Постојат различни процеси, секакви, па и такви како оној на Кафка, но секој процес како што започнува еднаш мора и да заврши. Секако завршува за да отвори пат на некој друг следен процес, најчесто поврзан со претходниот. Во тие процеси наша е одлуката дали ќе учествуваме активно како субјект или ќе се доведеме во состојба да бидеме објект кон кој процесот ќе делува, односно кон кого се однесува процесот, или пак можеби ќе бидеме само неми набљудувачи на процесот – процесите кои минуваат крај нас. Тие, процесите минуваат крај нас и учествувале ние во нив или ги игнорирале, сеедно ѐ, тие оставаат последици врз нас, нашето семејство, општеството, татковината, нацијата и тоа во сите сегменти, некои долгорочно, а некои и многу долгорочно-историски.

Еден таков процес кој токму неделава конечно заврши, а кој долгорочно влијаеше врз Македонија како етничка-географска територија, врз Македонија како држава, врз македонскиот народ, врз македонската нација, врз историските збиднувања, со особен интензитет и променливост последните 260 години, но ќе има особено влијание во иднината, е процесот за прифаќање-признавање и воедно полно возобновување на автокефалноста на Македонската Православна Црква-Охридска Архиепископија.

По цели два и пол века, со поминати десет генерации Македонци, од злонамерното и со помош на тогашниот Султан Мустафа III и Фанариотска измама на чело со тогашниот Патријарх Самуил I и секако инструментот поткуп со цел укинување на Охридската Архиепископија, успеавме во полнота да го вратиме автокефалниот статус на древната Охридска Архиепископија како современа Македонска Православна Црква – Охридска Архиепископија. Претстојател на нашата Света МПЦ-ОА како и во изминатите столетија и во иднина ќе биде Архиепископ Охридски и Македонски и на Јустинијана прима со полна титула и достоинство.

За тоа што и како поминавме за да дојдеме до оваа историска точка на конечно завршување на процесот потребно е (а и ќе биде) да се опише во една книга. Оваа колумна не може дури ниту накусо да ги опфати клучните мигови и премрежија кои само во последните три години се случуваа за да дојдеме до полно и неусловено прифаќање и признавање на нашето канонско право да имаме своја автокефална Православна Црква во лицето на нашата Света МПЦ-ОА. Од тука, сакам само да се осврнам на клучниот миг, а тоа е јавното соопштение на Патријархот Српски Порфириј дадено минатата година на 24-ти Мај (на денот на Сетите браќа Кирил и Методиј) во Соборниот храм Св.Климент Охридски во Скопје – Македонија, дека Соборот на СПЦ неусловено, напоменувам неусловено ја прифаќа, признава и одобрува автокефалноста на МПЦ-ОА. Потоа на 5-ти Јуни следуваше и официјално доделување на Томос со кои се обзнани пред Православниот свет дека СПЦ го реши пет деценискиот спор со МПЦ-ОА и административно се донесе канонско решение со кое СПЦ ја прифати и одобри автокефалноста на МПЦ-ОА.

Сепак, со ова процесот на автокефалност на МПЦ-ОА не беше во потполност завршен и тоа од две клучни причини:

Прво: на територијата на Македонија од 2003 година СПЦ формираше своја паралелна ерархија (црковен поредок возоглавен од архиереи – владици) именувана како ПОА со статус на автономна Црква во составот на СПЦ и истата во моментот на прифаќање на автокефалноста на МПЦ-ОА сеуште постоеше на територијата на Македонија, односно на канонската јурисдикција на МПЦ-ОА.

Второ: Соборот на СПЦ кој заврши на 21-ви Мај 2022 година, поради административно-технички процедури условени од Уставот на СПЦ не можеше да изврши бришење од Уставот на СПЦ на Македонските епархии кои од 1922 година и со Томосот од Константинополскиот Патријарх Мелетиј IV беа дадени-продадени на СПЦ и со тоа до 2022 година беа канонски под јурисдикција на СПЦ.

Без обѕир на тоа што МПЦ-ОА функционираше како автокефална Црква, во периодот од 1967 година до 2022 година, според каноните на Светата Православна Црква тие епархии во Македонија припаѓаа на СПЦ. Од тука и употребата на терминот „мајка црква“ во однос на СПЦ што се подразбира како Црква од која се одделуваат епархии кои бараат-добиваат или им се признава-доделува автокефален статус согласно каноните.

За да се завршат постапките во канонски рамки, а при тоа да не се наруши канонскиот поредок и уставните обврски на СПЦ, како и изнаоѓање на соодветно и пред се љубовно решение за епископите на српската паралелна ерархија во Македонија чии архиереи, свештеници, монаси и монахињи се родум од Македонија и наши државјани, а со тоа и дел од македонската нација (некои можеби и заблудени), мораше завршувањето на процесот да го сочека Соборот на епископите на СПЦ. Според Уставот на СПЦ, единствено Соборот на епископи на СПЦ е овластен и може на предлог на комисијата за уставни измени на СПЦ, која пак работи со одлука на Соборот на СПЦ, да направи уставни измени (во овој случај во однос на бришењето на македонските епархии од Уставот на СПЦ). Исто така, единствено Соборот на СПЦ кој ја создаде во 2003 година својата паралелна ерархија во Македонија, именувана како ПОА, може да донесе одлука за нејзино укинување и доделување на канонски отпуст на архиереите пред се, а потоа според каноните и на свештенството и монаштвото како клирици на СПЦ. За да биде појасно треба да напоменеме дека архиереите на ПОА беа вклучително и на овогодишниот Собор на СПЦ дел од истиот како архиереи на СПЦ.

Токму на овогодинешниот Собор на архиереи на СПЦ кои заврши на 20-ти Мај се донесоа одлуките, најпрво за укинување на паралелната ерархија на СПЦ во Македонија именувана како ПОА и доделување на канонски отпуст на нејзините архиереи и клирици, а потоа и одлуката за ревизија на Уставот на СПЦ по повеќе прашања на внатрешното уредување на СПЦ и арондација на епархии, а во контекст на тоа е и делот за бришење на македонските епархии како дел од СПЦ. Завршувањето на измените – ревизијата на Уставот на СПЦ може да го очекуваме со негова официјализација најрано идната година на Соборот на епископите на СПЦ. Во пракса тоа за нас како МПЦ-ОА не претставува никаков проблем, бидејќи се работи за внатрешно административно прашање на СПЦ и со самото укинување на ПОА за нас овој процес е завршен, а во пракса и така нашите – македонски епархии веќе повеќе од педесет години не се под контрола на СПЦ и со укинувањето на ПОА престанува да постои било каква и било чија паралелна ерархија на територијата под јурисдикција на МПЦ-ОА.

Со ова дефинитивно процесот за полна и неусловена автокефалност на МПЦ-ОА согласно Томосот на СПЦ од 5-ти Јуни 2022 година и каноните на Светата Православна Црква заврши. Македонските епархии и според Уставот на СПЦ нема да бидат дел од канонската јурисдикција на СПЦ, а архиереите и клириците на ПОА не се повеќе клирици на СПЦ.

Сите злобни коментари од Фанариотските кругови, од оние кои не си ја сакаат сопствената држава и Црква останаа празни и се разголија. Македонската Православна Црква-Охридска Архиепископија е во полнота, духовно, канонски и административно-технички АВТОКЕФАЛНА ПОМЕСНА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА СО УСТАВНО ИМЕ МАКЕДОНСКА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА-ОХРИДСКА АРХИЕПИСКОПИЈА.

Најголемо задоволство што овој процес успешно заврши и во сите црнила кои денес ги живееме е конкретен историски успех на македонскиот народ претставува тоа што во истиот  (посебно последната година и половина пред 24-ти Мај 2022 година) не беа вклучени нашите политиканти од власта и опозицијата. За оваа последна година, а и претходно многу јасно можевме да видиме колку се клети против својот народ и Македонија за политички поен повеќе. Доколку по некоја случајност знаеја за овој процес потполно сум убеден дека се ќе стореа да го уништат, оневозможат и од тоа да добијат некој политички поен божем се грижат за народот и неговата духовност.

Денес, колку сакаат може да се фалат дека нешто направиле, но вистината е дека ништо не направија за Македонија, за македонскиот народ и МПЦ-ОА. Целиот процес го започнаа и завршија некои архиереи, клирици и дел од мирјаните на МПЦ-ОА на кои во оваа колумна јавно им се заблагодарувам за нивното огромно национално-историско и спасително дело. Некои од учесниците во процесот беа целосно вклучени и активни, некои свесно или не знаејќи потполно за што се работи, помогнаа во определени моменти, но сите тие тоа го правеа со огромна љубов кон нашата Света МПЦ-ОА и кон нашиот Православен народ, кон целата македонска нација. Јавно ќе кажам дека имаше и Македонци (во смисол на припадност кон македонската нација) кои се иноверни, но кои со искрена љубов кон Македонија и свесност за општествено-социјалното, но пред се националното значење и улога на МПЦ-ОА сесрдно и пожртвувано помогнаа во завршувањето на овој процес. На сите ним им се заблагодарувам со поклон до земја: „Ви благодарам браќа сонародници – Македонци, Вие покажавте на дело како се сака Македонија“. Никој од тие кои учествуваа во овој процес никогаш не побара материјален надомест или бенефит, сите тоа го работеа свесно и совесно за Македонија.

Злобниците ќе кажат дека сеуште не е готово со образложение и прашање: „што понатаму со архиереите и клириците кои од ерархијата на СПЦ добија канонски отпуст и треба да влезат во МПЦ-ОА“?

Тоа е веќе внатрешно прашање на МПЦ-ОА на кое го знам епилогот, но тоа треба да го официјализира Синодот на МПЦ-ОА во полн состав и сигурен сум дека Синодот на МПЦ-ОА ќе се води според каноните и црковното право, се со цел канонскиот прием на архиереите и клирот од СПЦ во МПЦ-ОА да биде црковно-правно исправен и да се пристапи кон уредување на административните прашања.

За мене е многу поважно до македонскиот верен народ до сите верни членови на МПЦ-ОА, но и до секого во Македонија да допре вистината дека приемот на архиереите, клирот и мирјаните од ПОА во МПЦ-ОА не е канонски или било каков друг проблем, и особено вистината дека процесот за полна и неусловена АВТОКЕФАЛНОСТ НА МПЦ-ОА е завршен и НЕ НИ Е ПОТРЕБЕН ДРУГ ТОМОС од Константинопол или било кој друг.

Сите останати Помесни Православни Цркви едноставно без условување треба и мора согласно каноните да го прифатат фактот наведен во Томосот на СПЦ за автокефалност на МПЦ-ОА. Дури и самото сослужување на свештенослужители на МПЦ-ОА со свештенослужители на Константинополската патријаршија е de-facto акт на признавање на автокефалност колку и да не сакаат тоа да го признаат Фанариотите.

Знам дека мразачите на сопствениот народ и татковина и посветените среброљубци славољубци, љубители на Фанариотските почести, повторно ќе се кренат против мене веројатно пак со некакви си деманти, посебно во однос на името на МПЦ-ОА. За таа нивна заблуда ќе пишувам во друга колумна и ќе ги поучам за историските и современите паралели на практично функционирање на Православните Цркви, како и за значењето и толкувањето на „Едната Света Соборна и Апостолска Црква“ (цитат од Символот на верата) со кои поими и значење ги манипулираат граѓаните, но и политикантите во Македонија (на кои верата и МПЦ-ОА им служат за добивање политички поени кај граѓаните), а со цел преку манипулација да добијат поддршка за своето недело кон МПЦ-ОА и македонскиот народ.

Дотогаш, додека им се разјасни, за сите нас останатите Македонци, ние остануваме засекогаш во историјата забележани како АВТОКЕФАЛНА ПОМЕСНА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА ПОД ИМЕТО МАКЕДОНСКА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА – ОХРИДСКА АРХИПЕИКОПИЈА И ЈУСТИНИЈАНА ПРИМА.

 

На денот посветен на отците од Првиот вселенски собор

 

Вонреден професор д-р Оливер Андонов

 

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *