Пред повеќе години напишав една колумна со наслов „Секс, дрога и лаги“, насловот на денешната колумна во основа ги определува актуелните состојби во Македонија кои се токму резултат и продолжение на состојбата од пред повеќе години во времето на лицето Зоран Заев (познат во јавноста како Црпнат). Низ призмата на оваа продолжение се поставува прашањето: „Кој всушност е ЦРПНАТ во Македонија – Заев или македонските граѓани“? Но и друго едно прашање: „Како тоа толку при очи сме слепи, и по Заев упорно ни се повторува истото – злоупотреба на политичката моќ и сила преку манипулациите“?
Немам намера никого да навредувам, но морав да ја почнам колумната со овие прашања и токму намерата ми е да видам дали некој во нашата Македонија ќе се разбуди, односно секој од нас кога ќе се погледне наутро во огледало, добро да погледне, случајно да не му пораснале гооолеми уши.
Моќта е многу магична работа, посебно во политиката. Всушност, моќта претставува можност (во политиката дадена од народот на избори) да се управува државата, користат нејзините ресурси и институции за спроведување на политиките и убедување на граѓаните дека тие политики се исправни. Магијата на моќта е во тоа што тој што ја има се чувствува како божество (иако секако тоа не е).
Силата произлегува од моќта а се однесува на способноста да се примени сила (не секогаш физичка или воена) за да се убедат граѓаните, а пред се политичките противници во исправноста на политиките кои ги спроведува власта.
Манипулацијата, поедноставено е лага или претставување – создавање на лажна перцепција кај граѓаните за тоа што е полезно за нив во однос на политиките кои се спроведуваат преку моќта и кои не можеле да се потврдат кај граѓаните преку гола сила. Односно манипулацијата е механизам кој се употребува за да не се применува видлива сила, но да се остварат политичките цели и спроведат зацртаните политики – најчесто на штета на државата.
Така, во едно време, Мицкоски ни зборуваше дека ќе го апси Заев, ни зборуваше за тоа дека ќе го поништи Преспанскиот договор, па дека ќе најде друго решение односно ќе ре-преговара со Бугарија. Во тоа време, Мицкоски ни ги кажуваше неговите шарени лаги кои не биле дури ниту сон кој го сонувал, туку добро испланирана манипулација за тоа што сака да слушне народот за да му поверува и да го донесе на власт, да му ја даде моќта и силата.
Доколку оваа моја констатација не е точна, тогаш денес кога Мицкоски ги има сите погоре наведени параметри, моќ, сила и манипулација, а посебно првите два, ќе ја спроведеше својата зацртана и ветена политика низ апсолутната политичка моќ која ја има во Македонија. За поддршка на таа моќ ќе употребеше соодветна сила и манипулација. Констатирајќи дека силата не секогаш мора да е поврзана со физичката или воената – репресивната сила, сведоци сме дека силата е пред се медиумска, односно социјална, која го обликува јавното мислење и однесувањето на граѓаните. Однесување кое се одразува низ призмата на прифаќање на политиките.
Тоа прифаќање на политиките, посебно во однос на наметнување на општествени вредности-ставови и нивна „нормализација“ во општеството се прави преку таканаречениот „Овертонов прозорец“. Многу едноставно е објаснувањето на тоа што значи Овертонов прозорец, тоа е општествен ментален инженеринг или постапка-процес преку кој нешто незамисливо за едно општество и потполно неприфатливо за вредностите и разбирањата на граѓаните стане сосема нормална и дури законски уредена состојба прифатена од граѓаните како ново нормално.
Ете така во наша Македонија сосема нормално ни стана дека никој за ништо не одговара и тоа ни го потврдува обвинителството. Нормално е интервенции во судството и обвинителството да врши премиерот и други државни функционери. Нормално е да се прават на недоветни во однос на одговорноста на нивните бизнис партнери и сторените кривични дела. Нормално е ние како граѓани сето тоа да го прифаќаме, и нормално да се прифати таква општествена состојба. Не е нормално да не не интересира во каква состојба ни е општеството и особено не е нормално да се плашиме од силата на моќта и да ги прифаќаме манипулациите. Тоа е резултат од влијанието на моќта во политиката и тоа директно врз нашите животи.
Се сеќавате ли на времето кога деведесеттите години и првите декади на 21-от век, немаше македонски граѓанин кој барем еднаш во годината не одеше во Бугарија по разни потреби. Во онаа Бугарија излезена од комунизмот, онаа Бугарија во која мафијата владееше, онаа Бугарија која беше под управа на меѓународен финансиски борд, онаа Бугарија од која се купуваше различна стока и автомобили и кога на Деве Баир имаше колони автобуси. Онаа Бугарија во која масовно се одеше на Црно море и во Банско. Тоа е онаа Бугарија која денес е земја членка на ЕУ, дел од Шенген и Евро зоната. Таа Бугарија за која нам преку Овертоновиот прозорец ни ја сликаат како да е во 70-те години од 20-от век, токму би рекол да не ги видиме општествените промени кои се случуваат околу нас во светот и да си останеме да си живееме во некој свој свет. Очигледно е многу лесно да се поттикнат стереотипите од далечното минато и да се создаваат лажни слики кои ќе ја помогнат малнипулацијата и ќе ја поттикнат моќта. Токму со таквиот измислен свет многу наши граѓани се судираат секојдневно кога ќе дојдат во состојба да имаат потребаат од некакви услуги од страна на државата. Тогаш разбираат дека живееме во лаги и дека всушност ништо и не функционира во државата Македонија.
Моќта и манипулацијата ни зборуваат за тоа колку „успеси“ нижи владата на Мицкоски. Но тие успеси се само за на телевизија, во пракса македонските граѓани страдаат, се посиромашни се, а младите па дури и оние од нашата генерација бараат излез надвор од државата.
Едноставно ова е лажна моќ и сила која ја поддржува една огромна вистинска манипулација, бидејќи не само оваа влада, туку Македонија нема капацитет да се справи со современите предизвици во било која област на општеството. Ќе ви објаснуваат дека треба промени во образованието и повеќе научни трудови во светски реномирани списанија, но нема да ви кажат дека за наука се издвојуваат едвај 0.5% од буџетот за образование и наука. Нема да ви кажат дека опремувањето на лабораториите за истражување и со тоа малку средства ги вршиме од донации од фондови од ЕУ. Оние фондови кои се уште не ни се укинати поради крадење од истите. Владата ќе ви се пофали дека имаме некаква опрема, но нема да ви каже дека таа донирана опрема (на пример во ДЗС) лежи во магацини со години па дури во еден дел е и застарена, бидејќи нема стручни лица да ја употребуваат. Но дури и кога некој стручен човек – научник ќе ја побара на употреба таа опрема нема да може да ја добие. Нема да ја добие затоа што суетата е огромна, како може некој да знае повеќе од мене, подобро е да зборуваме за метли за гасење пожар и тоа на расклопување како врв на технолошките достигнувања. Патем, моќта и силата за реформирање на системот за заштита и спасување и управување со кризи никако да се употреби, едноставно затоа што тие на кој им е дадено тоа да го направат не знаат ништо и не разбираат што треба да прават, па затоа подобро е да се употреби силата на пропагандата. Медицинскиот персонал во болниците се намалува секојдневно и тие што се останати не можат да постигнат да се справат со огромниот наплив на пациенти (пред се затоа што во државата во поголем број е возрасното население). Покрај тоа недостига современа опрема и обука на нов-млад кадар кој би работел со таа опрема. Постарите експерти во сите области се пред пензија или заминати, а системот не создаде млади кој би биле навреме оспособени да ги преземат функциите.
Македонија го губи здивот и нема внатрешен капацитет за поместување. Државата нема капацитет, а за партиите поединечно и да не зборуваме, тие одамна имаат само клиентела и неспособни полтрони, за кои еднаш ви кажав дека да не беа во партија и послушници немаше да се оженат – омажат, а не пак да извршуваат државни функции.
Дотука е дојдена работата што дури и моќта и силата се користат исклучиво како демонстрација на арогантност, а пропагандата нема идеја за долгорочно креирање на политики и насочување на македонското општество кон ЕУ. Владата на Мицкоски се откажа од ЕУ, само тоа не сака јавно да ни го каже, се плаши од реакциите во Македонија и надвор, посебно од потполното сопирање на европските пари кои многу ги сака. Така, својата политичка моќ и сила ја насочува кон дневна пропаганда. Во примената на таа дневна пропаганда некој ликови стануваат свесно или несвесно или пак толку им фаќа, жртви за одржување и покажување на туѓата моќ. Неразбирливо е претседател на држава заедно со новинар да оди во центарот на Скопје и да изигрува хигиеничар. Кој ли генијалец ја смисли оваа понижувачка ПР стратегија со која всушност ја понижи и личноста на Силјановска и институцијата Претседател на Македонија. Знам дека задолжените пропагандисти ќе објаснуваат дека тоа го правеле и во други држави политичарите, па зошто не и кај нас. Па затоа што ова со Силјановска не го правеа сите политичари. Пред да излезе Силјановска и токму со неа да се покажува моќта и силата на Мицкоски а најповеќе манипулацијата врз неа и преку неа и врз граѓаните, на оваа акција за чистење на центарот на Скопје требаше да присуствуваат и сите градоначалници со советите и општинската администрација, цела влада со државната администрација на чело со премиерот, а потоа и Силјановска. Нешто слично како денот на дрвото доколку се сеќавате, кога тоа беше државна активност во која учествуваа сите. Вака како што испадна, ненајавено, ad hock, сама Силјановска со Видиновски, испадна за потсмев на Силјановска. Ете, претседателот на државата немал работа па се симнал малку да зачисти по Скопје. Верувам дела некој намерно сакаше токму на ваков начин да ја искористи моќта, силата и пропагандата за да создаде соодветна основа за некои идни не така далечни собитија, повторно од личен лукративен интерес.
И секако, многу е важно да ја објасниме следнава појава која ни се случува пред наши очи. Моќта, силата и манипулацијата со македонските граѓани преку употребата на Овертоновиот прозорец може да ги видиме многу јасно низ постепеното (неколку месеци наназад по интензивно) испраќање политички пораки во јавноста, посебно кон нас Македонците низ една слободно ќе кажам перверзна тема. Имено, тоа е потпикнувањето во свеста на Македонецот – на македонските граѓани ,на некаква си квази политичка идеја за конфедерално обединување со некој од соседите. Замислете, при постоењето на ЕУ како меѓувладин сојуз на држави, нации и народи кои во рамките на ЕУ се рамноправни, кај нас се будат – намерно, идеи за некакви си конфедерални или федерални односи со соседите. Ова е јасно трасирање на пат за внатрешен конфликт во Македонија на сите нивоа, а посебно за интра-македонски конфликт. Аман, пак да се делиме на разни мани и фили и да се разнебитува македонското народно и секако национално ткиво. Токму умно смислено врз искуствата од пред повеќе од еден век. Нешто што беше незамисливо да се помисли а не пак спомене во јавноста сега се турка како нешто пожелно и дури и потребно за да опстоиме. Не се турка членството во ЕУ. Таа е нели фашистичка, соросовска, нео-либерална, глобалистичка, сатанистичка, дегенерична и незнам уште каква Европа, накитена со рашистички и анти Европски епитети. Но се турка на пример конфедерација со Грција (членка на таа нели никаква ЕУ). Или со Србија каде што повторно ќе бидеме Бановина во државно-правен поглед. Сега се турка таа идеја и во однос на Албанија (која треба да биде членка на ЕУ) и каде по автоматизам ќе станеме малцинство дури и во нашиот конфедерален божем северен државен простор, но уште повеќе што една ваква идеја во однос на Албанија ќе отвори простор за друг тип на конфликтност. Уште не сме слушнале таква идеја со Бугарија (која нели исто е земја членка на ЕУ), но тоа во моментов не е целисходно, Бугарија ни е најголемиот враг и доколку се протне оваа идеја во однос на Бугарија ќе мора да пропадне и да се разоткрие целата активност за намерно попречување на Македонија за влез во ЕУ и нејзино постепено уништување.
Основната цел на овие поговарања и политички пораки низ Овертоновиот прозорец, е на македонскиот народ да му се создаде чувство за неспособност да создаде и управува сопствена држава. Дека мора буквално да се потчиниме некому од соседите за да живуркаме некако. Токму да живуркаме, како и пред две стотини години, ништо ново за нас Македонците.
Е сега вратете се на тоа што ви го напишав погоре, дека го изгубивме супстрактот на капацитет за водење и градење држава. Ги изгубивме квалитетните луѓе на македонската нација кои се иселија надвор од државата. Токму тоа некој намерно го правеше со децении (во 1990 година пред 36 години, беше незамисливо да се помисли вакво нешто, а денес разно-разни креатори на јавно мислење и големи бизнисмени ни ја пласираат оваа идеја на еден исклучително перфиден начин. Намерно се прави за да низ Овертоновиот прозорец преку моќта, силата и манипулациите им се даде пропаганден простор на овие ликови и идеи и Македонија да престане да постои. Да бидеме само фуснота во европската историја.
На овие намерни постапки, изјави и тенденции нема јасен и децитен одговор-реакција од владата на Мицкоски преку инструментите на моќ, сила и манипулација, или пак негов личен став и осуда. Едноставно се премолчува. Зошто не реагира и СДСМ (кое јас го нарекувам умрено)? Токму СДС умрено, затоа што за вака сериозни манипулации и теми со анти македонска цел немаат реакција и тоа остра без дневно-политички и бизнис калкулации да не навредат некого.
Не може да има една нација мешана од две нации. Тоа мора да биде некоја нова нација. Според политичката теорија и пракса, нациите се вештачки политички творби сврзани и втемелени со државите во кои егзистираат. Токму тука е и основата врз која е изградена ЕУ како сојуз на рамноправни нации и тоа современи европски нации и држави. Оттука и се инсистира во ЕУ на почитување на Копенхагенските критериуми и правата на малцинства како заштита на народите во рамки на нациите, но и да се заштити државноста и самостојноста.
Сега да се запрашаме, дали тие кои ни зборуваат за заштита на македонскиот идентитет и ја употребуваат моќта, силата и манипулацијата од позиција на неприкосновена и апсолутна власт во Македонија, а молчат пред непристојните предлози за некакви си конфедерации и заеднички нации, навистина го штитат македонскиот идентитет? Или можеби преку Овертоновиот прозорец и моќта, силата и манипулацијата работат на спроведување на за македонските граѓани, пред се за македонскиот народ непозната агенда мотивирана од остварување на нивните лични лукративни интереси. Дали поради тоа вие заштитниците на македонскиот идентитет од Бугарите овој пат (во минатото истите не бранеа од Албанците и Грците и видовме како не одбранија – сега зборуваат за конфедерации), и маскирани противници на членството на Македонија во ЕУ, ја онеспособувате државата Македонија и македонскиот народ за нормален живот во ЕУ?
Ете драги мој, токму преку секојдневни примери ние сме соочени со негативна употреба на политичката моќ, силата и пропагандата. Активности кои треба да го реализираат Овертоновиот прозорец и да не натераат да го прифатиме тоа што во нормалниот свет – во ЕУ не е нормално, не е вредност и поведение на едно општество. Впрочем, зошто ни е ЕУ, нам ни е убаво вака со пејсажот кој го гледаме низ Овертоновиот прозорец и лажната моќ, сила и пропаганда која ја имаме на дело во големо недело врз Македонија – уништувањето на супстратот на македонската државност и одржување на македонската нација и народ.
Уште еден пример на злоупотреба на политичката моќ и сила поддржана од манипулација е не потпишувањето од страна на владата на Мицкоски во името на Македонија поддршката за формирањето на меѓународниот суд за човекови права и геноцид сторен во војната во Украина. Очигледно е дека владата на Мицкоски и самиот Мицкоски лажно ја поддржуваат Украина во нејзината праведна борба против руската агресија и окупација на дел од нејзината територија. Всушност Мицкоски јасно, но и јавно со оваа одлука го поддржува Путин сатрапот од Кремљ. Но никој во Македонија од тие што му аплаудираат на злосторникот од Кремљ нема да се запраша како би ни било нам доколку нешто слично и се случува на Македонија. Како што нема да се запраша како тоа ни се погоди ставот со Бугарија по оваа прашање. Каков колективно ограничен ум, погоден за спроведување на процесот наречен Овертонов прозорец.
Оливер Андонов