(дали македонските граѓани можат да истрпат се?)

 

Познато е дека навистина сенешто може да се стави-напише на хартија, како што и се прави, но тоа не значи дека и ќе се реализира. Впрочем за секој проект неопходно е да се размислува покрај за неговата визуелна привлечност (скапа хартија и убави слики), како и за неговиот бомбастичен наслов, најмногу за можноста за негова реализација. Е таа реализација е всушност обмисленоста на проектот и тоа до детали, а нели во деталите е клучот, но најмногу за неговата економска оправданост, односно колку тоа задоволство ќе не чини, за кои временски период и какви резултати ќе имаме. Тоа е споредбата на возможноста-реализацијата-користа од одреден проект. Но пред да се вратиме на некои многу „интересни“ предизборни проекти, ветувања или ајде да бидеме директни, обиди за колективна измама на македонските граѓани, да ја започнеме неделната колумна со еден друг момент. Се работи токму за тоа дека хартијата трпи се, а има врска со едно несреќно интервју на Тошковски за радио Слободна Европа.

Имено, другарот Панче на прашањето на новинарката во врска со руското влијание врз ВМРО-ДПМНЕ, а аналогно на тоа и врз политиките на партијата, одговори дека ВМРО-ДПМНЕ во својот Статут како основни цели ги има определено членството во НАТО и ЕУ. Веројатно Тошковски смета дека е сосема доволно што такво нешто пишува во Статутот на партијата и тоа по автоматизам докажува дека секое раководство на ВМРО-ДПМНЕ ќе се придржува кон овие основни политички начела. Ова ти сериозно другар Панче? Или и ова е за мајтап, но кон нашите сојузници од ЕУ и САД?

Е па другар Панче не е баш така и тоа се гледа на дело во однос на сите други постапки поврзани со почитување на Статутот на партијата и тоа што во него е напишано. Најпрво, Вие (ти и другарот Христијан и останатите другари од политбирото кое го нарекувате ИК) брутално го прекршивте Статутот на партијата избирајќи ја Силјановска за кандидат за претседател на Републиката кого го поддржа ВМРО-ДПМНЕ. За да мајтапот ви биде поголем, ги измалтретиравте нашите сопартијци да одат в неделен ден да се потпишуваат за другарката Гордана и тоа по список, за да на крај другарката кандидатурата ја поднесе со поддршка од пратениците од ВМРО-ДПМНЕ. Имам „една мала“ нејаснотија во однос на оваа постапка. Прво, дали тоа игравте мајтап со пратениците или со членството, па другарот Христијан си ги тестираше колку без поговор му се лојални едните или другите или пак кој Општински комитет колку потписи ќе му мобилизира? Второ, дали мислевте дека доколку се потпишат пратениците за поддршка на Силјановска ќе ги избегнете евентуалните последици (секако правни најпрво, но и политички) за нејзиното против статутарно номинирање за кандидат за претседател на Републиката поддржан од ВМРО-ДПМНЕ? Трето, дали правејќи хаос во партиските процедури и играјќи мајтап со членовите на партијата (за пратениците не ме интересира, бидејќи ги знам нивните мотиви), тоа не го правите намерно за да ги демотивирате за работа? Четврто, дали секој чекор кој другарот Христијан го презема во предизборието има за цел да ја разурне ВМРО-ДПМНЕ?

Одговорите на прашањата ќе ги почекам иако знам дека немате болсови (што би рекле нашите партнери од САД) да дадете јасен и јавен одговор и ќе се повикувате на запишаното на хартија, нели „хартија трпи се“. По изборите јас, повторно јавно ќе ви ги одговорам овие прашања. Сега да се вратиме кон другите облици на пишување се нешто на хартија.

Во пресрет на изборите сите политички субјекти веќе во пред кампањата се вклучија во кампања. Тоа што нема кој да ги санкционира за таквите постапки со кои ги малтретираат сетилата на граѓаните е прашање за посебна постапка и одговорност. Но доколку се погледнат пораките упатени до јавноста може да заклучиме дека оваа кампања ќе биде полна со шарени лаги. Лаги на кои треба да се фатат лекомислените граѓани и да поверуваат дека од 9ти Мај рози ќе цветаат низ цела Македонија (придавката „наша“ намерно не ја употребувам, бидејќи ни ја открадна оној што мисли дека нешто ЗНАЕ, а појма нема и НЕЗНАЕ освен тоа што ќе го научат напамет да го каже, бидејќи си одработува така како што знае лицето Б.Ц., а за тоа да му благодариме на другарот Христијан).

Така, власта, онаа никаква и неспособна на СДС која не требаше ниту воопшто да дојде на власт ни ветува „Субвенција од 90% за електрична енергија на 600.000 домаќинства“. А колку тоа домаќинства има во жална Македонија кои се постојано тука во државата? Откако ја покачија електричната енергија со новите регулаторни мерки сега ќе не субвенционираат. И никаде СДС не објаснува на кој начин тоа ќе го сторат, со кои регулативи, законски измени или други начини преку кои како домаќинства ќе можеме да плаќаме само 10% од потрошената електрична енергија. Бравос бе, ова скоро па како во комунизмот, се бесплатно, според потребите на секого. Каква голема лажачка за големи деца и тоа уште кампањата не е започната, можам да си замислам што се не чека и какви ли се ветувања нема да се изнаслушаме во кампањата. Посебно во тенденцијата на слоганот „повеќе за сите“, но тие мислат НАЈМНОГУ ЗА НИВ, како и досега.

Целодневен престој на учениците во основно и средно образование и учебници за секое дете, како и настава во една смена. Е ова е лажачката која некој во комисијата за образование и наука во ВМРО-ДПМНЕ ја смислил, а како рефлексија на епохалната неспособност на СДС/ДУИ да обезбедат нормален образовен процес и учебници. Но, тука постојат неколку клучни прашања на кои не верувам дека ВМРО-ДПМНЕ ќе може да даде одговор. Прво, како ќе се обезбедат доволно објекти – простор за нормално изведување настава во една смена, а потоа целодневен престој на учениците опфаќа планирање и реализација на многу активности, вклучително и индивидуално учење, слободни активности, менторства, спорт, дури и исхрана, бидејќи целодневниот престој подразбира најмалку 8-10 часа престој во училиште што бара финансиска конструкција. На прво место да ги прашам колегите од комисијата за образование и наука дали испланираа колку тоа ќе ја чини државата и во кој временски рок би се спровел овој проект. Тешко нам доколку сите 1198 проекти во платформата на другарот Мицкоски се вака темелно обмислени.

Ете драги мои, ќе се изнаслушаме вакви и слични нелогични ветувања, за да не прашаме за основното прашање, а тоа е: „Ќе го направиме ли потребниот чекор за членство во ЕУ кој подразбира уставни промени, започнување преговори кои ќе не присилат на борба против корупцијата и криминалот“? Затоа што ниту едно предизборно ветување за подобар живот на нас граѓаните низ платформа од цели 1198 проекти или дека ќе ни дадат повеќе на сите, но што ќе ни дадат … во кои се колнат другарите Мицкоски, Ковачевски, Димитриевски, Апасиев, Ахмети, Меџити и сите други, не е изводливо без финансиската поддршка од фондовите на ЕУ. За тоа ви зборував пред повеќе месеци дека доколку ЕУ ги прекине фондовите за финансирање и помош на Македонија ќе банкротираме, но некои намерно се прават дека не разбираат за што говорам и пишувам. Затоа сите наведени другари и другарки од истиот табор и под власта на политичката олигархија во жална Македонија, најпрво треба да дадат одговор на прашањето за членство во ЕУ. И тоа не декларативно туку со директни одговори и во нив содржани рокови за тоа што ќе го направат.

Во овој контекст се пред сѐ уставните промени, но не оние на другарот Мицкоски за намалување на бројот на пратеници од 120 на 90, туку оние поважните и далеку поедноставните за внесување на „клетите“ Бугари во Уставот. Овие за намалување на бројот на пратеници се далеку посложени и бараат посеопфатен пристап во целото општество, вклучително и промена на изборниот модел. Овој предлог за уставни измени е во спротивност со јавно изнесениот став на Милошоски дека за сите уставни измени јавно ќе го изнесат партискиот став за нивно одложено дејствије. Многу нелогичности во овој контекст има во нашата партија, а тие бараат сериозно објаснување во детали. Сепак ме интересира дали ново-старите партнери на Мицкоски или прелетувачи, помаларки и шетачи без политичка идеологија но со добро развиени сетила за лукративен интерес како Стојанче, Љубе, Павле, Петар и други ќе го поддржат Мицкоски во однос на оваа ветување за уставни промени или за оние со одложено дејствие. За овие лица под маски на македонската политикантска сцена не вреди да се троши време иако за еден од нив Груевски потроши многу хартија за да го претстави неговиот карактер пред македонската јавност и нашето членство, како ние да го не знаевме тоа, но со некои пикантерии поради што верувам дека текстот беше наменет за друг, нели „думам ти ќерко, сети се снао“. Тука, проштевајте ќе се осврнам накратко само кон една реченица која ја употреби Груевски во текстот. Имено, „…јавноста дури и онаа вмровската јавност која заради припадност го поддржуваше …“ (се мисли на Љубе Бошковски), претставува најочигледен пример дека ние како членови на ВМРО-ДПМНЕ треба да престанеме да голтаме (поддржуваме) се што некој во името на партијата ќе ни сервира како кадровско решение, па нека е тоа и Силјановска, како и повторно Љубе или слични лица кои ќе ги видиме дури и на пратеничките листи.

Но да се вратиме на темата, секако било какви уставни промени се невозможни без бадентер, а за тоа треба согласност и од коалиционите партнери од македонските албанци. Тоа значи дека нема ништо да има ниту од промена на „балансерот“, џабе фалба и пропаганда. За да формира влада, Мицкоски ќе мора да задоволи многу противречни политички барања и лични желби, но во тие рамки и лукративни надежи, побарувања и очекувања, но убеден сум дека најпрво ќе мора да ги задоволи барањата за уставни промени, оние кои се услов од ЕУ. Сепак основно прашање е: „Дали другарот Мицкоски воопшто сака да формира влада“? Јас би рекол дека неговата основна задача е да го уништи ВМРО-ДПМНЕ со уште еден пораз, а тоа најјасно го гледаме преку составот на пратеничките листи.

Токму затоа, нема да има ништо од божемна промена на Уставот според „проектите“ од платформата 1198, а особено создавање на нов граѓански Устав, барем засега. Но се во свое време. Кога ќе дојде времето за тоа, а тоа е времето кога ќе влеземе во ЕУ и ќе можеме повторно да ја направиме Македонија. Потоа следната фаза ќе биде да направиме Македонци или како што вели Гане Тодоровски, да ја помакедончиме Македонија.

Дотогаш, предизборните писанија колоквиално наречени партиски програми остануваат само томови хартија која трпи сѐ. Разочарувањето кое повторно ќе го доживееме од купиштата хартија ќе биде само наше, а човекот не е хартија за да трпи се, поради што мнозина по којзнае кој пат и засекогаш ќе си заминат од Македонија.

Инаку и пратеничките листи се хартија и тие трпат сѐ.

 

Оливер Андонов

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *