Живееме во време кога преку разни медиуми ни се пласираат слики и наративи кои треба да влијаат врз нашето поимање на светот до степен на регулирање на нашите животи и прифаќање на одредено општествено-политичко однесување. Тоа се прави директно и највулгарно со директни лаги, особено овде кај нас во Македонија и тоа со само една цел, создавање на јавно мислење заради зачувување на политичката моќ, односно власта. И тоа би било нормално, доколку и сликите и наративите би биле жж во контекст на тоа како светот функционирал, функционира и ќе продолжи да функционира. Токму поради вака аутистичниот пристап кон пропагандата низ слики и наративи нашата власт изгледа најблаго кажано, смешно. Едноставно не убедуваат во работи, состојби и сознанија кои многу лесно може да се проверат од други извори, да се компарираат со сегашни и минати собитија, да се направат логични поврзувања и да се извлечат заклучоци. Тие заклучоци најмалку ќе бидат од полза на креаторите на лажните слики и наративи, токму спротивно, ќе ја намалат и така малата доверба во нивниот празен ПР, договорени пратенички прашања, договорени меѓусебни навреди заради забава на македонските граѓани и договорените божем кавги. А Македонија останува заглавена во лажни и пред се непотребни историски наративи, мачна сегашност и измислена божем иднина.
Во меѓувреме светот се менува и прилагодува кон новите собитија, новите политики врз основ на старите сојузништва и воспоставени начини на дејствување, учејќи од сопствените историски грешки со цел да не се повторат.
За кралските пораки и слики
Политички настан од светски размери и со светско влијание неделава, а веројатно ќе биде и настан на годината кој ќе има историско влијание е говорот на Кралот Чарлс III во Конгресот на САД.
Обраќање кое кај нас во Македонија помина како секојдневна вест и тоа зад наративите на нашите божем политичари. Без суштинска анализа на тоа што го изрече Неговото Височество Кралот, без анализа на пораките кои ги испрати не само до Конгресот на САД, туку и до Претседателот на САД Трамп, без слушање на пораките кои ги испрати до целиот свет, а посебно до Европа и САД како сојузници. Немаше дури ниту анализа на сликите од Конгресот кои исто така испратија силни пораки.
Пораките на сликите од Конгресот беа слики на воодушевување и целосна поддршка на членовите на Конгресот на САД за тоа што го рече Кралот Чарлс III и тоа пред потпретседателот на САД Венс. Поддршката не дојде исклучиво и само од членовите на Конгресот од Демократите, туку и од Републиканците. На тој начин изречените пораки и низ слика добија поголемо значење. Значење кое нема да може да се игнорира.
Говорот на Кралот можеме да го оцениме како историски и исклучително интересен, со несекојдневен пристап кон членовите на Конгресот, односно како пристап кон Претседателот и потпретседателот на САД, но најмногу како пристап и обраќање кон Американската нација. Низ еден релаксиран пристап како што доликува на едно кралско достоинство и второ миропомазание (за оние кои не знаат или заборавиле, при крунисувањето Кралот Чарлс III беше миропомазан со миро кое му го испрати Патријархот на Ерусалим), Кралот помалку низ шега, но и низ една историска ретроспектива ги потсети Американците и Европјаните, но пред се и целиот свет на клучните моменти на сојузништво помеѓу САД и Обединетото Кралство и Европа.
Обраќањето на Кралот во контекст на современиот свет и сите негови проблеми беше исклучително јасен, особено повторно во однос на сојузништвото, на улогата на големата Република САД и Американската нација и одговорноста на цивилизирана современа Европа низ сојузништво со САД за иднината на целиот свет.
Осврнувајќи се на геополитиката, Кралот јасно ја нацрта иднината на светот и тоа низ призмата на воспоставените основи на улогата на транс-атлантското сојузништво и утврдената филозофија на христијанска Европа како историско наследство кое и географски се простира од САД преку цела Европа се до Валдивосток.
Кралот покажа дека Империјата на незоѓачкото сонце суште е силно функционална и присутна во светската политика, пред се како обединувачки фактор на Европа и САД и тоа преку него и неговото величество лично.
Можеби од оваа кратка анализа на говорот на Кралот Чарлс III, во која не влегуваме во длабинско разгледување на се што кажа Неговото Величество и поврзувањето со историските собитија, како говорот на Кралицата Елизабета II, улогата на неговите предци и неговиот дедо Кралот Џорџ во односите со САД, а особено воодушевувањето од членовите на Конгресот на САД и повторно достоинствениот но лежерен начин на обраќање кој низ сликите, наративот и овациите јасно стави до знаење дека претставниците на големата американска нација имаат огромен респект и почит до воодушевување кон Неговото Величество Кралот Чарлс III, Преку тоа Американците покажаа голем респект кон Обединетото Кралство, но и кон Европа и кон целокупното нејзино, но и Американско културно-историско наследство кое е несомнено цврсто поврзано без оглед на однесувањето на политички поединци кои се всушност искушение за сојузништвото.
Потполно сум сигурен дека сликите и наративите од говорот на Кралот во Конгресот на САД, може дефинитивно да се определи како историски со огромно влијание врз светската (и секако на прво место Американската политика), но пред се во однос на обновување на сојузништвата кои беа доведени во прашање последнава година и малку повеќе.
Кралот покажа низ слики и наративи како настапува еден суверен кој е наследник на голема историска меморија и искуство и кој многу добро ја разбира геополитиката, улогата на државите, филозофијата на европското битисување и минливоста на политичките, а особено политикантските гарнитури за разлика од сериозните геополитички пристапи на длабоко мислечките луѓе кои ја познаваат историјата, разбираат сегашноста и можат да ја креираат иднината. Иднината не само на сопствените држави туку на региони и на светот.
За нашите историски слики и наративи
За разлика од сликите и наративите кои ги упати Кралот Чарлс III од говорницата во Американскиот Конгрес, дури и оние од историјата поврзани со Американската револуција од 1776 година и заедничкото (Американско-Британско) одбележување на 250 годишнината од создавањето на САД, нашите политиканти се уште стојат заробени во историјата. Заробеници кои во заробеништво ја држат целата македонска нација. Тоа го прават исклучиво тенденциозно, селективно кон поедини народи, историски прашања и собитија, бидејќи во исто време комуникацијата со криминални структури токму од тие народи не им пречи, но тоа не е за јавност, односно тие слики не смее да ги види македонскиот граѓанин. Затоа е добро да му се создава магла со избрани сликички, по можност матни придружени со непријателски наративи.
Тука се поставуваат многу прашања. Посебно во контекст на упорното подигање на темата и со тоа и тензијата со Бугарија и нејзината улога во Втората Светска војна. Не е никакво откритие дека Бугарија под владата на Богдан Филов била фашистичка и дека го потпишала пристапувањето на Бугарија кон Тројниот пакт. Основачи на Тројниот пакт се Германија, Јапонија и Италија, за што сметката ја платила на Париската мировна конференција 1946 година и децении подоцна под Советска принудна управа. Но денес не гледам дека некој во светот кон било која од потписничките на Тројниот пакт се обраќа како кон фашистички или окупаторски држави. Дури ниту нашите креатори на слики и наративи не ги споменуваат Германија и Италија како окупатори, тоа место е резервирано исклучиво за Бугарија и тоа во домашниот наратив. Резервирано е затоа што лажните и непомирливи слики и наративи имаат потреба Бугарија и во современ историски контекст да ја престават како фашистичка и окупаторска држава а со цел да можат да измислуваат и создаваат наративи на оправдување зошто Македонија е заглавена во погрешни и не целисходни историски ретроспективи и надвор од современите европски политички тенденции и пред се развој.
За да ви биде појасно за што пишувам драги мој читатели, посебно сопартијци, би ве замолил кога станува збор за определување на историските слики и наративи и нивно прифаќање во современието да размислувате низ призмата поставувајќи си ги следните прашања:
1.Дали Турците господареа – владееа со Македонија цели петстотини години? Дали нашите предци дигаа безброј буни и востанија против тогашната турска власт? Дали беговите, агите и турската власт ги „малтретираше“ нашите предци? До кога тоа траеше? До пред едвај ли 125 години. Дали денешна Турција ја мразиме? Дали денешна Турција е наш стратешки партнер и сојузник во НАТО? Дали Турција и помага на Македонија на секаков начин? Дали Турција има свое малцинство во Македонија? Дали имаме колективни негативни чувства кон турското малцинство во Македонија кое е дел од Уставот на државата? Дали сеуште пееме песни за јуначката борба на комитите против Турците? Дали на Турција во официјалните комуникации постојано им кажуваме дека биле окупатори-поробувачи на Македонија?
2.Дали денес кога наши граѓани одат да работат и да живеат во Германија и Италија зборуваат со Италијанците и Германците за тоа дека се фашисти-нацисти, окупатори? Дали нашата политика, односно нашите политиканти кога разговараат со Италијански и Германски политички претставници бараат од нив да се оправдуваат, отчетуваат за историските собитија од Првата и Втората световна војна?
3.Дали улогата на другите наши соседи секогаш била коректна кон нас низ историјата? Дали не сме биле поробувани од разни завојувачи, па дури и Австријците во 1689 година? Дали Пиколомини го запали Скопје? Како тоа денес не им се лутиме на Австријците, туку нашите политиканти со задоволство одат во Виена да ги развиваат билатералните односи и да направат некој бизнис? Не им се мислете многу, одат и во Софија, но тајно за да и таму развијат по некој бизнис.
4.Дали на светот постои некоја нација – народ кој во својата историја немал некоја темна историска епизода, односно да бил на погрешната страна на историјата? Што е со Србија во рамки на југословенските војни? Што е со Унгарија во времето на Хорти и окупацијата на дел од Војводина и Барања во Втората Светска војна? Таа Унгарија која 1956 година востана против СССР, таа Унгарија во која нели до пред еден месец се колневме на вечна дружба, а сега не знаеме како ќе ни продолжи таа дружба. Таа Унагарија во која некои наши политиканти сега одат инкогнито за да спасат што може да се спаси. Каква е денешна Унгарија? На Хорти – фашистичка? Не слушнав дека Мицкоски го поставуваше тоа прашање кон Орбан? Комунистичка од 1948 година кога на границата со Југославија имаше најмногу инциденти и загинати југословенски граничари? Онаа побунетата од 1956 на Имре Наѓ или онаа од осумдесетите години од минатиот век кога заедно со сите Источно Европски земји доаѓаа во тогашна Југославија. Можеби ја сакаме Унгарија од времето на Орбан која денес чекори кон промени за кој ние најмалку знаеме што конкретно ќе донесат?
Што е со Романија под Антонеску како дел од Тројниот пакт која војуваше на Источниот фронт? Дали и за неа ќе размислуваме како за фашистичка? Можеби за Словачка под Тисо како фашистичка од 1938 до 1945 година или за Словачка под Фицо од 2023?
Односите кон државите не се градат низ дневно политички потреби од градење наратив и репродуцирање на слики од минатото, туку врз идната перспектива и пред се врз основ на нашата политичка визија. Визија која во Македонија ја немаат оние кои владеат како и оние пред нив. Нивната визија е исклучиво насочена кон сликите и наративите за што подолго останување на власт како средство за лично богатење а не како инструмент за реформи во општеството и вклучување на Македонија во современите трендови како сигурен партнер во НАТО и ЕУ.
За современите слики и наративи
Додека Кралот Чарлс III зборува за новите сојузништва и современиот свет во рамките на европската филозофија и транс-атлантските врски, нашите политиканти ни прикажуваат слики како вршат увиди на катни гаражи за дури 200 возила и кажуваат наратив за тоа како ЕУ само што не банкротирала. Доколку не утре, ами тоа за десетина година, поради што нашите иселеници од оние фашистички земји уште денес почнале масовно да се враќаат, бидејќи ние ќе сме преживееле. А да се запрашаме, од чии фондови живееме и каде географски се наоѓа Македонија? Се прашувам само дали овие слики и наратив се резултат на лична глупост, политичка заблуденост и заробеност во руско-српскиот наратив или тресење глупости само за да се каже нешто. Ќе да е некаква комбинација, посебно доколку ги знаеме руско-српските наративи за тоа дека ЕУ само што не се распаднала и тоа распаѓање на ЕУ трае еве цели 30 и повеќе години. Години во кои ЕУ никако да се распадне, туку се проширува, засилува и успешно соочува со сите предизвици кои ги решава. Европските држави напредуваат и тој напредок е видлив во секој поглед од инфраструктура, економија до лична благосостојба на граѓаните на земјите членки на ЕУ. Таа благосостојба може да се види и забележи во начинот на живеење, во конзумацијата на квалитетни стоки, во функционалноста на државната администрација, во буџетите на државите, во облекувањето на луѓето, целокупниот стандард и пред се во спокојството кое го живеат. Тоа е одлика на цивилизациско достигнување повторно поврзано со европскиот историско-филозофски пристап кон сојузништвата. Сојузништва од кои нашите властодржци бегаат. Бегаат затоа што во тие сојузништва нема место за навредливи историски наративи и тоа 100 години по Втората Световна војна кога нема веќе ниту живи учесници во војната или истите може да се избројат на прсти.
Затоа нас ќе не занимаваат со погрешни слики и наративи, додека светот ќе се занимава со слики и наративи за напредок и сојузништва. Ние ќе треба да си дадеме одговор зошто далекуводното поврзување со Албанија (далекуводот Елбасан-Битола) се „гради“ по втор пат и зошто премиерот се фали со тоа и што се се крие зад оваа будалаштина. Ние ќе се занимаваме со „распадот“ и „банкротот“ на ЕУ и ќе гледаме фатаморгана од наплив на наши сонародници кои се враќаат во Македонија. Ние ќе мразиме според потребата на креаторите на домашните слики и наративи. Во меѓувреме додека живееме во некоја измислена реалност токму Бугарија, а наскоро и Албанија ќе бидат далеку пред нас во нивниот општествен развој. Дали некој во Македонија драги мој читатели, дали вие се прашувате, како тоа влијае врз општествената свест, самосвест, патриотизам, и целокупен развој преку нашето членство во ЕУ?
Токму Кралот Чарлс III испрати порака и до нас Македонците, бидејќи и ние сме европска нација и нашето место е несомнено во евро-атлантските сојузништва, надвор од темните ходници на балканската историја. Но како љубители на историјата, особено на онаа иделизираната посебно преку СФРЈугославија, за крај би ве прашал едно прашање. Прашање преку чии одговор ќе можете да дојдете до одговор кој нема да го врзувате со наративот и сликите кои што тенденциозно ви се преставуваат.
Дали македонските граѓани, Македонскиот народ, подобро живееше во Југославија како држава од 22-23 милиони население?
Замислете како ќе живееме во Европската унија и низ сојузништвата во ЕУ и НАТО во „држава“ која има над 500 милиони жители. Унија која врз основ на благосостојбата на нејзините граѓани и почитување на народносната и националната посебност ги поддржува културните посебности на секого, а воедно токму врз научените лекции од европската историја и потпирајќи се врз европската филозофија го гради заедничкиот европски сигурносен идентитет. Сигурност која не подразбира исклучиво одбрана и сигурност, туку има сеопфатно разбирање на сигурноста и која има посебен пристап кон сојузништвата и нивната вредност за Европа, САД и целиот свет.
Сепак Кралот е Крал, затоа е Крал, миропомазана глава, за разлика од нашите политиканти и невешти создавачи на простачки и ограничени, лажни слики и наративи, врз чии глави има помалку или повеќе путер.
Оливер Андонов