Каква тоа очигледна трансформација доживеа однесувањето на божем лидерството во нашата партија ВМРО-ДПМНЕ и тоа за само десетина дена, а како резултат на Април во Будимпешта. Едноставно, пример од учебници како реагираат луѓе кои немаат личен кредибилитет, автохтона политика и јасна идеја за Македонија а не пак про европска идеја, туку се потпрени на туѓи политики и нивна поддршка во спроведување на „своите“ политички агенди.
Доколку пред сам Велигден, Мицкоски организираше Велигденски ручек на Велика Среда во Страсната – Страдалната седмица и ни покажа колку многу е аздисан. Дотолку, му беа потребни 48 часа колку-толку да собере храброст од поразот на Орбан и да нешто каже во јавноста.
Но ајде да почнеме од аздисаноста и да ја објасниме. Пред да ни ја демонстрира истата низ Православната традиција, Мицкоски со цела една поголема делегација десетина дена пред изборите во Унгарија беше во официјална посета на Орбан и се вклучи во неговата предизборна кампања. Таа своја „големина“ и поврзаност со Орбан, како и тоа дека победата во Унгарија е решена работа во полза на Орбан, ни беше презентирана со сета сила и во аздисан манир на сезнајковска сигурност како свршена работа која се покажа јанл’ш.
Враќајќи се од Унгарија се ругаше на Православната Црква или поточно се ругаше на Христа и тоа во неделата пред Велигден кога на Велика Среда направи Велигденски ручек. Трагедија беше што на таа приватна и богохулна забава на Мицкоски присуствуваше Стефан – Архиепископ Охридски и Македонски. Обврска на Архиепископот е да биде глас на разумот и моралот (во овој случај и Православниот морал) во однос на целата нација, вклучително и во однос на премиерот – власта, бидејќи премиерот е на ограничена со мандат функција, а Архиепископот е доживотно Архиепископ. Но како се вели, секој со своите гревови, а Архиепископот и за гревовите или забегувањето на народот за кој ќе одговара пред Бога.
На крајот аздисаноста заврши на Велика Сабота со фалбата дека од Вторник ќе поевтинат горивата. Ова беше во контекст на тоа колку тоа Мицкоски се грижи за благосостојбата на македонските граѓани. Всушност тоа беше едноставен популистички потег при изразено геополитичко слепило и не следење на состојбите со развојот на војната во Иран.
Полни со надеж дека менторот Орбан ќе победи по петти пат по ред и со тоа ќе продолжи спроведувањето на политиките под патронат на Москва, дојде и денот на избори во Унгарија.
Секако, анкетите од предизборието во Будимпешта укажуваа на 14-15% водство на ТИСА пред ФИДЕС, но тоа не значеше двотретинска победа на Маѓар бидејќи Орбан во текот на своите 16 години неприкосновена власт ги смени законите и изборните правила. Таквите изборни правила не гарантираа голема победа на ТИСА, туку очекувањата беа разликата да биде не повеќе од 6 пратеници во корист на ТИСА. Во такви околности беа возможни две сценарија во Будимпешта: Првото, Орбан да формира влада со крајно десната политичка опција „Нашата татковина“, која има стабилно гласачко тело или од 6-10 патеници, со што би се поништила победата на Маѓар. Токму оваа опција и му беше кажана на Мицкоски, а бидејќи тој нема автохтона политика а не пак анализа на состојбите и никакви релевантни сознанија за случувањата во Македонија, соседството и регионот, а не пак во ЕУ или геополитиката, едноставно ги прифати овие информации како неприкосновено точни. Второ, онаа што не му беше кажано на Мицкоски беше планот во случај на победа на ТИСА за 1-2 пратеника повеќе од вкупниот број на пратеници на ФИДЕС и „Нашата татковина“. Тој план опфаќаше активности на лојалистите на Орбан во непризнавање на изборните резултати, масовни демонстрации и создавање хаос во кој нема да се предаде власта.
Тоа што сите не изненади, а особено Орбан и неговите сателити од Македонија и Србија, како и газдите во Москва е свесноста на Унгарците дека автократската про Кремљска политика во Будимпешта и нејзиното негативно влијание врз ЕУ и Западен Балкан може да се победи само со јасно изразена волја за потполна и драстична победа. Тоа и се случи, и токму тоа и ги остави збунети сите од спротивната страна. Браво за Унгарците кои покажаа дека се достојни наследници на своите демократски предци кои уште во 1956 година се бореа против Советската окупација, во исто време свесни за своите грешки, особено во поновата историја, а посебно за тоа дека се дел од ЕУ. Сигурно дека и Орбан ќе го сметаат за своја историска грешка, но мора да напоменам дека цивилизациската вредност да си полноправен член на ЕУ во секој случај доаѓаат до израз. Ова треба да биде очигледен пример за нас Македонците, дека ЕУ не ни е непријател туку ни дава огромни можности за создавање стабилна држава Македонија, со изградени демократски институции кои нема да зависат од волјата на владеачката гарнитура од било која политичка провиниенција да е.
Како што и ви напишав пред повеќе од еден месец во една моја колумна. Мицкоски ќе чека што ќе донесе Април во Будимпешта. И ете дочека, но не како што се надеваше. Токму тоа и го доведе во состојба на изгубеност, бидејќи сега нема да има поддршка од менторот, уште згора на се по 15-ти Мај кога Маѓар и официјално ќе ја преземе функцијата премиер, може да очекуваме европски истражители во Будимпешта. А тие може се и сешто да ископаат, не само соработката на Сијарто со Кремљ (впрочем затоа Сијарто уништува документи во неговото МНР), туку уште повеќе патот на парите, оние коруптивните. Трагот на парите несомнено ќе заврши и во Македонија, а потоа токму Мицкоски ќе мора да се објаснува во ЕУ. Не што ќе му се фатат објаснувањата, туку што ќе следуваат санкции, па како што ни ги укинаа ИПАРД и ИПА фондовите ќе ни укинат и многу други фондови што ќе значи недостиг на пари во буџет, а пари од други извори нема. Како што реков, падот на Мицкоски ќе биде врз социјална основа.
Сепак, оваа состојба треба да не освести нас од ВМРО-ДПМНЕ. Ете зошто ние како Внатрепартиска фракција се залагаме за демократизација на партијата, токму за да има секогаш алтернатива доколку една политичка матрица во партијата се покаже како погрешна да може да се изврши внатрешна промена на партијата и да се фати вистинскиот про европски правец. При тоа да не се палати висока политичка и друга цена. Впрочем поентата од случувањата во Унгарија и тресокот на Орбан не е тоа што се обидува да ни го прикаже празниот ПР – дека во Унгарија победиле десничарските партии, а левицата не влегла во парламентот. Тоа е вадење нож на мртов четник. Односно пресметка со СДС умрено кое служи како вреќа за боксување и забава за народ. Поентата не е во идеолошката поставеност на партиите во Унгарија, туку во про европската, демократска поставеност на унгарското општество и на Европа во целост. Маѓар и неговата ТИСА и досега беа дел од ЕПП, па Мицкоски никогаш не се сретна со Маѓар на било кој настан на ЕПП. Тој му остана лојален на Орбан и неговата политика која преку ФИДЕС (исклучена од ЕПП) ја спроведуваше во интерес на Москва. Така победата на Маѓар во Унгарија и Април во Будимпешта ја издигнаа ЕУ и демократијата на пиедесталот како основна и незаоѓачка вредност на Европа. Ете тоа се поентите и тоа треба нас да не освести како членови на ВМРО-ДПМНЕ.
Тоа што ќе се случува во партија и кој како ќе се однесува во опкружувањето на Мицкоски ќе биде интересно да се следи, посебно затоа што ќе биде прикриено и подземно. Но најпрво сите ќе му се додворуваат, а задкулисно ќе работат на неговиот пад, како и на меѓусебни поништувања во борбата за тронот. Во исто време, Мицкоски интензивно ќе работи на проверката на лојалноста на неговото опкружување заради личен политички опстанок. Но тоа не е се, затоа што по падот на Вучуќ ќе стане уште поинтересно доколку не се случат коренити демократски промени во нашата ВМРО-ДПМНЕ/
Сегашните обиди на Мицкоски да манипулира со јавноста и да ги намали штетите врз него и неговите погрешни политики по Април во Будимпешта, најпрво во однос на наглиот пад на доверба во него и неговата влада се само губење на време. Последен час е партијата да се демократизира и ревитализира за да може да земе нова енергија и да опстои. Но и да ја смени политичката парадигма и да тргне кон ЕУ. Вака како што функционира Мицкоски се е исто како онаа што го прави Вучиќ кој исто така е пред пад кој набргу ќе го видиме. Потоа ќе значи и пад на Мицкоски, но и на нашата ВМРО-ДПМНЕ. Тоа од што се плаши Мицкоски поради што и води толку силна но сепак глупава ПР кампања е стравот да не му се појави некој Маѓар од ВМРО-ДПМНЕ. А тоа му е пред очи, само што не сака да види…
Вториот голем проблем за Мицкоски е враќањето на Груевски. Мицкоски смета дека Груевски може да го ослаби и да му го доведе во прашање „лидерството“. Секако дека враќањето на Груевски па дури и како екстрадиција во Македонија за Мицкоски ќе биде голем проблем, или поточно веќе е кошмар. Едноставно ќе мора според важечките закони да го испрати на издржување на казна затвор која е правосилна и потврдена од Врховен суд, а тоа ќе значи поделба во партијата, а Мицкоски не знае колкава моќ, односно колку скриени приврзаници има Груевски во нашата партија ВМРО-ДПМНЕ кои на даден знак ќе му направат сериозен проблем на Мицкоски. И тука одговорот не е кај Мицкоски, колку и да се обидува (што би рекле во Крива Паланка – пењави) да се самоубеди и да ги убеди другите дека владата на Маѓар нема да го испорача Груевски. Одговорот на прашањето дали и кога Груевски ќе се врати или ќе биде вратен во Македонија е на друго место, не е кај Мицкоски. Дали Мицкоски ќе го разбере тоа е веќе нешто друго, ако може да види…
Доколку Мицкоски е способен да најде одговор на овие две прашања тогаш може и да успее да преживее, но и тоа – решението и преживувњето не е во негова моќ… Сепак Мицкоски избира да прави диверзии, па добива разни чувства (веројатно на сон) кој чувства последниве денови му се засилуваат (како да е на стимуланси) а истите некако го заобиколуваа изминативе скоро две години, но еве сега наеднаш му се развија и интензивираа. Незнам дали тоа чувство е подлабоко навлезено во минатото и ги опфаќа Црвенковски, Костов, Бучковски и Шеќеринска (како В.Д.) или е ограничено само на другарчето му Заев или пак на оној несреќен Ковачевски? Но како и да е, оваа глупава изјава само уште повеќе го разголи пред јавноста и ЕУ, поради што ќе има реперкусии. Особено имајќи во вид дека неговите претходни изјави беа исто така полни со авторитарни пораки, како: „додека сум јас премиер“, или „моја лична желба е“. Во нормална – демократска држава не е вообичаено премиерот да ги врзува политичките одлуки за својата позиција и себе лично или за сопствените лични желби, а уште помалку да биде портпарол на обвинителството па да најавува кој ќе биде апсен и прогонуван како негово лично чувство. Мислам дека Луке треба малку да се позанимава со неговите изјави и јавни настапи – доколку воопшто може да повлијае.
Ете така пред наши очи може да видиме како од аздисаност скоро преку ноќ се доаѓа до изгубеност, иако Мицкоски и понатаму се обидува да глуми величина. Тоа е проблем на нашите политиканти затоа што тоа не можат да го видат а ниту и да го разберат. Особено дека од моментот на доаѓање на власт времето ви тече наназад, односно ви се одбројуваат деновите. Затоа за нив е шок кога од една аздисаност и препотентност „настаните“ ќе ги доведат во состојба на изгубеност и не можат да ги видат патиштата или во овој случај патот за решение.
Згора на тоа, очигледно е дека Мицкоски нема личен дневен план за работа, а да не зборуваме за план за работа на Владата. Планот е како секојдневно да се слика на било каков настан (најчесто тоа се ситни локални настани) за да прикаже ПР дека божем нешто работи. Во основа планот е исклучиво хедонистички пристап кон власта, односно исклучиво уживање во нејзините бенефити. Тоа е сериозен проблем кој ни е пред очи, бидејќи како што еднаш реков, но сега веќе, Мицкоски го потроши мандатот за неполни две години – каков генијалец. Постојано ни зборува за СДС умрено, но никој (посебно слободните македонски медиуми) нема да го праша во секојдневните изјави по положување камен темелник на некоја локална доградба или увид на некакви локални градежни активности, што се случува со Алте Банка. Онаа Алте Банка на Мацура – пуленот на Вучиќ која одеднаш започнува енормно да расне во Македонија но не како банкарски бизнис туку како трговски конзорциум за се и сешто. Можеби Мицкоски ќе даде одговор на ова случување или можеби министерот за економија ќе каже нешто. Фабрики нема, развој на воена индустрија абер нема (едно Косово не претрка во развојот на современа воена индустрија), производство на храна минимално со тенденција за намалување, но Алте Банка влегува со трговски ланци. Ајде да видиме кога Мицкоски ќе се пофали дека отворил нови работни места во трговски ланци.
Сепак, тоа не значи дека состојбата во која се наоѓа СДС умрено, а во која се доведе токму од истите причини на аздисаност, после она што му се случи на Орбан, а посебно тоа што ќе се случува во Унгарија, треба да се гледа како нешто што може да му се случи само на некој друг, но не и нам од ВМРО-ДПМНЕ. Ние сме токму на тој пат драги мој сопартијци.
Доколку за нешто Христијан треба да има чувство (секако нема чувство за филинг) тоа е неопходноста од самосвест за минливоста на секоја власт. Но во недостиг на одговори на сериозните прашања а особено на реални и стратешки инфраструктурни проекти, ќе се занимаваме со чувствата на Мицкоски, а СДС умрено ќе се занимава со претпоставени истраги и нивни барања за истите. Ним им гори во дворот, а тие гледаат преку плотот кај комшијата како се сушат дрвата. Ами тоа е, за каква глава – таков брич. Потоа да не се чудиме кога на власта гледаат како на позиција за аздисување од која одеднаш „преку ноќ“ ќе се најдат во небрано и ќе се изгубат, а потоа ќе се обидуваат да се вадат од живиот песок. И не го карала Мујо мајка му зошто се коцкал – туку затоа што се обидувал да се вади. Ама и тоа не го разбираат, бидејќи се преокупирани со обидот да покажат дека не се изгубени и не се откажале од аздисаноста поради хедонистичкиот пристап кон власта која граѓаните им ја довериле.
Оливер Андонов

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *