„Мугровита штама налегнува в шир –
Анатема црна врз твојот поет.
Јадосано срце зар копка за мир
Каранфили диви штом развијат цвет?
Афионот цути во насмевка блага, …..
Ех, музата на поезијата Калиопа да ми ги беше дарила сите волшебства на убавиот збор на поезијата, па да можев Сонет да составам ил’ барем Сонетен венец да сплетам во чест на македонската жена. Иако располагам со милион зборови но токму тие велелепните ми недостасуваат, да ја избегнам тривијалноста и патетичноста, а ја искажам мојата почит кон трите Грации ( Данела, Косана и Ирена).
Маслините шепнат во притаен час,
А погледот скован во цветната далга,
Кукавици в пролет разиграле глас
Да, токму така, не постојат доволно епитети, метафори, алегории нит друга јазична орнаментика, барем согласно моите стандарди јас ги немам, за на соодветен начин ја опишам нивната безкомпромисна грациозност како се движат по патот на безидејната, аморфна и хермафродитна македонска политичка сцена. Како на волшебен начин ги одбегнуваат сцилите и харибдите кои им ги подметнуваат „мажите македонски“ (со сомнителна сексуална ориентација) од политичките, наводни, мастодонти ВМРО-ДПМНЕ и СДС. Всушност тоа го прават на единствениот можен начин со кој можеш да се спротивставиш на инфантилните псевдопатриоти, кажувајќи им ја во очи вистината за грозното лице на нивните коруптивни политики и изнасилувањето на мајка Македонија!
Елегии леат славеите в пој,
Дамарите бијат во незадржлив ритам –
Одекнува в мене вековниот вој.
Мислев, во овој мој обид за „Сонетен венец“, и Мицковски да го вградам, но пустото ниту еден негов прекар не е убава дума, нема дира создадена за сонетна рима. Дал Даскал, Војвода ил’ Претседател, некако ми звучат како празни зборови кои природно не кореспондираат, не пак да има поетско созвучие, со етимолошкото нивно значење, поимите и нивната суштина се во директна колизија со оваа духовно – интелектуално опустошена персона. Па така бидејќи на моето лице не и личи маска, впрочем како и на нашите Грации, се откажав од оваа идеја. Мислам дека ниту Петрарака не би можел да го „кооптира“ во неговите сонети, прашање е дали и Данте ќе му најде место во „Пеколот“, не пак јас сонетен сонувач – обичен смртник. А искрен да бидам во овој полноќен час, кога се чувствувам егзалтирано од милозвучниот пој на одважните дами, мислам дека е непристојно да размислувам за оваа персона не пак во сонет да го вметнам. Сепак сонетот има свои правила и „Даскалот криминалец“ не би издржал на било кое место, ниту во „катрени“ нит во „терцини“, во еден сонет. Тоа би било мачна Сизифова работа и сонетот мој би се престорил во „Ода за Прокрустовата постела“, онаа постела во која, ден низ ден не турка „Претседателчето“. Не би сакал убавината на Сонетот, прекрасната сложувалка за „Трите Грации“, да ја нагрдам со грозната слика на македонската „Прокрустова постела“ тогаш би се престорил во пишувач на хорор стории. Омразата која ја промовира „Претседателчото“ кон македонскиот народ и држава, освен што за цел ги има неговите лукративни интереси, е во доменот на психопатологијата кон која и Фројд би пришол со двоумење, во која област на психопатологијата да го смести. Со оглед на односот негов, силување, кон мајка Македонија, можеби „Едипов комплекс“ би бил најсоодветна анамнеза. Но злослутната двојба не ме напушта, Нашето „Претседателче“ е само по себе феномен, четириесет и кусур години да живееш без мозок и уште тоа гордо да го истакнуваш, минута низ минута, пред напатениот народец наш македонски и пред сите оние знајни и незнајни „гости“ од ЕУ е благо речено – болно. Таква возгордеаност од сопственото незнаење и вонвременскиот простаклук, јавно промовиран како основа на личен ПиАр, одамна не е видена на балканските простори.
На земјава ширна, та кај и да скитав,
Ко твојата љубов не осетив јас,
А без тебе в срце се распукал мраз…“
Надвиснат над овој мој сонет, со никакво искуство за пишување поезија, во главата ми се рој мисли како да го дефинирам овој однос на „храбрите“ конформисти „мажи македонски“ и нивниот антипод „Мајката Македонка“, како што во цитираниот сонет ја нарекува Лазо Каровски. Историјата наша е историја на мажи херои или како би ги нарекол Стојан Христов „Херои и (или) убијци“. Жената македонска може да ја пронајдете, ако вложите прилично напор, некаде на маргините или случајно во некоја фуснота од македонската историографија. Но кога ќе се загребе малку подлабоко низ слоевите на историјата и се фрли ракатка светлина излегуваат светлите ликови на македонската жена која е всушност таа трета димензија без која двете (машки) димензии на македонската историографија би биле невидливи. Но почитувајќи ги правилата на „Философијата на историјата“, која забранува мешање на временските периоди и посебно на толкување на историјата од современа временска дистанца, нема да навлезам во компарации на современите Наши „Три Грации“ со одредени историски примери. Но, неминовно се наметнува впечатокот дека заеднички именител е љубовта, да во основа на се е љубовта кон родот свој. Она што ги одликува жените, визави мажите, тоа е способноста да дарат љубов без да бараат возвратна љубов, тоа е онаа исконска вродена мајчинска љубов кон породот свој. Токму овде е женската храброста и мудрост но повеќе би рекол дека тоа е моторната сила на едно општество, способноста за љубов без да бараш возвратност, а таква е државата не за џабе е во женски род. Овде неодминливо се наметнува онаа светски позната и верификувана сентенца: „Не прашувај што направи државата за тебе туку што Ти направи за државата?“ Не би да ја рушам идилата но нам мажите секогаш, тоа и народниот пејач го истакнал, за да покажеме храброст ни треба бочва вино, лута ракија, пушка „берданка“ и верна дружина. Тоа е таа „мала“ разлика, меѓу мажите и жените, љубовта која ќе ја спаси Македонија. Поради ова на овие жени македонски, токму како што налагаат правилата на секој сонет завршен стих кој е сублимат на сонетот, би напишал: Скрушен, со зборови кои ми недостигаат, молкум стојам пред Вашите грамадни личности и со пиетет се поклонувам пред Вашата чест и доблест! АФЕРИМ!!!
Ех, кога би можел барем еден мал „Сонетен венец“ да напишам!
Оливер Андонов