папокот на светлината“ очекував да го заврши своето патешествие, низ македонската литература, со последниот дел од трилогијата „Папокот на ….“. Како што Ниче и Достоевски го надоградија и збогатија германскиот и рускиот јазик така и „Златоустиот Македонец“ низ своите дела го збогатува македонскиот јазик. Веригата на современиот македонски јазик започната од Блаже продолжена од Гане ќе се прекине доколку Венко замине во „лудата, споулавена семиотичка машина која печати, говори и емитува лаги“, како што Венко во едно свое писание ја дефинираше македонската политика.

Не можам да верувам дека „Златоустиот Македонец“ овој гест го направи поради користа што би ја имал од политичкиот ангажман, секако му се познати зборовите на Ниче „ На крајот на краиштата, корисноста е како се друго, како една игра на нашата вообразба и би можела да биде кобна ѕверка која еден ден ќе не растргне.“Тој тоа не би го сторил!

Верувам во благородната мисла на „Златоустиот Македонец“ да се обиде неговата „магична дарба на опијатно благоглаголење“ да ја внесе во политиката, можеби ќе успее да го спроведе во дело неговиот предлог и го преименува Собранието во „Изнасобрание“. Но досегашните примери за благородните идеи на интелектуалците во политиката завршија бедно, лицемерните политиканти „успеаја“ да го извалкаат нивниот општествен кредибилитет. Анте Поповски, Гане Тодоровски или Ферид Мухиќ се еклатантни примери. Се сеќавам како Мухиќ се вознесе и одржа неверојатен, благороден говор во заштита на името на државата и идентитетот македонски во Собранието, но…веќе утредента мораше да се „посипе со пепел“ и да се приклучи кон партискиот став дијаметрално спротивен со неговото јавно искажано мислење. Тука некаде и заврши неуспешниот обид на Ферид Мухиќ да ја оплемени зачмаената, хермафродитна македонска политика. Токму поради ова мислам дека ниту едни партиски рамки не се доволно широки за да еден ординарен интелектуалец се вгнезди во нив не пак Венко Андоновски со огромниот интелектуален габарит.

„Орфеј, сепак, не можел да очекува дивите Ѕверки да бидат, до крајот на светот, опиени од неговата музика. Во секој случај, можеби постои надеж дека самиот Орфеј нема да стане ѕвер“. Овој цитат од Ниче, во својот втор дел, ја обзема мојата мисла со страв, „Златоустиот Македонец“ да не се претвори во ѕвер (политичар).

Во расказот „Луѓе без глави“, од „Кич Митологиите“, на Г-дин Венко Андоновски му беше поставено едно наивно детско прашање. Многу сум љубопитен дали си одговорил или сеуште смислува одговор на ова навидум наивно детско прашање – „Зошто овие тетки и чичковци немаат глави?“. Старата мудрост,„секоја глава немора да има шапка но барем секоја шапка да има глава“, дадена како одговор на прашањето, не поминува!

 

Оливер Андонов

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *